Њујорк тајмс: Американските шпиони и невидливата дипломатија открија руска субверзија во македонскиот референдум

Американците во јуни пресретнале комуникации што покажуваат дека Савидис работел како руски канал за поткопување на договорот меѓу Грција и Македонија.

Со години, Иван Савидис е човек на Кремљ во Грција.

Грчко-руски милијардер, поранешен член на руската Дума и сопственик на грчки фудбалски тим, Савидис беспрекорно се движеше меѓу спортските светови на двете земји. Тој е вмешан во навидум секој аспект на животот во Солун, грчкиот пристаништен град во кој живее, и е добро познат играч во често раскараниот свет на грчките и руските олигарси, вели Њујорк тајмс.

Сето тоа го направи предмет од голем интерес за американските шпионски агенции.

Американски функционери велат дека во јуни пресретнале комуникации што покажуваат дека Савидис работел како руски канал за поткопување на договорот меѓу Грција и Македонија, вели весникот.

Американските функционери на тоа реагирале со невообичаено агресивен потег: ѝ ги предале доказите на левичарската грчка влада на премиерот Алексис Ципрас. Грчката влада, невообичаено во односите со Москва, одговори со протерување двајца руски дипломати од Атина и забрана за влез на уште двајца.

Американските шпиони и дипломати се воодушевени, вели весникот, за нив разоткривањето на Савидис и протерувањето на дипломатите се ретка победа во напорите за борба против руските дезинформациски кампањи во Европа и во САД.

„Возвраќаме и покажуваме дека и ние можеме да играме немилосрдно“, изјави Кристофер Р. Хил, поранешен амбасадор на САД во Македонија. „Можеме да поткажуваме, можеме да правиме работи што можеби во минатото не ги правевме“.

Кон крајот на минатата пролет, вели Њујорк тајмс, Американците забележале дека Македонија е веројатна цел на влијание на Русија бидејќи Москва не е задоволна од договорот меѓу Македонија и Грција. На конференцијата во Атина три дена по договорот, еден врвен руски дипломат даде остри предупредувања до Западот за плановите за покана на Македонија во Алијансата.

„Секако, ние нема да фрламе нуклеарни бомби“, изјави Владимир А. Чижов, рускиот амбасадор во Европската Унија. „Но“, додаде тој, „постојат грешки за кои има последици“.

Заканата на Чижов доведе до серија дипломатски преписки до Вашингтон од Џефри Р. Пјат, американскиот амбасадор во Грција, кој беше на истата конференција, предупредувајќи дека Москва ќе се обиде да го спречи претстојниот референдум. Стејт департментот, ЦИА и Европската команда на Пентагон, со седиште во Штутгарт, Германија, веќе се занимаваат со случајот, рекоа официјалните претставници.

Дотогаш, во Македонија веќе се појави противење кон референдумот. Во текот на летото се појавија стотици нови веб-страници со кои се бараше бојкот на гласањето и фејсбук-постови што ги повикуваа Македонците да ги запалат своите гласачки ливчиња - класични дезинформации, во режија на групите поддржани од Русија, велат македонски и американски официјални лица.

На денот на договорот имаше и насилни протести пред зградата на Парламентот во Скопје.

Савидис со години е во радарот на американските и грчките разузнавачки агенции како член на партијата на Путин, Обединета Русија, кога беше во Думата, долниот дом на Парламентот, и зграби богатство првично направено преку една руска тутунска компанија со голем број интереси низ северна Грција.

Како сопственик на грчкиот фудбалски тим ПАОК ФК во Солун, тој годинава упадна на теренот за време на натпревар против еден атински тим, вооружен со пиштол и опкружен со телохранители. Играчите од Атина го напуштија теренот поради загриженоста за својата безбедност и натпреварот беше прекинат.

Во јуни американските официјални лица од следењето на неговите комуникации - електронска пошта, текстови, телефонски повици или комбинирано - заклучија дека тој ги плаќал демонстрантите.

Еден висок официјален претставник на САД изјави дека американските агенции лесно успеале да соберат финансиски податоци што покажуваат дека Савидис стои зад исплатите на граѓани и фудбалски навивачи да поттикнат насилство против референдумот во Македонија.

