Целта е да се зајакнат способностите на учениците и идните учесници во демократските политички процеси за развивање критичка свест кон политиката, државата и слободите, велат од ИДСЦ и додаваат дека дефиницијата за „лојални граѓани“ во учебникот за осмо одделение не го прави тоа.
Како што е познато во овој учебник пишува дека лојалните граѓани се „секогаш подготвени да ги следат правилата и прописите во општеството и по цена да мораат да се откажат од своите слободи“.
Ова икажува на послушност по цена на загрозување на основните граѓански и политички права на граѓанинот во една демократска држава, сметаат од Институот.
„Оваа дефиниција не придонесува кон промоција на политичка култура во која идните граѓани ќе ги оценуваат работата на институциите и општествените текови низ призмата на промоција на човековите права и слободи. Ограничувањето на слободата потребно е да биде објаснето преку потребата за слобода и на останатите граѓани, а не преку потребата за безбедност“.
Во истата дефиниција е напишано дека „лојални граѓани“ се оние кои „за својата благосостојба се заслужни самите и не се на грбот на општеството“. На овој начин, граѓаните кои се со финансиски или здравствени потешкотии, и кои за тоа примаат помош, имплицитно се дефинирани како нелојални. Имајќи предвид дека во голем дел земји постои социјална програма на државата, а некои (како и Република Македонија) се дефинирани како социјални држави, горенаведената дефиниција е во спротивност со принципите на современите општествени уредувања, сметаат од Институтот.