Од Комисијата нагласуваат дека предмет не се црковно-теолошки прашања или утврдување на статусот на МПЦ-ОА или, пак, нејзино дефинирање во национална смисла.
Комисијата, со разочараност истакнува дека смета оти одделни медиуми прават конструкции од содржината на разговорите на последната средба.
„Повторно сведочиме како свесно се создаваат непостоечки проблеми и измислени закани по македонскиот идентитет со што јавноста се доведува во заблуда и се манипулира со нејзините чувства, особено со чувствата на македонскиот народ. Повторувањето на овие дезинформации во однос на работата на Комисијата ќе ги сметаме за свесно инструментализирање на нејзината работа со цел остварување на политички цели. Затоа, повикуваме на одговорност во информирањето на јавноста за работата на Комисијата не само од страна на медиумите, туку и од сите општествено-политички актери во македонското општество“, се вели во писмената реакција од македонскиот тим на мешовитата македонско – бугарска историска комисија.