„Недостигот на политичка волја за справување со овој проблем се согледува и во тоа што Министерството за образование не знае ни точен број на средношколци кои би имале потреба од образовни асистенти. Тоа укажува дека инклузијата на децата со попреченост, како најранлива група во општеството, не е меѓу приоритетите на надлежните институции“, велат од Комитетот.
Хелсиншкиот комитет за човекови права ги повикува претставниците на извршната и законодавната власт да ги донесат потребните законски измени, со кои ќе се регулира воведувањето ваква асистенција во средните училишта.
„Со оглед на тоа што учебната година е веќе започната, апелираме да се најде итно решение со кое ќе им се овозможат асистенти на сите средношколци со попреченост до донесувањето на законот. Иако неколку општини објавиле јавни повици за ангажирање на образовни асистенти преку програма за општокорисна работа, тоа ни приближно не ги задоволува потребите, а дополнително ги става во нееднаква положба децата од различни општини“, нагласува Комитетот.
Меѓународните документи кои се ратификувани и од нашата држава се доволна правна основа за МОН да донесе итно решение со кое децата со попреченост ќе ја добијат неопходната асистенција за да бидат вклучени во наставниот процес, соопшти Хелсиншкиот комитет и заклучува дека политичките калкулации, блокадите во носењето закони и неодговорноста која се граничи со нехуманост не смеат и понатаму да ја минираат инклузијата на децата во општеството.