За последната измена на Правилникот за урбанистичко планирање

Граѓанските иницијативи го искараа Бочварски, а тој градоначалниците: „Повеќе работете, помалку зборувајте“

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски кој учествуваше на денешната јавна дебата „Дискреционите овластувања при донесување на подзаконски акти како ризик од корупција во урбанистичкото планирање" им испрати порака на градоначалниците дека треба повеќе да работат, отколку да зборуваат. Според него реформата во урбанистичкото планирање ги дава своите резултати, пред се со почитуваат законските одредби, а измените на Правилникот за урбанистичко планирање се за тоа во кој правец треба да се движат работите.

„Општините треба да ги ревидираат урбанистичките планови. Многу повеќе се дискутира во јавноста отколку што се преземаат чекори од локалните власти. Мојата порака до локалната власт е наместо дискусии, општините да работат повеќе. Министерството останува партнер на општините и во иднина. Борбата за праведно општество не значи и автократско однесување на било кој. Заврши времето кога министри прецртуваа маркици, а овој Закон го дава потребниот баланс на ова општество. Уште еднаш ве повикувам да работиме и да делуваме", рече Бочварски.

Тој се проинесе со позитивен став  за последната измена на Правилникот за урбанистичко планирање и додаде дека општините ги почитуваат правилата за градење, зеленило, коефициент на искористеност и тие се во заштита на јавниот простор и просторно планирање. 

„ Со членот 122 став 5 се дава автономна можност на општините дека ако некој урбанистички план е штетен може да се измени во смисла на висината на градбите. Општините согласно своите планови за развој имаат самостојно право да донесат и корегираат урбанистички планови за да ги зачуваат природните реткости на местото. Реализацијата на ова би била видлива во наредниот период. Во оние планови кои се доставени за потпис во Министерството за транспорт и врски, главно се почитуваат правилата за градење, зеленило, коефициент на искористеност и тие се во заштита на јавниот простор и просторно планирање", изјави министерот Бочварски.

Вчера независни граѓански иницијативи и советнички групи: Зелен хуман град, Шанса за Центар, Независни за Карпош, Подобро за Тетово, Стига E - Струмица преку заедничко соопштение го изнесоа својот став за последната измена на Правилникот за урбанистичко планирање.

Здружени независните граѓански иницијативи во својата реакција до медиумите посочија дека министерот за транспорт и врски Бочварски остана доследен на својот став од првата прес-конференција пред 2 години дека донесени ДУП-ови не може да се менуваат.

Не само што остана доследен, туку во мај годинава создаде и дополнителна пречка за каква било можност за менување на плановите во насока на намалување на кој било параметар во обемот на градба и бетонизација на нашите градови и општини.

Тоа што над една третина од сите станови во Македонија се невселени, како што покажува последниот попис, не го спречи министерот на нетранспарентен начин, без јавна консултација, исклучувајќи ја стручната фела, самиот да го смени Правилникот за урбанистичко планирање на начин што ќе обезбеди во нашите градови да се градат уште повеќе згради и станови кои нема кој да ги насели.

„Со последнава измена на Правилникот, сѐ она што е внесено во претходните детални урбанистички планови, па колку и тие да се непрофесионални и да го загрозуваат квалитетот на животот на граѓаните и животната средина, станува стекнато право на инвеститорите. Стекнато право стануваат и висината на објектите, и габаритот на зградите и процентот на изграденост пред тие објекти воопшто да постојат. Истовремено, правата на соседите, на сите останати корисници на просторот во градот, правата загарантирани со Уставот за здрава животна средина и хуманизиран простор, со оваа измена стануваат неважни и ништовни. Со ова се саботира јавниот интерес кој и онака никој не го штити при планирањето, како и правото на достоинствен живот. Тоа стекнато право значи дека обемот на градба по сите параметри во секој следен план или измена на план може само да се зголемува, а никако да се намалува. И повторно без одговорност иако со десетици стручни елаборати се докажани огромните недостатоци, незаконитости, неусогласености и се предвидуваат катастрофални последици по нашите градови доколку таквите планови продолжат да се спроведуваат. Сметаме дека самите термини „стекнато право за градење со урбанистички план", односно „претходно стекнати права со урбанистички план", утврдени со Правилникот за урбанистичко планирање од 2020 година и измените и дополнувањата од 2022 година, без притоа истите да се дефинираат и јасно да се утврдат ограничувањата на овие права се спротивни на Законот за урбанистичко планирање, на Законот за урбано зеленило и конечно, на највисокиот правен акт, Уставот на Републиката", се вели во реакцијата.

