И МЕДИЈАТОРОТ ЗА ИМЕТО ЈА ЧЕКА НОВАТА ВЛАДА

Нимиц: Се надевам дека новата влада ќе ме покани на разговори за прашањето за името

Медијаторот во македонско-грчките разговори за прашањето за името, Метју Нимиц го очекува формирањето на нова влада во земјава, за да може да продолжи процесот, но не ги коментира политичките случувања во Македонија. 

Нимиц вели дека во изминатите месеци внимателно ја следел ситуацијата во земјава, но, како што ни изјави, се разбира, внатрешните политички и законски прашања не се дел од неговиот мандат според резолуциите на Обединети нации, па не може да ја коментира политичката ситуација.

„Она што можам да го кажам за иднината на земјата и за наоѓање решение за прашањето за името е дека од суштинско значење е да се формира одговорна и функционална влада, којашто ќе има парламентарна поддршка. Се надевам и очекувам дека таква влада ќе биде формирана наскоро“, изјави Нимиц за МКД.мк.

Таквата влада, според него, ќе има мандат за продолжување на преговарачкиот обид за наоѓање заеднички прифатливо решение за името.

„Кога ќе се формира, сметам дека новата влада ќе има одговорност да преговара, со помош на Обединетите нации, за решавање на прашањето за името, како и одговорност да се справи со други алармантни проблеми на националната агенда кои долго време беа во мирување“, додава Нимиц.

Тој изразува подготвеност да ги реактивира разговорите меѓу двете страни за да види какво е расположението за конструктивно продолжување на процесот, кој е во мирување поради политичката криза во земјава, но ќе чека да биде повикан.

„Се надевам дека кога ќе се формира нова влада, ќе бидам поканет да дојдам во Скопје за да разговараме за наредните чекори во процесот“, вели Нимиц во изјавата за МКД.мк.

Владини извори велат дека медијаторот Нимиц секогаш бил добредојден кога изразил желба или намера да дојде во Македонија, па нема зошто да не биде и сега.

Нимиц минатата недела се сретна со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас во Њујорк по што изјави дека е неопходно во двете држави да има функционални и стабилни влади за да има конструктивни преговори.

„Важно е да имаме две функционални влади во двете држави и ако сте посредник, нема поента да се обидувате да посредувате ако една од двете страни нема влада“, рече Нимиц.

Инаку, последната заедничка заедничка рунда разговори на Нимиц со двете страни се одржа во 2014-та, а истата година беше и неговата последна посета на Македонија.

Новата влада да се зафати со решавање на прашањето за името очекуваат и албанските партии во земјава, кои во заедничката платформа имаа точка за „решавање на спорот со името, во согласност со европските вредности и принципите на меѓународното право“.

ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците во платформата бараат усвојување заедничка и обврзувачка резолуција во Собранието на Република Македонија со која Владата на Република Македонија се обврзува активно да се вклучи кон решавањето на спорот со името, како и вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Грција.                                                                                                                                                                                       Ж.П.Б.

Историјата не е политички договор за добрососедство, туку сеопфатна студија за минатото, од која треба да се влечат поуки за сегашноста и патокази кон иднината.

повеќе

Владата и Министерстовто за култура треба да се дистанцираат од овој т.н. марш и да прекинат да го поддржуваат.

повеќе

Приказната ја почна новиот премиер со изјавата дека сме с'штиот народ, а ја продолжи екс-премиерот Георгиевски со својот пост на својот фејсбук профил.

повеќе