Македонија од идната година во Тројката председавачи со ОБСЕ

Незадоволство во МНР од конкурсот за избор на дипломати за Мисијата во Виена

Македонија во 2023 година ќе го преземе претседателствувањето со ОБСЕ, а од следната година ќе биде дел од претседателската тројка земји. Засега е извесно дека покрај шефот на македонската Мисија во Виена, ќе има уште тројца дипломати, двајца се веќе избрани, но за нив колеги од Министерството за надворешни работни реагираат дека тие го немаат потребното искуство за оваа значајна мисија. Од МНР нагласуваат дека изборот е извршен во законска процедура и базиран врз потребни критериуми.

Во Министерството за надворешни работи е објавено дека на конкурсот за избор на високи дипломати за македонската Мисија при ОБСЕ и Обединетите нации во Виена се избрани две лица вработени во МНР, а во тек е конкурс за избор на уште еден дипломат. За МКД.мк дипомати брифираат дека избраните кандидати немаат ниту еден ден работно искуство поврзано со ОБСЕ и дека овој ангажман практично ќе им биде прв работен судир со оваа материја. 

Тие нагласуваат дека Мисијата во Виена треба да биде од првокласен државен интерес и можност за промоција на македонската надворешна политика имајќи предвид дека веќе треба да почнат подготовките за идното претседателство на Македонија со оваа организација кое ќе го преземе во 2023 година. Но уште побитно е дека веќе од следната година земјава ќе биде дел од Тројката претседавачи со Организацијата, со Полска која ќе претседава наредната година, Македонија потоа, а Естонија во 2024 година.

Како што веќе пишувавме, Македонија уште есенва ќе има многу значајна улога во ОБСЕ, бидејќи од септември нашата Мисија треба да го води Комитетот за финансии на Организацијата. Македонската Мисијата мора уште тогаш да има подготвен тим затоа што носењето на буџетот на ОБСЕ за 2022 година е од најсуштествено значење заради планирање на идните активности. Есенва земјава треба да се вклучи и во други комитети, што значи дека најдиректниот ангажман во врвот на ОБСЕ ќе трае и подолго од три години.

Според нашите извори, многу е дискутабилен изборот на двајцата дипломати, бидејќи ако се има предвид дека секоја земја во мисиите во Виена испраќа искусни дипломати со веќе изградени контакти во сферата на ОБСЕ - дипломатијата, тогаш, велат, се работи или за партиски или за лични односи при нивниот избор. Уште повеќе, затоа што во критериумите за конкурсот воопшто не е наведено конкретно минато искуство поврзано со ОБСЕ, ниту пак дека тоа би се зело како предност при изборот. 

„Државата се бореше да ја добие можноста да претседава со ОБСЕ, а сега кога таа позиција е добиена, повторно пројавуваме несериозен однос и во прв план не се става националниот интерес. Ако го земеме примерот на други држави кои претседавале, ќе видиме дека нивните мисии броеле и до 20 дипломати, нашата, сега за сега е извесно дека есента ќе ја дочека само со тојца дипломати, плус амбасадорот кој е шеф на мисијата", вели еден дипломат за МКД.мк.

Тој нагласува дека продолжува праксата да се заобиколат високите мултилатерални дипломати создавани со децении кои го имаат потребното искуство и позитивните оценки. Вели дека новите кадри нема да можат „преку ноќ" да бидат подготвени за задачите со цел на соодветен начин да придонесат за успешно претставување на земјата.

„Но, од евентуален неуспех најголемата штета ќе ја има државата, а одговорноста ќе падне на МНР и секако на Владата", вели дипломатот.

МКД.мк упати прашања до МНР поврзани со критериумите за избор на дипломатите за Мисијата во ОБСЕ. Од МНР за реакциите на некои од дипломатите велат дека станува збор за лично незадоволство.

„Објавувањето на конкурси во Министерството за надворешни работи и избор на дипломати за пополнување на места по дипломатско – конзуларните претставништва и постојаните мисии на Република Северна Македонија во странство е интерна и транспарентна процедура на кои се пријавуваат дипломати кои ги исполнуваат предвидените критериуми и услови за упатување. Министерството за надворешни работи нема да навлегува во коментари на внатрешната конкуренција помеѓу дипломатите за упатување во странство. Сите дипломати се избираат низ процедури кои се уредени законски и со правилниците на МНР", одговорија од Министерството.

МНР потврдно одговори на нашето прашање во колкава мера ќе биде проширена Мисијата имајќи го предвид идното претседавање:

„Избраните дипломати се меѓу првите од десетици дипломати кои ќе бидат упатени во Постојаната мисија на Република Северна Македонија во Виена, во рамки на зајакнувањето на капацитетите на мисијата со цел успешно организирање и претседавање на Република Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година".

Инаку, од Виена дипломатски се покриваат и Обединетите нации како и други меѓународни мисии, организации и светски центри. Успешното претседателствување со ОБСЕ може да резултира и со избор на македонски шеф на мисија во некоја од државите, што досега македонската дипломатија само еднаш успеала да го постигне. Од друга страна, претседаталството е можност Македонија да наметне свои предлози и одлуки поврзани со меѓународната политика, па и такви со кои се штитат државните интереси, од типот на актуелниот спор со Бугарија или пак, за положбата на македонското малцинство во соседните земји и нивното право за политичко и општествено организирање за што постојат бројни меѓународни и судски одлуки и декларации.

П.Џ.

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе

Во последните 30 години сите политички партии, независно од тоа колку демократски се претставуваат во своите програми, на државата гледаат како на инструмент, што е пак првиот сигнал, чекор кон авторитарност.

повеќе