Според Проектот за известување за организиран криминал и корупција, организација за истражувачко известување, Савидис им платил најмалку 300.000 евра на противниците на кампањата за преименување на Македонија.

Овие исплати биле извршени преку над десет македонски политичари од разни партии, членови на неодамна основани радикални националистички организации и фудбалски хулигани од клубот Вардар, кои учествуваа во неодамнешните немири, вели ОЦЦРП.

Савидис жестоко ги негираше обвинувањата. „Сосема неточно и многу клеветничко“, рече неговата холдинг-компанија во изјавата минатото лето.

Предавањето на американскиот разузнавачки извештај до грчката влада во почетокот на јули му се паднало на Пјат, искусен американски дипломат, кој е амбасадор на Вашингтон во Атина веќе две години, рекоа неколку американски функционери. Пјат беше добро подготвен за таквата улога, служејќи како амбасадор на САД во Украина од 2013 до 2016 година, кога Русија го зазеде Крим и ги поддржа сепаратистичките сили во источна Украина.

„Нема трик што Русите можат да го повлечат, а Пјат не го знае“, изјави во едно интервју сенаторот Кристофер С. Марфи, демократ од Конектикат и член на Комитетот за надворешни односи. Марфи рече дека разговарал со Пјат за вмешаноста на Русија во референдумот во Македонија, но одби да даде коментар за деталите на нивните приватни разговори.

Но предавањето на информациите до грчкиот премиер било една работа. Дали тој ќе дејствува врз основа на нив, во никој случај не било сигурно.

Премиерот Ципрас, кој одби да му се приклучи на остатокот од Европа во поддршката на Велика Британија во обвинувањето на Русија за нападот со нервен агент врз поранешен шпион, доаѓа од политичка партија со историски добри односи со Москва. Сепак, одлуката за преземање постапки против Москва ја олеснил трудот што Ципрас го вложил за да го прекине 30-годишниот ќор-сокак со Македонија, и тој не сакал да дозволи Русија да го расипе тоа.

На 11 јули Ципрас се скара со Москва. Неговата влада ги протера двајцата дипломати и им забрани на двајца други Руси да влезат во Грција, обвинувајќи ги дека се обидувале да поткупат неидентификувани функционери и да поттикнат протести против договорот со Македонија.

„Постојаното непочитување кон Грција мора да престане“, соопшти грчкото Министерство за надворешни работи. „Никој не може и нема право да се меша во домашните работи на Грција“.

Москва подоцна соопшти дека возвраќа со протерување грчки дипломати.

Неколку моменти откако Атина објави дека ги протерува Русите, американскиот амбасадор, Пјат, триумфално им испрати мејл на неколку колеги и поранешни колеги во Стејт департментот и во Пентагон.

Американската улога во грчкото протерување, исто така, покажува колку е голем јазот меѓу Трамп, вели Њујорк тајмс, и американските власти за национална безбедност.

„Неприликите од типот на оние што ги практикува Русија, од Македонија до САД“, изјави секретарот за одбрана, Џим Матис, за новинарите на 11 септември, пред референдумот на 30 септември, „секогаш се неприфатливи, што се однесува до мене.“

По овој коментар тој отиде во посета на Скопје за конкретно да каже дека „сме на страната на македонскиот народ“, рече тој.

Запрашан дали САД прават нешто за борба против руските напори да се мешаат во референдумот, Матис рече: „Да“. Тој одби да каже детали, но официјалните претставници на Одделот за одбрана рекоа дека и тие покренале информациски операции, заедно со владите на Македонија, Црна Гора и Украина, за да им се спротивстават на руските дезинформации на тамошните избори и референдуми.

Ниту една од американските тајни заложби не може да прерасне во ништо ако македонскиот парламент не се согласи со промена на името. Но премиерот Зоран Заев, кој неделава го испрати предлогот до пратениците, рече дека ќе распише предвремени избори ако ова не успее.

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе

Брзата храна и газираните пијалоци се водечки причинители на прекумерна телесна тежина, која пак значително го намалува нашиот животен век и квалитет на живот.

повеќе

Процесот на проверка не треба да почне од правосудниот систем, туку од извршните претставници и членовите на парламентот, и тоа не само оние кои се на власт денес, туку и оние кои со години ја водеа земјата.

повеќе