„Мислам дека во моментов, Македонија е единствена европска држава која што се соочува со криза во која што власта одбива комуникација со опозицијата, што покажува дека единствена намера им е само продолжување на криминалните практики", рече Николоски.
Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ нуди четири тима во четирите, како што рече, најгорливи области - економијата, надворешните работи и евроинтеграциите односно односите со Бугарија, здравството и образованието.
„Овие четири тима со луѓе коишто се високо политички профилирани во ВМРО-ДПМНЕ, но и се експерти во своите области, се спремни да помогнат на Владата, а со тоа и на граѓаните за излез од кризата и исто така да се договори соодветен датум за предвремени парламентарни избори“, рече Николоски и истакна дека тој самиот и во партијата се длабоко разочарани што премиерот Димитар Ковачевски на самиот почеток ја одби оваа идеја.
Според него, Владата се покажа неспособна за решавање на проблемите, но и затоа што, како што нагласи, ја продолжува корупцијата на Зоран Заев.
„Мислам дека добро треба да размислат, да ја прифатат оваа идеја на ВМРО-ДПМНЕ за четирите тима затоа што тоа е начин Македонија да излезе од оваа политичка и економска криза. И да порачам, доколку Ковачевски не е тој којшто ги носи одлуките во СДСМ и доколку не може да донесе одлука во СДСМ, спремни сме да разговараме во СДСМ со секој еден којшто тие ќе го посочат дека носи одлуки. Ако е Зоран Заев да разговараме со Зоран Заев, ако е Радмила Шекеринска да разговараме и со Радмила Шекеринска“, рече Николоски.
Барањата коишто ги има Бугарија се под секое национално достоинство и не мислам дека треба да се разговара нити за засебноста на македонскиот народ ниту за посебноста на македонскиот јазик, тоа се дадени работи и основни човекови права на Македонците, рече Николоски како одговор на новинарско прашање.
Тој потенцира дека многу сериозно треба да се разговара за 14 неспроведени пресуди од страна на Бугарија, кои ги донесе Европскиот суд за човекови права од Стразбур, а кои се однесуваат на македонското малцинство во Бугарија.