Интервју

Николоски: Мијалков и неговите се дел од едно неславно минато на партијата, а кога СДСМ ќе расчисти со Црвенковски?

ВМРО-ДПМНЕ има силен механизам на внатрешно прочистување, кој секогаш кога ѝ е најтешко на партијата, го користи, собира сили да оди напред посилно и реформирано. Тоа се случи и минатата година и резултатите од тие потези ги гледаме веќе на овие претседателски избори, а ќе ги видиме и на следните предвремени парламентарни избори, вели Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, во интервјуто за МКД.мк.

Успеавте ли како ново раководство на ВМРО-ДПМНЕ да ја вратите партијата во позиција повторно да се бори за освојување на власта?

- Во овие година и четири месеци откако ја водиме ВМРО-ДПМНЕ, во партијата се случи целосно преструктурирање и кадровско, а и концепциско. Препознавме добри работи од минатото и нив ги надградивме и ги продолжуваме, а препознавме и грешки и нив ги исправаме. Ја отворивме партијата и на централно ниво и на во општинските комитети за сите кои се незадоволни од власта на Заев. Понудивме нов кадровски потенцијал на сите нивоа. Имаме програма која нуди решенија за клучните маки на луѓето. И конечно избравме кандидат за претседател во кој се препознаваат поголем број општествени групации. Сето ова резултираше со најдобриот резултат на претседателски избори во прв круг кој го имал кандидат на ВМРО-ДПМНЕ кога во државата се одржуваат само претседателски избори. Убеден дека ќе резултира со победа на Гордана Сиљановска-Давкова во вториот круг. Таа победа ќе биде вовед во предвремени парламентарни избори. Затоа што по поразот Заев и неговата влада ќе си одат. Се надевам на брзи предвремени избори на кои ќе победиме и ќе можеме да се зафатиме со работа да покажеме што знаеме и да ја извадиме државата на правиот колосек.

Зошто претставници на ова ново раководство во своите изјави се толку воздржани во однос на корупцијата и криминалот на поединци од претходното партиско раководство?

- Како што е и слоганот на Гордана Сиљановска-Давкова, на Македонија насушно ѝ е потребна правда. Правда во сите области. Затоа што во Македонија наместо правда има корупција, наместо правда има политички притиснат правосуден систем, наместо правда има тромава и нереформирана јавна администрација, наместо правда има беззаконие, наместо правда има срамна промена на Уставот со цел промена на уставното име. Наместо правда има неправда!

Оттука, борбата со криминалот и корупцијата е основно за државата да оди напред. Тоа е и барање на ЕУ за Македонија да почне преговори за членство. За жал Заев нема сила да влезе во таква битка затоа што треба да почне од себе и своите блиски. И затоа Македонија и годинава нема да почне преговори со ЕУ. Корупцијата цвета! Македонија е рангирана на срамното 97 место за перцепција за корупција зад сите балкански држави вклучително и Косово, а да не зборуваме за државите членки на ЕУ. Тоа е она што го јаде општеството. Во таа насока ние поддржуваме борба со криминал и корупција без разлика на кого се однесува, дали на актуелен или поранешен функционер, дали е тој од СДСМ, ДУИ или ВМРО-ДПМНЕ е небитно. Тоа што е битно е дали има докази дека е корумпиран и има криминал, ако има такви докази секој треба да одговара. Партијата не смее да биде заштитник. Тука јас сум прилично гласен и јасен, а и партијата исто така. Но тоа не го гледаме кај Заев. Јавна тајна е дека корупцијата цвета во највисоките кругови на власта. Во исто време треба да се прави разлика помеѓу борба со криминал и корупција и борба со политичкиот противник. Заев и СДСМ преку злоупотреба на правосудниот систем се обидоа да водат битка против ВМРО-ДПМНЕ, најчесто со фабрикувани случаи. Сам Заев кажа дека 750 луѓе од ВМРО-ДПМНЕ се под прогон. Тоа го немало ни во едноумието! Тоа мора да престане. Значи да заклучам ние сме за борба со криминал и корупција без разлика кој од која партија е, истата мора да е базирана на докази, а не на политичка пресметка. Таа борба не ја гледаме. Новата Владата на ВМРО-ДПМНЕ силно ќе се посвети на ова прашање и ќе поведе бескомпромисна битка со криминалот и корупцијата. Македонија до 2023 година треба да е држава во првите 30 во светот по перцепција за корупција, а не на срамното 97 место како што е сега.

