Почна седницата на Собранието за избор на нов владин кабинет

Новата влада ќе има целосен легитимитет и не бараме 100 дена грејс-период, рече мандатарот Ковачевски

Во Собранието на Македонија во 11.30 часот започна седницата на која единствената точка во дневниот ред е избор на нова влада, на чело со новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски. Во своето обраќање пред пратениците мандатарот Ковачевски рече дека врз основа на народната волја е формирано ново парламентарно мнозинство и дека, како што нагласи, новата влада ќе има целосен, формално правен и институционален, како и политички легитимитет. Тој најави дека нема да преговара за идентитетот на македонскиот народ, ниту за македонскиот јазик.

Граѓаните се уморни поради големиот број проблеми, особено со пандемијата и енергетската криза и тие помалку веруваат во политичарите, рече Ковачевски и нагласи дека решението на проблемите не е во нови избори затоа што, како што нагласи, граѓаните се уморни од изборни процеси и сакаат решенија од одговорна влада.

Тој најави дека нема да се губи време туку дека веднаш и напорно ќе се работи за решавање на проблемите.

„Имаме шанса во период од 2,5 години да се посветиме на реалните проблеми на на граѓаните, на компаниите, да ја зголемиме вработеноста и да испорачаме резултати во борбата со криминалот и корупцијата. Наша обврска е да не се купуваат билети за отселување од Македонија, туку да ги ангажираме работно граѓаните, но и да го модернизираме здравството и образованието“, рече Ковачевски.

Тој најави зголемување на странските и домашни инвестиции и нагласи дека ќе направи интервентен план за поддршка на населението, за справување со последиците од пандемијата и енергетската криза. Примарно е да се задржи стандардот на граѓаните, рече Ковачевски, најавувајќи раст на минималната плата, како и на пензиите што ќе биде еден од првите потези на неговата влада.

„Клучна цел на економската политика на Владата ќе биде креирање поголем и одржлив раст на економијата и пораст на БДП со удвојување на стапките на економски раст на среден рок и тоа од 2,5%, на 5% просечен раст“, рече тој.

Ковачевски нагласи дека Владата ќе обезбеди стабилност во енергетскиот сектор и обезбедување на дополнително домашно производство на струја со цел енергетско осамостојување на земјата. 

Врвен приоритет, рече, е изградбата на Коридорот 8, кој неоправдано доцни со децении. Поврзувањето исток-запад, со Албанија и Бугарија претставува стратегиска обврска и фокус на Владата до 2024 година, нагласи Ковачевски.

Мандатарот изрази поддршка на концепцијата „Едно општество за сите“ и додаде дека Преспанскиот договор е нова додадена вредност на македонската демократија.

Ковачевски рече дека со членството во НАТО е обезбедена сигурност на државата, а дека интерес останува членство во Европската Унија“. Осврнувајќи се на проблемот со Бугарија тој рече:

„Историјата е за историчарите, но идентитетските прашања се темели на народот и државата. За Владата нема дилеми, никој  нема да преговара за идентитетот на македонскиот народ и за историски и научно потврдена специфичност и уникатност на македонскиот јазик. Преговорите со Бугарија ќе продолжат и ќе продоложиме да ги раззвиваме добрососедските односи“.

Тој оцени дека Владата на Зоран Заев ја придвижи Македонија напред, како на домашен, така и на меѓународен план.

Ковачевски упати и порака дека никогаш нема да ги дели ниту граѓаните, ниту министрите на „ваши и наши“. 

„Доста им е на граѓаните од препукувања низ партиски соопштенија. Промени мора да има во политиката, затоа што народот очекува решенија. Политичарите мора да разговараат и да слушаат пораки. Мора три пати да мериме, еднаш да сечеме. Ќе разговарам со опозицијата, со интелектуалците, со сите кои можат да дадат придонес за нашиот заеднички дом. Секако, најголема е одговорноста на Владата. Парите не се на Впадата, туку на граѓаните и ќе управуваме одговорно. Не смееме да почнуваме со работа секогаш од почеток, туку да продолжиме со работата“, рече Ковачевски.

„Немаме време, мора да се работи и не бараме 100 дена грејс-период за новата влада заради запознавање со проблемите, влегуваме во жарот на проблемите“, нагласи мандатарот Димитар Ковачевски.

П.Џ.

Нема простор за двоумење и губење време, затоа Македонија и Бугарија треба да соработуваат што е можно поскоро за да најдат јасен јазик за разбирање, во процес кој би бил следен од ЕУ, Вашингтон и ОН.

повеќе

Наместо да ги повлечат тужбите против воените инвалиди и членовите на семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили, МВР отиде дотаму што поднесе тужби дури и против членовите на семејствата на загинатите полицајци со законска камата да ја вратат земената оштета.

повеќе

Платформата е формирана на 9 мај 2018 година во рамките на проектот на УСАИД, во која се вклучени 4 комори за да се зајакне јавно-приватниот дијалог во процесот на подготовка на донесување закони и други прописи поврзани со работењето на бизнисот.

повеќе