Од таму ги повикаа сите сограѓани да ни се приклучат во борбата за враќање на владеењето на правото и правната државава. 

„Нема да дозволиме условите за квалитетен живот на кои имаме право по Устав и по закон, функционерите да ни ги сведат на гола борба за преживување и целосно да ни ги потчинат на бескрајната узурпација и бетонизација на секој милиметар слободна површина. Не смееме да дозволиме да нè поразат и да нè обесхрабрат! Мора да си ги вратиме градовите и општините, бидејќи тие се наши. Го повикуваме Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, веднаш да ги повлече срамните измени на Правилникот за урбанистичко планирање. Да потсетиме дека истиот министер Бочварски ги отфрли суспензиите за урбанистичките планови во Општина Центар, дури и оние со кои се реализира Скопје 2014 и оние кои се косат со Законот за урбанистичко планирање не почитувајќи ја хиерархијата со Генералниот план. Неговото министерство го продаде земјиштето кај Холидеј Ин со што ја овозможи градбата на џиновски комплекси против кои застанаа илјадници граѓани и стручни лица. Постојано се залага за легализација на дивоградби со што дополнително прави упад и го поништува професионалното планирање.Овој пат го повикуваме да застане на страната на граѓаните и стручњаците. Да организира расправа и во консултација со стручната фела и заинтересираната јавност да се изработи нов правилник со кој ќе се овозможи квалитетно и хумано урбанистичко планирање и заштита на јавниот интерес", се додава во вчерашната реакцијата. 

Во периодот од 1 до 15 јуни 2022 година до Уставниот суд се поднесени осум иницијативи и по нив се оформени предмети кои се предадени на работа на советници на Судот и судии. Нјаголем дел од иницијативите се однесуваат на урбанистичкиот хаос во Скопје и Охрид.

Со иницијативата поднесена од Даниел Георгиевски се оспорува одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт 305 помеѓу булевар Илинден и булевар 8-ми Септември, булеварот Партизански одреди и улица Љубљанска, општина Карпош, Скопје.

Дел од наводите на иницијативата се дека при изготвувањето на оспорениот ДУП, општина Карпош не ги почитувала наведените уставни и законски одредби, односно дека се направени повеќе пропусти во постапката за донесувањето на наведениот ДУП. Се наведува дека донесувачот не ја објавил Одлуката за неспроведување на Стратегиската оцена за влијание на животната средина и формуларот на веб-страницата, обврска предвидена во Законот за животна средина. 

Меѓу иницијативите пред Уставниот суд има и оспорување на урбанистичкиот план вон населено место Долни Лакочереј вон град донесен со одлука на Општина Охрид во 2015 година.

Подносителката на иницијативата смета дека оваа одлука е спротивна на темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, бидејќи со Урбанистички план вон населено место, општината урбанизира простор со намена индустриска зона во чиј делокруг може да се градат индустриски објекти со класа Г2- Лесна преработувачка и помалку загадувачка индустрија.

Според наводите, Урбанистичкиот план за Долни Лакочереј вон град е спротивен и на членовите 6,8 и 9 од Законот за управуваање на светското природно и културно наследство и обврската на државата за должна заштита на Охридскиот регион од активности кои можат да предизвикаат уништување и деградација на светското природно и културно наследство. Подносителката наведува дека при донесување на оспорениот урбанистички план Општина Охрид не водела сметка дека индустриската зона се наоѓа на само 700 метри од црквата „Св. Еразмо"-светско културно наследство и 900 метри од Охридското езерозаштитено од УНЕСКО. 

                                                                                                К.Д.

                                                                                                                                        

Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа.

повеќе

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе