Не би можел кусо, а детално да одговорам на прашањата поврзани со вашата земја и Втората светска војна, како и за тоа како е создадена како нација и држава, бидејќи малку би биле 24 часа за да одржам предавање на таа тема, одговори на едно новинарско прашање бугарскиот копретседател со Комисијата Ангел Димитров во однос на тоа како ги коментира изјавите од бугарскиот државен врв во кои се вели дека Македонија е вештачка нација, а државата создадена од страна на Коминтерната и Јосип Броз Тито.
Димитров рече дека ставовите на бугарската политика се потпрени врз бугарската историска наука, но и дека, како што нагласи, во бугарската државна политика и меѓу партиите ставовите се исти по тие прашања. Тој на новинарот му даде препорака: „Читајте ги вашите историски изори".
Сепак, тој подоцна, на прашање со слична содржина од друг новинар, одби да се огради или да ги осуди изјавите на бугарскиот премиер Борисов, како и на вицепремиерот Каракачанов и министерката за надворешни работи Захариева кои го негираат македонскиот јазик и идентитет и тврдат дека македонската нација е вештачки создадена, но сепак даде коментар.
„Станува збор за одлука - директива на Коминтерната во поглед на македонска држава. Не бидете емотивни кога прашувате. Република Северна Македонија сѐ уште не направила критична научна анализа на југословенскиот период, за периодот кога постоел Варшавскиот пакт".
На потпрашањето дали новинарот од неговиот одговор може да си извлече заклучок дека Димитров тврди дека Коминтерната ја создала Македонија, копретседателот кусо одговори:
„Не избрзувајте со заклучоци".
Во поглед на дебатата која во Комисијата се развила околу употребата на името на маедонската држава, копретседателот од македонската страна Драги Ѓорѓиев рече дека македонските членови во Комисијата не се согласуваат со предлозите за употребата на името кое произлезе од Преспанскиот договор во сите ситуации, од државни институции се до поими.
„Имаме многу примери каде таквото барање не е применливо - македонски јазик, македонска историја, македонски идентитет...традиција и други термини едноставно не се согласуваме да бидат во употреба со име кое произлегло од Преспа. Имаме недоразбирања во тој контекст и за неколку дена, во помал формат, повеќе ќе стане збор".
Ѓорѓиев рече дека се утврдени позиции во поглед на бугарските учебници за 5 и 6 одделение како и за македонскиот учебник за шесто одделение, а дека се разговара за учебник за седмо одделение.
На ова реагираше Димитров, несогласувајќи се со вакво тврдење, оценувајќи дека споменување на еден учебник значи минимизирање на работата.
„Сите објаснувања дека средниот век е завршен не се целосни. Единствено нема несогласувања околу праисторијата и антиката. Ввжен е и средниот век, многу важни се прашањата за дваесеттиот век", рече Димитров.
Ѓорѓиев рече дека македонската страна во преговорите имаше предлози на учениците да им се даде повеќестран пристап кон средниот век и Цар Самоил, но дека бугарската страна инсистирала кон унисоно гледање на историјата во однос на Бугарското царство и Цар Самоил.
Инаку, Димитров ја искористи и оваа прес-конференција за да потсети дека бил првиот бугарски амбасадор во Македонија. Притоа рече дека Бугарија прва ѝ помогнала на Македонија во времето на нафтеното ембарго во деведесетите години, дека помогнала за време на бегалската криза од Косово и дека две години подоцна ѝ подарила на земјава тенкови.
„Како сојузници во НАТО мора да настојувате да влезете во ЕУ преку главната врата и да се потпрете на пријателите“, рече тој.
П.Џ.