Реакција

Никола Димитров: Потребен e целосен пресврт во нашата политика кон Бугарија

Македонската „политика” не само што го потхранува апетитот на Бугарија и потврдува дека ветото е продуктивно и работи за нив, туку не води сметка за достоинството на македонскиот народ, кој со право се чувствува навреден и онеправдан, вклучувајќи и од вчерашната парада во Битола, вели во реакцијата на својто фејсбук-профил поранешниот министер за надворешни работи на Македонија Никола Димитров.

Неговата реакција ја пренесуваме во целост:
„Преправањето дека имаме пријателски односи со земја чија актуелна политика не ни го почитува неприкосновеното право ние самите да кажеме кои сме и каков јазик зборуваме, која ни ја блокира европската иднина, е политика на себе-газење.
За вистинско пријателство недостасува клучен елемент - основна почит кон соседот, нешто што само ние го обезбедуваме.
Надворешната „политика” на владата кон Бугарија е збир на постојани концесии и на бескрајно трпение за провокации и навреди, без притоа другата страна да се помести од нивните првични позиции од некој друг век и свет.
Оваа „политика" и за аматери е јасно дека е погубна и никако ама никако не може да се спакува како „мудрост”. Таквата „политика” не само што го потхранува апетитот на Бугарија и потврдува дека ветото е продуктивно и работи за нив, туку не води сметка за достоинството на македонскиот народ, кој со право се чувствува навреден и онеправдан, вклучувајќи и од вчерашната парада во Битола.
Внимавајте, ние сме дале документ и подготвени сме да го прифатиме, само чекаме одговор. Одговорот стигна веднаш следниот ден дека тој документ е неприфатлив за Софија. За потоа нашите да се дообјаснуваат дека документот демек бил португалскиот предлог, што е смешно само по себе оти тој одамна е јасно дека не само што е неприфатлив за Софија, туку и директно македонската страна го погази, испорачувајќи нота до ОН, наместо до ЕУ.
Од изјавите на премиерот Петков знаеме дека нашата влада прифатила да преземе обврска да ги вметне Бугарите во Уставот, само се разговарало кога тоа да се направи: дали тоа да биде услов за почетокот на преговорите или да биде услов на следната кривина - отворањето на првиот кластер темели.
Тоа значи дека сегашната влада направила двојни концесии за бугарското барање во однос на позицијата на претходната влада.
Прво, се сложила да усвои амандман на Уставот на почетокот на преговорите. Претходната влада тоа го постави на крајот на процесот, при зачленувањето во ЕУ.
Второ, владата сега ветува нешто што може да го испорача само двотретинско мнозинство во Собранието. Претходната влада разговараше за можноста да иницира уставен амандман до Собранието, на крајот на европскиот пат, кога секако ќе се отвори Уставот заради зачленувањето, оти без симнување на сите антиевропски предизвици кон македонското мнозинство од страна на Бугарија, нема никаква основа во Уставот да се запише бугарското малцинство.
Понатаму, од Петков дознавме и дека се договара дел од билатералните прашања да влезат во преговарачката рамка со ЕУ, нешто што беше црвена линија за нас (и за многу земји членки, вклучувајќи го и португалскиот предлог) претходно. Владата, ако е ова точно, “помага” бугарското барање што не може да го исполни сега да ни стане европско барање.
Како капак, МНР на Бугарија, Генчовска вели дека сето ова е премалку, дека ние речиси воопшто не сме ги исполниле четирите точки што ги поставила Бугарија, ниту има време да го смениме Уставот до јуни за Бугарија да го крене ветото.
Што да каже човек!?
Не може да биде поочигледно дека е потребен целосен пресврт во нашата политика кон Бугарија, што ќе се темели на достоинството на нацијата, на европските принципи и на меѓународното право.
И додека од другата страна нема спремност за добрососедски разговор што прилега на 21от век, да се зафатиме со работа дома.
Во меѓувреме, односите треба да се приспособат на реалноста, а работите да се наречат со вистинските зборови. Ветото е непријателски чин. Уцена. Негирањето на правото на самоопределување е грубо мешање во суверенитетот и во една исклучиво наша работа. Тоа е непријателски чин.
Еднаш за антиевропската бугарска политика кон Македонија реков дека со вакви “браќа” не ни требаат непријатели.
Но, за жал, и со ваква надворешна “политика” на сопствената влада изгледа нема да ни требаат непријатели.
Северна Македонија е независна и суверена држава, членка на НАТО, а не нечија провинција. Така треба и мора да се однесува.
ПС. За оние кои уште тврдат дека Преспа го разгори апетитот на Софија, треба да знаат дека Преспа всушност ја принуди Софија да си го покаже вистинското лице, бидејќи го потврди македонскиот јазик и идентитет. Нешто што очигледно силно ја вознемири актуелната политика на Бугарија“.
 

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе