Интервју со директорот на Телеком

Никола Љушев: 5Г е тука, Македонски телеком ја гради мрежата на иднината

Пандемијата наметна забрзано темпо на дигитализација и воведување на нови, супер-брзи дигитални комуникациски мрежи на иднината, базирани на оптички технологии и 5Г безжични мрежи. Македонски телеком инвестира над 45 милиони евра во модернизација на мрежата и овозможување на 5Г и досега една третина од територијата на Македонија e покриена со опрема од најнова генерација на Ериксон. 25 години после воведувањето на мобилните комуникации во Македонија, Телеком ја гради мрежата на петтата генерација, вели во интервјуто за МКД.мк Никола Љушев, главен извршен директор на Македонски телеком. 

Новите технологии донесоа и интензивни дебати и сомневања - дали е штетна 5Г-мрежата, какви сценарија нè чекаат по воведувањето на вештачката интелигенција, како да ја регулираме моќта на технологијата и како човештвото сепак да ја задржи контролата? За овие прашања и за конкретните чекори за дигитална трансформација во Македонија, разговаравме со Никола Љушев, главен извршен директор на Македонски телеком.

 Каде е Македонски телеком во 5Г-контекстот?

- Ако 5Г e иднината на безжичните телекомуникации, ние во Телеком неа ја навестивме точно пред три години, на првата јавна демонстрација на 5Г, кога изјавивме - со 5Г иднината е сега! Тоа беше нашето кредо, со кое сакавме да укажеме дека 5Г е еден од неопходните предуслови за да се случи четвртата индустриска револуција. Со силна посветеност работевме кон приближување на придобивките од 5Г до сите општествени чинители – корисниците и бизнис-заедницата, државата, регулаторот и академската заедница. 25 години по воведувањето на првата мобилна мрежа во Македонија, Телеком е подготвен и за 5Г.

Мислата водилка и поттик секогаш ни беше чувството на општествена одговорност да ја воведеме оваа модерна 5Г-комуникациска технологија за подобра иднина на сите нас – сега и овде во Македонија.

Почнавме во 2018 година со демонстрација на 5Г во нашите простории, набрзо потоа инсталиравме тестни базни станици во центарот на Скопје и Охрид. Остваривме соработка со Институтот за телекомуникации при ФЕИТ, каде што професори и студенти имаа можност да ја тестираат нашата 5Г-опрема.

Во изминатите три години, Македонски телеком не само што ги заврши сите неопходни подготовки, тестирања и мерења, туку и влезе храбро во огромен инвестициски зафат вреден над 45 милиони евра за модернизација на радиопристапната мрежа и воведување на 5Г. Со нашиот партнер Ериксон интензивно работиме на терен и во моментов една третина од нашата мрежа е веќе подготвена за обезбедување на 5Г-услуги. Под претпоставка дека АЕК набрзо ќе распише тендер за користење на 5Г-фреквенции, ние сме подготвени да почнеме со нудење на 5Г-услуги уште во почетокот на следната година. Реално е да се очекува дека до средината на следната година, две третини од населението што живее во поголемите урбани средини ќе има можност да ги користи нашите 5Г-услуги.

Тоа е цела година пред очекувањата запишани во националната броудбенд-стратегија. Сите тестирања ги правевме транспарентно и јавно пред медиумите, интензивно соработувавме со еминентни стручни институции, академската заедница и АЕК како регулатор на пазарот. Транспарентноста и заедничкиот пристап ќе играат голема улога во правилниот развој на новите технологии.

И, штетна е или не е 5Г-мрежата?

- Официјалниот став на Светската здравствена организација од истражувањата собрани до денес е дека нема убедливи научни докази дека слабите сигнали од базните станици и безжичните мрежи предизвикуваат негативни влијанија врз здравјето доколку се под одредената граница.

Ова е прашање за регулаторите и науката, иако и во наш интерес е најпрво безбедноста. Каква ќе биде нашата иднина доколку работиме небезбедно, кога-тогаш тоа ќе се дознае и во истиот момент не само што операторите нема да можат да функционираат, туку нема да бидат одржливи. Јавно се достапни и мерењата за безбедноста од нејонизирачко зрачење спроведени од АЕК на нашата тестна мрежа во 2019, кои покажуваат дека вкупното зрачење е само 15% од максимално дозволената гранична вредност.

