Општо гледано, повеќе од половина од граѓаните сметаат дека Македонија се движи во погрешна насока (56,9%). Најнезадоволни од насоката во која се движи државата се граѓаните на возраст од 30 до 49 години и припадниците на македонската националност.
Просечните оценки за сите државни институции што беа предмет на истражувањето се под 3 (2,08 за судството, 2,31 за Специјалното јавно обвинителство, 2,40 за Владата, 2,41 за државните институции, 2,61 за премиерот и 2,88 за претседателот). Судството има најниска оценка од сите институции, а претседателот на државата највисока.
Забележително е дека испитаниците од македонска националност давале пониски оценки, за разлика од Aлбанците и припадниците на други националности.
Повеќе од половина од населението (52,6%) смета дека СЈО не ги исполни очекувањата на своето постоење и речиси половина сметаат дека СЈО не треба повеќе да постои (46,8 отсто). Да напоменеме дека оваа анкета е правена пред да се отвори аферата „Рекет“, во која е вмешана и специјалната обвинителка Катица Јанева.
СЈО има поголема поддршка кај постарото население и кај припадниците на албанската националност и другите националности. Една третина од Македонците сметаат дека оваа институција треба и понатаму да постои.
Мнозинството граѓани (84%) сметаат дека правосудството во Македонија не функционира. Како главни причини за нефункционирањето на правосудството се наведуваат „нефункционирањето на целиот систем“ и „судиите“. Како трета причина за нефункционирањето на правосудството Албанците го наведуваат „Министерството за правда“ додека Македонците - „премиерот“.
Во однос на проектот за враќање на 15% од ДДВ - 37% од граѓаните се индиферентни додека помеѓу оние што имаат некаков став мислењата се поделени. Разгледувано по возрасни категории, мерката е најпозитивно прифатена помеѓу лицата на возраст од 18 до 29 години.
Ако се гледа националната определеност на прашањето за политичката определба на граѓаните, меѓу Македонците најголема поддршка има ВМРО-ДПМНЕ - 11,4% од сите анкетирани, а за СДСМ би гласале 7,7% од Македонците.
Кај Албанците најголема поддршка има ДУИ - 2%, Алијансата за Албанците 1,6% и Беса 0,8%.
Она што исто така беше карактеристично во оваа анкета во однос на одговорот на прашањето за која партија би гласале, е огромниот процент на оние што одговорија „не знам“ - 24,8%, „нема да гласам“ - 27,5% и „не сакам да кажам“ 19,4%.
Споредбите со анкетата направена лани во ноември главно покажуваат надолен тренд, тренд на зголемена разочараност и незадоволство.
Анкетирањето беше спроведено од 8 до 13 јули 2019 година, телефонски, на примерок од 1.200 испитаници.