„Чист криминал, а не масовен бран“

Никола Дујовски: Границата ни стана како швајцарско сирење, некој ги пропушта мигрантите

На патот Радовиш-Штип пред два дена беа откриени 94 мигранти во камион, во истиот регион неодамна во еден ден беа откриени 95 мигранти, а речиси секојдневно полицијата открива помали групи. Се работи ли за зголемен притисок од мигранти на грчко-македонската граница или за криминал? Професорот Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност, смета дека нема опасност за отворање на балканската рута, а ова што се случува сега е очигледен криминал.

Според Дујовски, сегашните преминувања на границата се бројки што може да се контролираат, а продолжувањето на кризната состојба на јужната и северната граница им дава целосен капацитет на институциите, и на армијата и на полицијата, да ја вршат работата.

„Мене ме загрижува фактот што сѐ повеќе има кривични дела. Мигрантите ги има речиси во секое трето товарно возило. Се шверцуваат мигранти. Тоа е голем проблем. Се најде веројатно некоја празна ‘жица‘, празни места на границата на југ, каде што ги пропуштаат, а дали е тоа во дослух со полицијата, со војската, треба органите сериозно да се запрашаат“, вели Дујовски за МКД.мк, додавајќи дека освен што ова е очигледен криминал, не гледа опасност од масовни миграции во наредниот период.

Според податоците од МВР, во периодот од 1 до 29 јули годинава, на територијата на државата откриени се 12 случаи, во обид да бидат прошверцувани 567 мигранти. Мерки на кривичен прогон се преземени против девет лица, меѓу кои и тројца српски државјани за сторени седум кривични дела „шверцување мигранти“. Во однос на структурата на мигрантите, пак, најмногубројни се мигрантите по потекло од Бангладеш-217, Пакистан-189, Авганистан-66, Сирија-28, Иран-12, Сомалија-десет и во помал број од други земји.

Во однос на зголемувањето на бројот на фатените мигранти, кога во време на пандемија и затворени граници се случува дневно да бидат откриени по стотина од нив, Дујовски вели дека има уште трипати по толку што не се фатени.

Никола Дујовски

„Тоа ме загрижува. Има некоја дупка долу на границата, веројатно некоја организирана мрежа што во дослух или со полицијата или со армијата дозволуваат пропуст таму и тоа е многу сериозно прашање. Не знам дали има во моментов некоја акција на МВР, но треба да се следи состојбата и да видиме дали е прашање на толку зголемен број и притисок на границата, или станува збор за чист криминал. За мене ова е апсолутно чист криминал. Едноставно не е можно кога имате речиси херметички затворени граници, војска и полиција и ограда (поставивме жица на сите ризични места) да имаме сто влегувања на црно на територијата на државата. За мене апсолутно не станува збор за толку голем број колку што ние имаме пропуст на границата“, оценува Дујовски.

Според него, притисокот на македонската граница не толку голем како порано и доаѓаат дел од оние мигранти што од Турција преку островите влегле во Грција и слободно се шетаат низ земјата.

„На нашата граница веќе не е толкав притисокот, но тука доаѓаат оние што од Турција преминаа на грчките острови и потоа слободно шетаат низ Грција. И речиси неконтролирано доаѓаат на нашата јужна граница и тука мене многу ме загрижува тоа што она што го држевме скоро три години сега е сосема попуштено и едноставно како швајцарско сирење ни станала границата на долниот дел. Тоа е проблем“, додава Дујовски.

На забелешката дека повторно можат да се забележат мигранти на железничката пруга, тој вели „одат по пруга и ќе одат. Нив некој ги пропушта“.

„Имаме ограда близу до Гевгелија секаде каде што може да се помине, имаме војска имаме полиција. И до пред 6-7 месеци немавме никаков проблем. А притисокот е речиси идентичен. Истовремено ни бројката на мигранти во Грција не бележи некој раст и во еден момент не е повеќе од 1.200. А од нив 10 отсто секој ден ги имаме во Македонија, што е голем проблем. И тоа на откриени, а знаете колку има неоткриени. Секаде. Имаше сообраќајка кај Радовиш, а Радовиш не е на познатата рута, сообраќајка кај Штип, а Штип исто така не е на таа рута. Значи сега влегуваат од многу страни, можно е да влегуваат од кај Дојран од Ново Село, од Беласица од другата страна, таму границата е необезбедена и тоа е проблем“, вели Дујовски.

Што се однесува до превозот на мигрантите со камиони, тој објаснува дека се работи за добро уиграни криминални шеми, организирани групи што врбуваат млади момчиња од сите краишта на Македонија. Според податоците од МВР, имаше сторители и од Струмичко и од Гостивар, од скопските села... од секаде има лица што возат камиони полни со мигранти.

Превозот на мигранти стана вносен бизнис и според неофицијалните информации чини 1.500 евра по човек „од граница до граница“. Во таа сума има дел и за превозникот и за оние што „ги затвориле очите“.

„Од сево ова не би можел да извлечам друг заклучок освен дека се сведува на корумпираност. Затоа што буквално границата ни е речиси слободна, а не сме донеле одлука дека ќе ги прифаќаме мигрантите. Важат истите одлуки што беа тогаш кога ја затворивме рутата. И симптоматично е тоа што никој не се јавува во транзитниот центар ‘Винојуг‘. Таму на дневна основа се јавуваат двајца, тројца или четворица. Максималниот број беше 40 пред 2-3 месеци. Ист е случајот и со Табановце“, додава Дујовски.

Инаку, според информациите што ги добивме од транзитниот центар „Винојуг“, таму има 16 мигранти, односно две семејства што во центарот се веќе две недели. Но бројот се менува, доаѓаат луѓе, ги згрижуваат, ако имаат некој проблем се решава и кога ќе закрепнат ако решат, си заминуваат.

„Не можеме да ги спречиме, ова не е затвор, туку транзитен центар, како автобуска станица, доаѓаат и заминуваат. Ама сами решаваат дали ќе заминат организирано или самоиницијативно. После ќе треба да се расправаат со полицијата“, велат од „Винојуг“.

Оние што ги открива полицијата пак, се регистрираат, добиваат мандатна казна за забрана за влез во државата од 6 месеци и веднаш се враќаат онаму од каде што дошле, односно на грчка територија, а потоа Грците ги враќаат во Турција.

Ж.П.Б.

Во либералните демократии веќе со години се продлабочува политичката поларизација, се намалува довербата во владеењето на правото и, институционално гледано, состојбата општо се распаѓа.

повеќе

Како по ѓаволите успеаја политичарите да го претворат токму Гоце Делчев во повод за поделби и омраза?

повеќе

Независна Македонија не може да се пофали со успешно менаџирање на етничките прашања, а првите „грешки“ се прават во првите денови од независноста.

повеќе