Деканот на Факултетот за безбедност

Никола Дујовски: Не верувам дека ќе се повтори со друг обвинет, ама за бегството на Груевски мора со прст да се посочи кој е одговорен

Никола Груевски не би одел во Унгарија за да го екстрадираат, тоа е дел од сценариото.Тој не е обичен бегалец од правдата, туку поранешен премиер. Тој точно се упатил во земја која ќе му даде поддршка, ќе му даде заштита. Зошто не отишол во Брисел, Стокхолм, туку во Будимпешта. Не избегал сам, не можело ова ниту да го осмисли, ниту да го реализира сам, вели Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност во разговор за МКД.мк. Според него, државата треба да изнајде начин да ја утврди одговорноста,  прецизна, вистинска одговорност за да не се остави простор за шпекулации кај граѓаните.

Неколку дена „живееме“ со бегството на Никола Груевски, а ниту збор за тоа кој е одговорен.

Најдобро би било во едно современо општество, а Република Македонија се стреми да биде такво општество, да се утврди одговорноста. Да не нагаѓаме дека одговорноста е во обвинителството, во полицијата, во Владата, во Собранието, кај Груевски лично итн. Во 21 век индивидуална е одговорноста, мора да се посочи со прст дека „овој“ пропуштил да го направи тоа и тоа и затоа ни се случува тоа и тоа. За мене е основно ова за воопшто да можеме да разговараме за напредок во општеството. Ова не е какво било прашање, не е нешто за што ние треба да замолчиме и да поминеме преку него. Значи државата треба да изнајде начин да ја утврди одговорноста. Прецизна, вистинска одговорност за да не се остави простор за шпекулации кај граѓаните. Кога ќе направите грешка, грешката треба бргу да биде признаена и да се работи на отстранување на последиците. Само така ќе има развој. Сѐ во спротивно ќе биде во сивата сфера во која граѓаните велат „постои договор меѓу Груевски и ЕУ, Орбан, Заев“ итн.

Сепак за да бидеме сигурни што се случува и особено за да превенираме вакви ситуации во иднина треба да си расчистиме со ова. Како што државата претходно тргна да расчистува со многу прашања, посебно со 27 април, така да се расчисти ова прашање. Ова е директно поврзано со сите случувања во Република Македонија во изминатата деценија.

Ама сѐ се прави некако отпосле, за да не ни се случи друг случај...

Точно така. Еве превентивно, но Миле Јанакиески и Кирил Божиновски се во притвор. Тоа е директна последица на ова што Груевски е во бегство. Но, државата презеде нешто за да спречи идни вакви работи. Ова не ни е прв ваков случај. Замислете во каква состојба беше нашата држава пред година две кога на човек што е во бегство му е укинат притворот за да се врати во Македонија. Одговорност на министерот Спасовски? Не знам, можеби, но полицијата е најголемиот државен апарат. Ако го исклучиме Министерството за образование тие се најголеми буџетски корисници. Таму нема пет души на кои што може да се потпре министерот. Тоа се прашања кои мора сериозно да ги дискутираме во нашето општество.

Зошто мислите дека нема пет души на кои што може да се потпре министерот?

Еве гледаме што се случува. Затоа што МВР сѐ уште е апсолутно нереформирано. Тоа се уште е во фаза кога, има ли промени во МВР освен директорот. Знаете дали се сменил некој друг? Не. Некои малку промени.

Мислите дека има кадри од претходната гарнитура кои работата спротивно?

Апсолутно. Кои што до ден денеска работат спротивно на интересите на Министерството. Ама заради законските основи кои претходно биле донесени. И со тоа се соочуваме во целата администрација.

За овој случај со Груевски сите ја префрлаат вината еден на друг...

Затоа велам мора да изградиме капацитети ваквите прашања да ги разрешуваме институционално. Нека се формираат соодветни тела и нека ја истражат одговорноста и во МВР и во судството и во обвинителството и секаде каде што може да има одговорност. А мора да има, затоа што факт е дека најзначајниот човек против кого се водат најголемиот дел од постапките избега од државата. Што значи дека тој не избегал сам, не можело ова ниту да го осмисли, ниту да го реализира сам. Значи многу луѓе има вклучено во ова. Дали некој од невнимание, дали некој тенденциозно, пропуштени се многу законски обврски. Префрлањето на топката не е решение.

Затоа велам превенцијата е важна. Груевски што избегал, избегал, којзнае дали ќе се врати и дали воопшто ќе се врати во Македонија. Да го ставиме тоа на страна. За да превенираме други вакви ситуации, да не ни се случи повторно и повторно. Или утре во претпоставената смена на власта да се случи слично. Значи државата не покажува капацитети за да се носи со овие прашања.

Мислите дека има можност никогаш да не се врати или да не биде екстрадиран?

Тој не би одел во Унгарија за да го екстрадираат, тоа е дел од сценариото. Зарем би отишол некаде каде што ќе го екстрадираат. Еве да одиме на тоа дека никогаш нема да се врати, пример е Мира Марковиќ која 25 години е во Русија, нејзиниот син Марко исто. Си живеат нормално сосема нормален живот.  

Би можел да се врати кога ќе дојде гарнитура на власт која што ќе го одобри неговото враќање. Како што се случи во Србија со Богољуб Кариќ. И тој беше таму, ама сега повторно „хара” низ Србија затоа што се создадоа политички услови. Балкан е ова. Тука важат такви правила, за жал како да сме уште во турско време.

