Пред судската разврска на „Рекет“

Нови аудиоснимки, Мицкоски и Кичеец разговараат за локалните избори во Охрид

На Јутјуб канал (Facts and Figures) се појавија четири аудиоснимки со разговори на кои се претпоставува дека разговараат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, обвинетиот во случајот „Рекет“ Зоран Милески-Кичеец и едно женско лице. За ВМРО-ДПМНЕ тука нема ништо спорно, а за СДСМ вистината денеска силно излезе на виделина.

Според содржината на разговорите, се претпоставува дека биле водени во периодот пред претседателските избори минатата година, кога се одржаа и избори за градоначалник на Охрид.

На првата снимка, гласот за кој се претпоставува дека е на Мицкоски, тој раскажува за негов престој во Охрид за време на кој дури го посетил и изборниот штаб на СДСМ, каде што му биле дадени и пропагандни материјали.

 

На втората снимка, гласот што наликува на Зоран Милески-Кичеец зборува за состојбата на терен во Охрид пред изборите и заклучува дека резултатот од изборите за градоначалник на Охрид ќе бидат тесни и дека сигурно ќе има втор круг. Кичеец зборува и за некој Бено, влијателен меѓу Египќаните во Охрид, кој бил незадоволен од она што досега Мартин Протуѓер и поранешниот охридски градоначаник Бакрачески го направиле за нив, па „тие се свртеле кон СДСМ“. Мицкоски вели дека во вториот круг ќе мора да се направи нешто.

 

На третата снимка гласот на Мицкоски вели дека по 21 април многу работи ќе бидат поинакви и дека некои нема да имаат така мирна совест. „Тебе не треба никој да те побара. Јас и ти треба да имаме директна комуникација, не преку Петко, Трајко, Станко. Сѐ што договаравме, треба јас и ти да договораме“, наводно му вели Мицкоски на Кичеец. „Јас сум претседателе човек извршител. Мене кога ќе ми дадете задача, ќе ја извршам. Јас сум таков“, вели Кичеец споменувајќи можна средба на Мицкоски со Орце Камчев.

„Или ќе имаме лош резултат и ќе нема потреба од мајски преврат и самиот ќе си заминам или ќе имаме добар резултат и нема да биде ништо исто во ВМРО-ДПМНЕ“, вели наводно Мицкоски, во последната снимка од разговорите со Кичеец.

Претседателските избори и изборите за градоначалник на Охрид се одржаа на 21 април 2019 година. Актуелен градоначалник на Охрид е Константин Георгиевски, член на СДСМ.

Од разговорите може да се заклучи дека Мицкоски и Кичеец соработувале и претходно, а Кичеец за себе вели дека е само добар извршител.

Кичеец ја потврдува автентичноста на снимките. Зоран Милески Кичеец за А1 он, вели дека имал повеќе состаноци со Христијан Мицкоски и дека се сретнал и на 14 април минатата година.

На ова денеска реагираше и генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски: „Вистината денеска силно излезе на виделина, граѓаните на крајот  дознаваат се. Потопени се сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ, кои упорно, една година се пласираат од скапиот бел дворец, за случајот познат како „Рекет“. Граѓаните денеска слушнаа како Христијан Мицкоски имал средби, разговори и директна соработка со Зоран Милески-Кичеец, сега веќе осудено лице во случајот познат како „Рекет“. Мицкоски  ја лажеше целокупната и  целата јавност дека немал никакви средби со Зоран Милески. Мицкоски и Кичеец, активно и директно комуницирале, очи в очи, на средби но и преку телефон. Кичеец бил извршител на Мицкоски и одбработувал за ВМРО-ДПМНЕ. Активно ја помагал ВМРО-ДПМНЕ и работел  во функција на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски го ангажира Кичеец во изборни цели за претседателските и локалните избори во Охрид во 2019 година“, рече Николовски.

Од ВМРО-ДПМНЕ снимките ги оценија како „лов во матно“: „Нема што било незаконски во објавеното аудио. Очајни се обидите на Зоран Заев и СДСМ да го свртат вниманието на јавноста од вистинскиот рекет и вистинскиот криминал на чие чело седи Зоран Заев. Доколку има што било инкриминирачко во снимките кои ги објави Зоран Заев тогаш ги повикуваме надлежните органи да преземат веднаш активности. Во спротивно, тоа ќе биде уште една клевета на Зоран Заев и лажно обвинување“, велат од партијата на Мицкоски.

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе