Петнаесетгодишен спор

Немањето разрешница за ГА-МА ја одложува гасификацијата на Македонија и ќе ни донесе казна од Европа

Тоа што владините органи не ја спроведуваат договорената поделба на ГА-МА меѓу државата и компанијата „Макпетрол“ значи одложување на процесот на гасификација на Македонија, можна милионска казна од Европската енергетската заедница и пропаѓање на веќе четири години готовиот а празен гасовод Клечовце – Штип.

Компанијата ГА-МА, која требаше да управува со гасификацијата на Македонија, во 2006 година е поделена меѓу државата и „Макпетрол“ на еднакви делови, секој по една акција (50:50). По извесно време, европската регулатива наложи дека една компанија не може истовремено да биде и трговец и снабдувач со гас. Ова значеше дека „Макпетрол“ треба да излезе од ГА-МА за соодветен надомест. Судскиот спор за тоа кој колку вреди во оваа компанија е почнат уште во 2005 година и сè уште е во почеток, во првостепена постапка.

Во меѓувреме е донесен Законот за енергетика (мај 2018 година) и Третиот енергетски пакет, што подразбира дека Македонија презема обврски Македонија пред Европската енергетска заедница од Виена во однос на регулирање на пазарот.

За овој спор имаше и медијација во посредство со претставници на Енергетската заедница, која според информациите од двете страни завршила успешно. Направена е процената на компанијата, која ниту една од страните не ја оспори, што значи дека државата на „Макпетрол“ треба да му плати околу 32 милиони евра. Годинава од буџетот за оваа намена биле предвидени 1,9 милијарди денари, кои поради тоа што роковите веќе не се испочитуваа биле префрлени на сметката на НЕР, поранешна МЕР (Национални енергетски ресурси). Сè требаше да биде завршено до крајот на 2019 година, но засега не е сторено ништо.

Тешко е да се претпостави дека техничката влада пред избори ќе успее да го заврши овој проект, а неизвесно е и колку брзо ова ќе може да биде завршено и по изборите. Оптимистичките прогнози се дека некаде од септември би можело повторно да се отвори ова прашање пред Владата и да се заврши. Но дотогаш...

Зошто не е спроведена спогодбата меѓу „Макпетрол“ и Владата, за што имало донесено и владина одлука? Таа одлука подоцна била укината и донесена нова одлука да се оди со донесување закон. Но ни тоа не е сторено. Кога ќе се одблокира процесот - денес нема кој да каже. Парите се обезбедени, префрлени се на сметката на НЕР за таа намена, но реализација нема.

Целото ова неразбирливо одложување и непостапување по препораките на Европската енергетска заедница може да значи и санкции за Македонија. Бугарија пред извесен период за слично вакво непостапување платила 80 милиони евра казна.

Ова значи и одложување на процесот на гасификацијата на Македонија, што беше еден од приоритетите на оваа влада.

Лани премиерот Зоран Заев изјави дека со ребалансот на Буџетот се проектирани околу 1,9 милијарда денари за ГА-МА. „Постапката на договарање со Макпетрол сè уште трае, а решението се очекува до крајот на годината. Државата ќе стане сто отсто сопственик на целиот гасоводен систем. Знам дека се надминати работите, тоа со Правобранителството е конечно одлучено, правно постапките се завршени, се прават конечните процени со Заводот за судско вештачење. Вредноста на ГА-МА е јасно утврдена и колку се инвестирало плус. Со законско решение ќе настапиме во парламентот за ваквата одлука. До крајот на годинава ќе го решиме“, објасни лани премиерот и додаде дека со ова се решаваат крупните прашања што се обврска кон Европската енергетска заедница, но и според Законот за енергетика.

Инженерите предупредуваат дека веќе четири години готовиот гасовод Клечовце-Штип (инвестиција од 60 милиони долари за 55 километри гасовод) не се употребува, во цевките нема гас, што значи можни сериозни оштетувања на инсталацијата. Профункционирањето на овој гасовод значи уште една наша обврска за поврзување со Грција, каде што се конектираме на ТАВ. И ова е обврска од Европската енергетска заедница.

Владата со префрлањето на тие 1,9 милијарди денари на сметката на НЕР се пофали дека тоа придонело реализацијата на капиталните инвестиции да е околу 99 отсто. Но очигледно е дека се работи само за бројки, а не и за реално завршување на работата.

А.Д.

Минхенската безбедносна конференција, која со децении служеше како силен симбол на силата на западното сојузништво, оваа година покажа дека јазот меѓу сојузниците е поголем од кога и да е.

повеќе

Време е да се почне да се размислува што може да значи тоа.

повеќе

Која е логиката на Заев и СДСМ со вчерашниот протест што од сега се гледа дека ќе им биде и наративот за целата кампања?!

повеќе