 

Бидејќи се шпекулира со информации како поминал граница, каде поминал, што мислите вие како можел да помине граница?

Само на див премин. Преминувањето е направено нелегално, дали на официјален премин или на див премин е апсолутно небитно.

Нелегално на официјален премин можел со фалсификуван пасош. Но, не би го коментирал тоа бидејќи немаме информации.

Поминал две граници, барем според неофицијалните информации кои се пласираат... 

Тоа е договорено. Груевски не е обичен бегалец од правдата, Груевски е поранешен премиер. Тој точно се упатил во земја која ќе му даде поддршка, ќе му даде заштита. Зошто не отишол во Брисел, Стокхолм, туку во Будимпешта.

 Фактот дека опозицијата и во Србија и во Унгарија бара одговорност и прашува јас натаму би го насочил сомневањето, а не во Албанија. Но за ова треба институциите да си поведат сметка.

Како ќе се одрази ова на другите случаи сега, според вас?

Тој може да биде суден во отсуство, нема дилема, ќе си продолжи судењето за сите процеси и ќе си заврши постапката. Присуството на обвинетиот не е неопходно, тоа е негово право, но не е задолжително. Бегството нема да влијае на ова.

Но, од политички аспект може сериозно да влијае на намалување на довербата кај граѓаните во актуелната власт. Мене повеќе ме загрижува политичката отколку правната страна, бидејќи правните процедури се познати и, и да е тука и да не е тука, за него ќе се води процесот. Но, како ова ќе се одрази воопшто и на напредокот на Република Македонија кон ЕУ, тоа треба дополнително да се види.

А влијанието врз неговата политичка партија?

Тие можат да добијат од ова. Само да добијат. Се оградуваат, ценат дека не е добро тоа што го сторил. Засегнатите во криминалот мислат дека исто така не е добро бегството на Груевски. И неговата партија се огради. Тие од ова можат само да добијат. Ќе ја префрлат вината кај него лично, но тој секако е завршен политичар во Република Македонија.

Не е ли пренагласено оградувањето од другите против кои се водат судски процеси?

Тие се свесни дека ова ќе им наштети и на нив. Прво еве, веднаш се во притвор Јанакиески и Божиновски, можеби да беше сѐ во најдобар ред немаше да се случи тоа. Но дека сериозно ќе влијае на судските процеси, не верувам. Кога ќе дојдете на суд не е важно дали сте поранешен премиер, поранешен министер иден директор и сл. Ви се суди така како што е предвидено во законот. Барем така треба да изгледа.

Може ли со некој од друг од обвинетите да се случи истото како со Груевски?

Мислам дека ова не може да се повтори и дека институциите сега веќе и реално и нормално да имаат малку поинаков пристап кон луѓето што се засегнати од обвиненија.

Досега лекомислено веруваме дека нема да постапат така, дека нема да се дрзнат на тоа, но видовме дека ја користат секоја прилика за да го направат токму тоа. И ова е силна поука и за судот и за обвинителството и за полицијата и за другите органи на прогонот дека треба поголема будност дека треба да се следи движењето на тие луѓе во рамки на законски пропишаните норми и јас лично не очекувам дека ова ќе ни се повтори.

Што ако добие азил?

Не сум сигурен дека ќе добие азил. По правилата треба да биде вратен во онаа држава од која што дошол. Ако дошол од Србија да биде вратен во Србија, бидејќи Република Македонија до денес или до денот на неговото поднесување на азил не е на листата на ЕУ на небезбедни земји и без да се вмешува политика тој веднаш би требало да биде вратен назад во државата од која дошол и така да се врати до Република Македонија. А ако дошол со авион ќе се знае од која држава полетал.

Но, сѐ си мислам дека политиката овде ќе биде пред правото.

Еве да претпоставиме дека ќе добие азил, како можност. Тој ќе биде заштитен таму.

Апсолутно, ќе биде заштитен. Унгарија има право да се грижи за него. Слушнавме дека ете нема имот на свое име, тоа значи и проблем и во реалното живеење. Унгарија ќе се грижи за него, ќе му обезбеди сместување, храна, интеграција во општеството и сл.

А ако ја напушти Унгарија?

Нема да може да се движи како слободен граѓанин. Против него е активирана меѓународна потерница за одлежување на затворска казна. Во државата која му признава азил ќе ги има правата, таа ќе го штити. Но, излегувањето во друга држава значи активирање на меѓународната потерница. Добивањето на азил не значи по дифолт дека ќе биде слободен и заштитен каде било да патува. Но, нема гаранција дека ако добие азил во Унгарија, нема да продолжи понатаму. Многу лесно ќе може да побара азил во друга држава и ќе го помине истиот пат како од Македонија кон Унгарија. Веќе се лицитира со имиња на некои држави во кои би можел да продолжи.

Ж.П.Б. 

Политичките раководства во Република Македонија мора да сфатат дека немаат комодитет да ги занемаруваат економските политики на сметка на политичките агенди.

повеќе

Четирите предложени амандмани треба да им го оневозможат луксузот што го имаа сите досегашни влади, на сите идни влади - спорот за името да им биде изговор за несовесно работење, корупција и системски пропусти.

повеќе

Планот за чист воздух од само 1,5 милиони евра издвоени од буџетот и за граѓаните и за еколошките активисти е несериозен.

повеќе