Транспарентноста и едукацијата и тука е исклучително важна. Треба што повеќе да се зборува на темата за да разбереме што е 5Г, како функционира. Мрежата на петтата генерација, како и секоја пософистицирана опрема, зрачи помалку од 4Г, обичните мобилни телефони во моментов зрачат повеќе од 5Г. Доколку тоа е штетно по здравјето, а со оглед на тоа што мобилните телефони се неизоставен дел од нашиот живот со години, досега ќе имаше многу болни луѓе, што не е случај.

Зошто толку дилеми околу 5Г-технологијата ако значи таков напредок? Се работи за бизнис-интереси на големите корпорации или страв од нешто ново?

- Секоја нова технологија носи со себе доза недоверба, што е сосема нормално и не е за осудување. Истото се случувало и со струјата и со парната машина. Но минатата година, во екот на пандемијата, тој отпор доби сосема нова димензија. Зошто? Пандемијата се случи во време кога сè е поврзано, што од една страна е добро, но од друга страна создаде плодна почва за ширење гласини и теории на заговор. Додека светот беше затворен и се соочи со непознат, невидлив непријател, сите баравме одговори зошто и како? Овие предуслови го олеснија ширењето на лажните вести (главно преку социјалните медиуми) за поврзаноста на 5Г-технологијата со коронавирусот, без никакви научни факти.

Така, освен со здравствената пандемија, се соочивме и со пандемија на дезинформации. Но стравот од прогрес и технологија е ирационален. Треба да се бориме против лажните вести и да консултираме проверени извори за да црпиме информации. Уште повеќе, треба да ја вратиме довербата во науката и прогресот. Не велам дека треба без размислување да прифатиме сè што е ново, но не треба ни без резерва да им веруваме на гласините.

Треба ли да се плашиме од вештачката интелигенција и спојувањето на дигиталните можности во биолошките системи?

- Секоја револуција, секој голем прогрес, носи во себе позитивен и негативен потенцијал. Вештачката интелигенција и биотехнологијата ќе го трансформираат светот, но во зависност од начинот на кој ќе ги користиме, нè очекуваат две можни сценарија: или ќе ја искористиме технологијата за да создадеме похумано инклузивно општество, или целосен тоталитаризам. Затоа не ја гледам заканата во самата вештачка интелигенција, која како во многу СФ-романи и филмови се врти против нас, го напаѓа човештвото.

Најголемата закана е во човекот. Доколку дозволиме моќта на технологијата да биде во рацете на само малкумина привилегирани, ни се заканува негативното сценарио. Затоа не треба да се плашиме од прогресот, туку свесно и совесно да работиме на етика на прогресот. Нам како човештво таа технологија ни е неопходна за да излеземе на крај со големите предизвици на денешницата. Светската популација секоја година енормно се зголемува, еколошките катастрофи веќе ни се секојдневие. Само со помош на технологија можеме да произведеме доволно храна, да обезбедиме здравствена заштита, а истовремено да ги спречиме климатските промени. Вештачката интелигенција може да се искористи подеднакво и за рано детектирање болести и за автономни воени роботи, може да ни помогне да живееме подолго и поквалитетно, но може и целосно да нѐ лиши од приватност. Затоа ни треба етика, односно правила за одговорно користење на технологијата, сега повеќе од кога било.

Како да се заштитиме од злоупотребата на ваквиот развој на технологијата, на што веќе сме и сведоци?

- Како ќе ја регулираме моќта на технологијата е глобален проблем и еден од најголемите предизвици. Ова е прашање на колективна одговорност на: политичките лидери, корпорациите, научниците, невладините организации, економските лидери, консултираме во социјалниот живот, едукаторите...

Од една страна треба да создадеме систем на вештачка интелигенција што ќе делува морално, ќе ја изразува нашата волја, а од друга страна тој систем треба да биде достапен што е можно пошироко, за голем број луѓе да може да имаат бенефит. Многу е важно овие рамки, принципи, да ги развиеме уште во зачетокот, во раниот развој. Голема улога ќе игра и транспарентноста. Тоа значи дека: патентите и истражувањата треба да бидат отворени, достапни за јавноста, треба да отвораме дискусии, однапред да ги направиме сите неопходни мерења, да бидеме отворени за дебати, да останеме будни, љубопитни и активни. Сосема е јасно по кај пат треба да одиме, но треба да делуваме заедно, сите чинители во општеството, и да почнеме со тоа што поскоро.


Дигитализација на општеството. Што значи тоа?

- Терминот дигитализација секојдневно го сретнуваме и се употребува на многу различни начини, различно се толкува и разбира. Дигиталната трансформација не е само интернет и веб-страници, туку сеопфатен процес на воведување на дигиталните технологии во сите сфери од животот и работењето со што општеството целосно се менува. Таа ќе ги опфати сите сектори: здравството, земјоделието, комуникациите, административните процеси... Во дигиталната трансформација голема улога ќе имаат новите технологии како што е Интернет на нештата/ИоТ, роботиката и вештачката интелигенција. Но дигитализацијата, освен технолошка, е и културолошка промена, во која ќе треба од корен да ги смениме процесите и навиките, да се менуваме и самите, да се приспособиме на промените и да се развиваме.

И повторно се враќаме на констатацијата дека клучен фактор за да се случи оваа трансформација е човекот. Пандемијата уште повеќе ја забрза дигитализацијата и промените дојдоа преку ноќ. Треба да сме подготвени не само да ја спроведеме, туку и да ја прифатиме оваа промена. Ќе се менува едукацијата, пазарот на трудот, водењето на бизнисите, некои бизниси и работни позиции ќе исчезнат, ќе се појавуваат и сосема нови, затоа ќе мора да се приспособуваме, да учиме нови вештини, да се описмениме дигитално и постојано да се преобразуваме. Секако, да почнеме со мали чекори, да речеме кај нас минатата година едвај стигнавме до 30% електронски наплатни трансакции преку интернет или мобилна апликација и тоа поради кризата и препораките за социјална изолација. Во другите европски земји овие проценти се повеќе од двојно поголеми.

Македонски телеком е дел од конзорциумот што го спроведува проектот Паметен град (Smart City Skopje). Што ќе му значи тоа на еден скопјанец?

- Паметните градови се интегрален дел од дигиталната трансформација и се базираат на технологијата „Теснопојасен интернет на нештата“ (Narrowband Internet of Things), која го потврдува нашето лидерство на пазарот. Оваа технологија нуди огромен потенцијал, кој ќе станува уште поголем, особено со доаѓањето на новите технологии, како што е 5Г.

Најмногу придобивки ќе имаат граѓаните: подобра градска инфраструктура, побезбедни улици, регулиран сообраќај и паркирање, поефикасно користење на ресурсите, намалување на емисиите на ЦO2 во воздухот, генерално поквалитетен живот и поздрава животна средина... На пример, наутро кога одите на работа наместо да барате паркинг, ќе можете на апликација да ги видите слободните паркинг-места на паркинзите и така да заштедите време, но и да влијаете на намалување на емисијата на штетни гасови во воздухот. Преку интерактивната мобилна апликација „Мое Скопје“ граѓаните ќе имаат пристап до апликациите и сервисите на градските институции, а во иднина ќе може да пријавуваат инфраструктурни и комунални проблеми, но и активно со предлози да учествуваат во градскиот живот. Технолошката платформа е обезбедена, останува на градот соодветно да ја управува со вклученост на граѓаните.

Се споменува дека овој проект ќе придонесе и за квалитетот на воздухот. Како?

- Една од клучните придобивки од Паметен град е намалување на емисијата на ЦO2 во воздухот, што значи почист воздух и поздрава животна средина. На пример, преку системот за паметно осветлување во Скопје се поставени 10.000 паметни светилки. Овие светилки се еколошки, лесни за рециклирање и имаат висок животен век и висока светлосна ефикасност. Се следат преку софтверска апликација, што значи ќе се засилуваат, намалуваат, вклучуваат и исклучуваат согласно со временските услови и периодот од денот или ноќта.

Да речеме доколку доцна во ноќта нема движење по улиците, светилките ќе се изгаснат, доколку сензорите детектираат движење, светилките се вклучуваат. Исто така, со мониторинг во реално време ќе се детектираат дефектите. Сето ова ќе придонесе за само една година да се намали потрошувачката на електрична енергија за над 60%, со што автоматски ќе се намали емисијата на ЦO2 во воздухот. Друг пример е подобро регулирање на сообраќајот, што е еден од најголемите проблеми во Скопје, преку системот за паметно паркирање, со што наместо да возите долго низ градот и да барате паркинг, ќе се упатите до најблискиот слободен паркинг, со што ќе емитувате помалку ЦO2 во воздухот... За целосно да се реши проблемот со загадениот воздух, треба многу повеќе, но оваа технологија ќе влијае позитивно на решавањето на овој горлив скопски проблем.

Ваш партнер во овој проект е Версо алтима груп од Хрватска. Како дојдовте до соработката со оваа компанија?

- Kако лидер на конзорциумот направивме детално истражување на пазарот според тендерските барања, но и според технолошките трендови во Дојче телеком групацијата. Притоа, анализата покажа кои компании ќе дадат компетитивно решение, кое во целост одговара на поставените барања од страна на Градот Скопје и кое ќе може успешно и во зададениот временски рок да се реализира. Така дојдовме до соработката со хрватската компанија „Версо“ и македонската „Винт“. Проектот е во успешна завршна реализација, и тоа пред рокот, и сите членови на конзорциумот целосно ги исполнија своите обврски.

Стратегиски, дали се планира и поврзување на сите градови во Македонија?

- Скопје е најголемиот, но не е единствен град во Македонија со паметни решенија. Паметен град е стратегиски проект на Телеком и веќе неколку години работиме и со други општини во Македонија. Во Македонска Каменица, Чешиново-Облешево, Василево и Крива Паланка имплементиравмe платформи за паметен град и системи за паметно осветлување, а придобивките веќе се чувствуваат. Во Македонска Каменица дневната заштеда е високи 85%, што значи не само финансиска заштеда и пренамена на средствата, туку и големо намалување на ЦO2.

Но платформата за паметен град е многу повеќе од паметно осветлување. Кога еднаш е поставена, нуди огромен потенцијал да се додаваат нови елементи во зависност од локалните потреби на граѓаните и заедницата. Продолжуваме понатаму и во други општини, наша стратегија е да ја користиме технологијата за поквалитетен живот и одржлив развој.

Кој е планот на Македонски телеком во дигитализацијата на Македонија?

- Наша стратегиска определба е да бидеме партнер за дигитализација на општеството и работиме на тоа со години наназад, со милионски инвестиции во силна мрежна инфраструктура со напредни безбедносни решенија. Ова е клучно за усвојувањето на политиката „клауд фрст“, односно префрлање на целото работење на „клауд”. Оваа платформа нè однесе напред и направивме големи чекори кон дигитализација, како што се паметните градови. Друг, многу важен предуслов се услугите за дигитална идентификација, дигиталниот идентитет, без кои не може да ви биде испорачана бараната услуга по дигитален пат.

Успешната примена на овие услуги придонесува и за раст на бруто-домашниот приход, што само за неколку години би направило огромна разлика за Македонија. Ние испорачуваме дигитални сертификати, но сѐ уште процентот на употреба е мал. Целосно сме подготвени да бидеме партнер за дигитализација на главните сегменти, столбовите на државата: здравството, образованието, земјоделството... Истовремено додека работиме на дигитализација, многу е важно да работиме на еднакво, одржливо, иновативно и компетитивно дигитално општество и на намалување на дигиталниот јаз, што е дел од нашата стратегија.

Само едно напредно дигитално општество може да привлече инвеститори и да ја зајакне економијата, тоа е единствениот пат за да одиме напред, а ние сме подготвени.

Александар Дамовски

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено

Петок, Октомври 29, 2021 - 08:26

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе

Со фактот што Европа продолжува да плаќа милијарди долари за рускиот гас секој месец, таа и понатаму игра онака како што свири Кремљ, покажувајќи на тој начин дека е заробеник на сопственото задоволство.

повеќе

Грејната сезона заврши во месец април како и секоја година, но последнава беше со многу проблеми кои произлегоа од енергетската криза, од војната во Украина и генерално од светската економска криза.

повеќе