Каква е оценката на ИК на ВМРО-ДПМНЕ за владеењето со партијата и со државата на братучедите Никола Груевски и Сашо Мијалков?

-Во време на владите на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2016 имаше многу добри работи, секако имаше и лоши работи и грешки. Поради грешките се оди во опозиција и партијата сега е во опозиција. Секогаш опозицијата е здрава за една политичка партија да погледне кон себе да се преиспита да научи од грешките да ги поправи, да понуди нови концепти и да оди напред. Тој период е минато, добрите пракси како што кажав ќе се продолжат и надградат, лошите ќе се променат. Сега клучното прашање е каква е Владата на Заев? Наш став е дека е тоа најлошата Влада во историја на државата. Влада која национално ја понижи Македонија и македонскиот народ како доминантен во неа, Влада која економски ја пустоши Македонија, која нема визија за иднината.

Затоа на изборите кои се за два дена секој еден ја има одлуката во свои раце дали сака да продолжи Заев и неговиот неспособен тим да ја уништува и обезличува Македонија, да ја ограбува и обезименува или сака да даде шанса на Гордана да се бори транзицијата да заврши, фигурите од транзиционото минато да заминат и да се изградат конечно новите институции врз демократски основи, да се бори за македонското име, да се бори за сузбивање на корупција, за редовни и повисоки пензии, за достоинство на земјоделците, за пониски даноци за фриленсерите и ИТ индустријата, за пониски даноци за малите и средни претпријатија, за поддршка во странство за нивниот извоз и наоѓање нови пазари, да се бори за младите да ја видат својата иднина овде, докторите да се задоволни и да не заминуваат, текстилните работнички да ги добијат своите права, да се бори за правда за сите. Секој треба да одлучи дали ќе го продолжи политичкиот век на Заев или неговата влада ќе падне веќе на 6 мај.

Мијалков успеа да го обезбеди мнозинството во Собранието за уставните измени и за промена на името на државата. Колкава е сѐ уште неговата моќ внатре во партијата?

- Моќ во партијата нема затоа што и не е член на ВМРО-ДПМНЕ. Минатата година после срамната уставна измена за промена на името на Македонија во Собранието, Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ направи анализа и ги исклучи оние кои гласаа за ова уставна измена како и оној кој им помагаше или поттикнуваше да го направат тоа. Така што тие луѓе се дел од едно неславно минато. ВМРО-ДПМНЕ има силен механизам на внатрешно прочистување кој секогаш кога и е најтешко на партијата го користи, собира сили да оди напред посилно и реформирано. Тоа се случи и минатата година и резултатите од тие потези ги гледаме веќе на овие претседателски избори, а ќе ги видиме и на следните предвремени парламентарни избори. Од друга страна никогаш не сум го видел СДСМ да направи ваков чекор, никогаш не погледнале кон себе, никогаш не дале став за владеењето на Бранко Црвенковски на пример, па легитимно е да им се постави прашањето кој е нивниот однос кон владеењето на Бранко Црвенковски и сите зла кои ѝ ги нанесе на Македонија.

Се согласувате ли со оцената дека мафијата во државата си фати некој нов пат и натаму си функционира?

- Апсолутно. И сега е надградена и проширена. Ова ниво на корупција во државата никогаш не било. Исто така, дрога има во државата како никогаш претходно. На младите им е полесно да најдат кокаин отколку сок да купат. Тоа се случува низ улиците на нашите градови секој ден пред очите на полицијата која тоа немо го гледа, а дел и помага. Мафијата ја има во сите сектори во здравството, во урбанизмот, образованието, секаде каде има добар приход кој е нелегален. Заев ветуваше многу, но успеа само да ѝ помогне на мафијата да расте. Затоа силна борба против организиран криминал и корупција е потребен. Тоа е едно од четирите барања на ЕУ, тоа е причината зашто не се почнуваат преговори за членство во ЕУ. Таква борба нема и државата стои во место. По следните предвремени парламентарни избори планираме посериозно да се позанимаваме со ова прашање.

Дводецениското коалицирање на ДУИ, најпрво со СДСМ, па со ВМРО-ДПМНЕ, па сега пак со СДСМ, покажува дека тука има сериозен проблем во однос на идеолошката поставеност на таквото партнерство. Менувате нешто на тој план? Кои се вашите можни нови коалициски партнери?

- Сметам дека е добро Албанците како значаен дел од македонското општество да бидат претставени во секоја влада со свои претставници. Тоа е добро и здраво за Македонија. Тие до овие избори најголемата поддршка ја даваа на ДУИ. Сепак последните години очигледно е незадоволството и во таа насока мора да се честита на резултатот на претседателските избори на кандидатот на албанската опозиција. Тоа покажува дека нови ветришта дуваат во тој кампус. Ние сме спремни за соработка со секој политички субјект што ќе ја прифати нашата програма за враќање на националното достоинство, економски преродба и борба со организиран криминал и корупција. Следните парламентарни избори очекувам да донесат голем пресврт и во албанскиот кампус во корист на опозициските политички партии. Нашата врата е отворена за соработка.

Какви Ви се процените за вториот круг, и во однос на излезноста и во однос на резултатите?

- Во овие две недели до вториот круг на 5 мај се ослободи дополнителна енергија на надеж дека може да има правда. Многумина кои се разочарани и мислат дека ништо не може да се промени и кои во својата разочараност мислеа дека Гордана Сиљановска-Давкова не може да победи затоа што на другата страна има вештачка коалиција каде првпат во историја на државава три албански партии, од кои една најголемата - ДУИ, решија да немаат свој кандидат за претседател и од старт да го поддржат кандидатот на СДСМ. Баш тие во неделата на 21 април видоа дека Гордана може да победи и ќе победи со нивните гласови во вториот круг. Во неделата беа поразени СДСМ, ДУИ, ДПА и останатите на купче. Не нивните поддржувачи или симпатизери, туку нивните водства од кои народот е незадоволен. Една огромна маса на луѓе која е разочарана од власта на Заев останувајќи дома реши да го казни, истата таа маса на луѓе на 5 мај ќе ја поддржи Сиљановска-Давкова со цел да се дојде правдата во Македонија.

Во секое село во секој град надежта е вратена, Гордана може да победи и покрај вештачките коалиции затоа што таа ја има коалицијата со народот, а тоа е најсилната коалиција. Она што особено радува после изборите во неделата е дека Гордана Сиљановска-Давкова доби огромна поддршка кај Македонците. Соодносот е далеку напред во корист на Гордана. Но исто така доби мнозинска поддршка и кај помалите етнички заедници - Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, Египќани и сите останати. Тоа е многу значајно. Многу. Покажуваат дека правдата ја нема и за нив иако Заев им кажува слатки лаги изминативе години.

Во таа насока очекувам во недела на 5 мај да ја добиеме првата жена претседател на Македонија, а веќе на 6 мај да падне оваа ненародна власт.

Што ново би донеле кога повторно би дошле на власт? Не во однос на програма, туку во однос на концепт на владеење.

- Во однос на концептот на владеење мислам дека ние ќе ја имаме последната шанса да ја направиме Македонија пристојно место за живеење. Тоа не бара многу, бара само чесност пред сѐ, борба со криминали корупција, давање можности на стопанството да се развива, да се отвораат нови работни места и да растат платите. Да има пристојно здравство и квалитетно образование, пензионерите да се почитувани. Тоа не е многу и се постигнува. Точно во право сте кога велите што ќе понудиме како концепт, тој концепт кој треба да го понудиме е многу едноставен, но за жал заборавен на Балканот. Политичарите во модерните демократии се борат да остават нешто добро зад себе по кое ќе ги паметат генерации. Се борат за свое видно место во историјата, а не за својот џеб и привилегии. Да го направиме тоа е повеќе од доволно. Се надевам дека ќе го направиме.

А.Д.

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе