По објавувањето на содржината на документот на Софија

Николоски и Димитров ги извадија сабјите за Изјавата на Бугарија во која се условува македонската евроинтеграција

Бесрамниот лажго и политички лешинар се одговорите на СДСМ и на Никола Димитров на ставовите на Александар Николоски за скандалот со криењето на документот со кој Бугарија го условува почетокот на датумот за преговори на Македонија за членство во ЕУ. На 17 април МКД.мк прв објави дека Бугарија успеа како дел од заклучоците на Советот на Европската Унија за датумот за преговори на Македонија да биде и нивната Изјава.

За потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски ова е понижувачки документ, а за СДСМ тоа е само унилатерален документ.   

За Николоски нема никаква дилема дека Изјавата на бугарската делегација е составен дел од одлуката. „Со ова Зоран Заев, Никола Димитров, Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска влегуваат во проект за редефинирање, односно создавање на новата т.н. севереномакедонска нација и целосно откажување од сѐ што е македонско. И сакам да нагласам дека вината не ја бараме ниту во соседите, ниту пак во некој меѓународен фактор. Едноставно е, проценија дека Заев има цена и за него за сѐ може лесно да се договора и да го добијат, а сето тоа на штета на македонските национални интереси“.

Изјавата на Бугарија во врска со заклучоците за проширување на ЕУ (Statement by the Republic of Bulgaria with regard to the adoption of the Council Conclusions on Enlargement and Stabilisation and Association Process) стана дел и од официјалните документи на ЕУ. Условите што ги поставува Бугарија за датумот за преговори за членство на Македонија во ЕУ се навистина надвор од билатералниот Договор за пријателство и добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, но она што е уште поважно се против базичните приниципи на постоењето на Европската Унија.

Но, според Николоски, овие исти ликови нѐ убедуваа дека спорот за името беше билатерално прашање кое еве како што гледаме како заврши на штета на Република Македонија.

За СДСМ нема ништо спорно во целиот овој случај и за нив Николоски е бесрамниот лажго, а преговорите со ЕУ не се условени.

„Истиот тој Николоски кој ја лажеше и убедуваше јавноста дека нема да добиеме позитивна одлука за почеток на преговори со ЕУ, денес лаже повторно. Уште една лага во низата на Николоски е дека нашиот сосед Бугарија го условува датумот за преговори со Европската Унија. Одлуката на ЕУ за почеток на преговори е реалност и не е условена од никого“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Сепак, во бугарскиот документ јасно стои дека Македонија ќе мора да заборави на постоењето на македонското малцинство во Бугарија, ќе мора да заборави на „македoнски јазик“ и да употребува само „службен јазик на РСМ“, ќе мора брзо да ја заврши работата со експертската комисија за историските прашања... ако сака да продолжи со преговорите за интеграција со ЕУ.

Не останаа покуси ни од ВМРО-ДПМНЕ. Тие на употребата на зборот лешинар од Димитров одговорија: „Лешинар е човек чија ќерка добива стипендија од 40 илјади евра од владата чиј таткото е министер. Лешинар е човек кој менува партија не поради идеолошки разлики, туку кариерни побуди и се разбира лукративни мотиви. Лешинар е човек кој во исто време кога ќе каже дека штити државни интереси истите ќе ги продава на пазар. Лешинар е човек кога ќе крие од јавноста дека ѝ донел уште една капитулација на државата каде е министер и притоа ќе моли новинари тоа да не го објават. Да се вратиме на темата, зошто Димитров го криеше документот со кој од нас се бара откажување од македонскиот јазик и историја како услов за продолжување на европските интеграции? Дали чувствува вина лешинарот Димитров за тоа што донесе нов неуспех на Македонија“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Денеска реагираше и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров. Тој на својот фејсбук-профил напиша дека Николоски „не знае дека во случајов станува збор за стриктно унилатерална толкувачка изјава што ги отсликува позициите на една земја членка на ЕУ - Бугарија, во која впрочем е јасно наведено дека тоа е видување на Бугарија (не на ЕУ!). Документ што самата Европска Унија не го објави во пакетот со заклучоците. Притоа, оваа изјава нема никаков правен ефект врз содржината и опсегот на одлуката на ЕУ за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија.

Она што згрозува не е незнаењето или неукоста, туку подмолноста на протагонистот на политикантството кој внимавајте - додека наводно повикува на национално единство, прави сѐ за тоа да го оневозможи. Таргет нему не му се авторите на анахроните позиции што се косат со европските вредности (друга држава), туку Заев и јас. Истури едно чудо валканици и груби невистини за тема што должно бара највисока одговорност - македонскиот идентитет... Поевтино и поштетно политикантство не може да се замисли. Партијата на Николоски е таа што го бојкотираше референдумот и ден денес е против Преспанскиот договор. Истиот што е правна основа за конечно заокружување на постапката за членство на Северна Македонија во ОН и бришење на референцата поранешна Југословенска Република Македонија, која беше пролонгирана четврт век врз основа на две резолуции на Советот за безбедност на ОН од 1993 година. Истиот договор што нашиот јазик го етаблира како македонски јазик во меѓународните односи. Толку ли боли ова да се признае? Како член на Здружението можеби ви е тешко, ама како Македонец?... Идентитетот не е само за по дома! Тешкиот историски процес за меѓународно етаблирање на македонскиот идентитет - конечното решавање на македонското прашање - нужно бара соочување со предизвиците со соседите. И тоа се процеси кои траат... Македонскиот народ овој процес ќе го заокружи, со вас или и покрај вас“, напиша Димитров.

Сепак, Николоски уште еднаш го поставува прашањето и до Димитров и до Стево Пендаровски и до Заев зошто со недели молчеа за овој документ. „Ако знаеле, тогаш зошто не преземале нешто. Зошто криеле? Овие се прашања на кои што очекуваме одговори од Владата и од претседателот на државата“.

А.Д.


„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе

Државниот врв на Србија, вклучително и група лекари кои ја предводат борбата против ширењето на вирусот корона, во најмала рака го игнорираа влошувањето сè додека не заврши гласањето.

повеќе

Како Босна и Херцеговина се справи и се уште се справува со кризата предизвикана од пандемијата? Зошто немавме единствен кризен штаб на ниво на држава? 

повеќе