Нова статистика

Нов „балансер“ со 31,5% вработени Албанци во администрацијата, реагираат статистичарите и политичарите

Министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити изработи нов „балансер“. И покрај укажувањата од Државниот завод за статистика тој деновиве до институциите испратил писмо во кое вели дека планот за вработувања за наредната година е да се достигне процентот од 31,54 отсто вработени Албанци. Уште во август од Државниот завод за статистика укажаа дека од последниот попис треба да се користат податоците за резидентното население на Македонија, а не и бројот на државјаните кои живеат во странство.

Според новиот „балансер“ во државната администрација треба да има 31,54 отсто Албанци, а не 24,3 % колку што е процентот на Албанците кои живеат во Македонија, резидентно население. До бројката 31,54 Алити дошол откако ги собрал сите попишани Албанци (24,3 отсто кои живеат во Македонија и 5,2 отсто Албанци од дијаспората). На оваа бројка тој уште додал 2 проценти, Албанци кои според негова проценка се дел од оние 7,2 отсто кои го бојкотираа пописот. Според новиот „балансер“, сега во сите министерства, државни и јавни институции треба да има 57,92 Македонци, 31,54 отсто Албанци, 4,25 отсто Турци...

Балансерот треба да се измени и препорачаните проценти за новите вработувања треба да се намалат, велат од ДЗС.

„Единствена валидна категорија е резидентно население и тоа е согласно сите стандарди на ОН кои важат за сите земји во светот и ги прифати и Евростат. Ние како земја, категоријата нерезидентно население одлучивме да ја попишуваме затоа што имаме проблем со емиграцијата и тие податоци да се искористат за да се креираат политики да се намали емиграцијата и евентуално да се вратат луѓе, ама не може тие да бидат дел од никаква друга категорија население“, изјави Симовски“, изјави во август директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.

Иако за овој став Министерството за информатичко општество и официјално било информирано од ДЗС уште во август, деновиве Владата не реагира на ваквиот обид на министерот Алити да воведе нов процент во „балансерот“. Владата само укажала дека треба да се тргнат од секаква пресметка тие 7,2 отсто непопишано население, но нема против да се пресметува дијаспората со што процентот на Албанци во администрацијата ќе биде 29,52 отсто. Ваквата пресметка е спротивна на Законот за вработените во јавниот сектор, според кој распределбата на бројот на новите вработувања по припадност на заедница се прави според податоците од последниот попис на населението кои живеат на територијата на Македонија.

Според пописот спроведен лани во септември, во Македонија живеат 58,44 отсто Македонци, 24,3 отсто Албанци, 3,86 отсто Турци, 2,53 отсто Роми, 1,3 отсто Срби, 0,87 отсто Бошњаци и 0,47 отсто Власи. 132.260 граѓани, или 7,2%, се попишани од административни извори и тие не влегуваат во процентите на националности. Во дијаспората попишани се 66,36 отсто Албанци и 24,45 отсто Македонци.

Фатмир Битиќи, вицепремиерот за економски прашања во август изјави дека можеби е дојдено времето да се однесуваме европски и наместо да гледаме низ балансер, да гледаме мерит системот да влезе во јавниот сектор. „Сите на крајот на краиштата покажуваме со прст кон оние кои не обезбедуваат доволно услуги кон нашите граѓани. Ова е мој личен став, но и со почетокот на преговорите со ЕУ, доаѓа време после 20 години на постоење на балансерот да влеземе во нова ера. Овие преговори со ЕУ треба да бидат доволен поттик за сите нас кои сме на јавни функции да зборуваме за примена на мерит системот наспроти некои проценти. Ќе отвориме дискусија. Всушност и во стратегијата за едно општество за сите усвоена пред три години се зборува и за тоа напуштање на концептот на балансерот", изјави Битиќи.

За примена на мерит системот како принцип на вработување и напредување во јавната администрација според системот на квалификации, знаење и заслуги, денеска се заложи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој рече дека етничката припадност не е професија.

А.Д.

 

Самата идеја на странските директни инвестиции е да донесе нови вработувања со повисоки плати кои треба да ги исплаќа странскиот инвеститор.

повеќе

Треба да се размисли за тоа дека сите предлози и промени кои доаѓаат од Брисел, не можат ефикасно да се применат и во Македонија и да се дејствува во правец на благосостојба на граѓаните, а не само на профитите.

повеќе

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе