Реакции по текстот на МКД.мк

Не постои оправдување за недоделувањето на наградата 11 Октомври

По текстот на МКД.мк за скандалот со недоделувањето на државната награда 11 Октомври годинава, во дел од интелектуалната јавност владее ставот дека носителите на државни функции направиле непростлив пропуст, покажале непочитување кон значајни датуми од историјата на Македонија и невреднување на националните достигнувања. Велат, станува збор за индолентен однос кон вредностите што се создаваат во државата и за приоритет на лични, партиски и политички интереси. Дел од соговорниците велат дека јавноста можела барем навреме да биде информирана дека постојат некакви објективни околности како пречка годинава да не биде доделена државната награда. Но и нагласуваат дека, како што е и во животот, ако нешто се сака, нема пречка што не може да се премине.

Но, според дел од нашите соговорници, не може да се најде доволно силна причина зошто годинава празникот 11 Октомври помина без традиционалното доделување на државната награда, која се доделува од 1959 година.Дел од причините зошто годинава не е доделена наградата се наведени во нашиот текст со наслов „Скандал - зошто годинава не беше доделена државната награда 11 Октомври?“ Во времето кога требаше да се формира нов одбор за доделување на наградата 11 Октомври Собранието на Македонија беше распуштено поради предвремените избори и не беше функционално за преку собраниска комисија да се утврди предлог за претседател и состав на 12-члениот одбор, кој потоа, во законскиот рок, би распишал конкурс за предлози за наградата, кој треба да биде отворен од 1 до 31 мај. Исто така, државата живееше во вонредни услови поради пандемијата на ковид-19, поради што и самиот датум на изборите беше пролонгиран.

„И покрај тоа што знаеме дека постоеја некои објективни околности во општеството, пред сѐ неработењето на Собранието на Македонија, нема никакво оправдување што не е доделена државната награда 11 Октомври, ниту ќе има оправдување што нема да биде доделена државната награда Свети Климент. Какви причини и да се наведуваат како оправдување, доколку се имаше вистинско чувство за важноста на наградата, која како државна, македонска, се доделува со децении, ќе се најдеше начин како да биде распишан конкурсот и наградата да биде доделена“, вели новинарот, поет и публицист Глигор Стојковски.

Тој потсетува дека во деведесеттите години еднаш се случи ситуација да биде доведено во прашање доделувањето на оваа награда поради доцнење на процедурите, но, нагласува Стојковски, по серијата написи во дневниот весник „Нова Македонија“, одговорните направија напор и најдоа начин како работите да се исправат.

Сега, доколку се имаше желба и настојчивост, како и свест дека постојат работи што се битни пред сѐ за државата, сигурно можеа да се надминат проблемите и да биде формиран одборот за доделување на наградата, можеби со посебна одлука, и да биде продолжен или обновен мандатот на стариот одбор, па потоа да се објави конкурс. Просто е неверојатно со колкава леснотија тогашното раководство на Министерството за култура премина преку ова прашање и се случи тоа што се случи - две најпрестижни награди „11 Октомври“ и „Свети Климент“ да не може да бидат доделени. Невиден индолентен однос“, вели Стојковски.

Поетот, есеист и критичар Раде Силјан, кој оваа национална награда за животно дело ја доби во 2010 година, во реакцијата за МКД.мк вели:

Инертноста во Република Македонија во поглед на одбележувањето и вреднувањето на високите национални остварувања во последно време зазема епски димензии. Круна на ,заборавеноста’ или ,забеганоста’ на институциите е недоделувањето на годинашната државна награда 11 Октомври за животно дело. Во време кога сме изложени на жестоки притисоци за нашето славно минато и за нашата современа реалност, македонските бирократи годинава ни приредија голем срам и ги понижија творците според чии дела нѐ препознаваат во светот“.

Други наши соговорници, кои се согласуваат дека се работи за голем скандал, велат дека претходниот министер за култура, доколку сметал дека не може да се надминат процедуралните проблеми поради распуштеното Собрание на Македонија, каде што всушност се формализира одлука за состав на одборот за оваа награда, како и поради вонредните состојби поради ковид-19, требало да излезе во јавноста и да соопшти дека наградата 11 Октомври годинава не може да се додели. И да наведе дека нема да се доделат и други државни награди, но и да најави дека наградите за 2020 ќе бидат доделени идната година на соодветните датуми, заедно со наградите за 2021 година.

„Тоа ќе беше чесен пристап – со време да се кажат објективните причини. Зашто вака излегува дека одговорните во државата заборавиле на оваа награда оптоварени со своите партиски проблеми и изборни предизвици, па затоа и сакале да го скријат тој проблем, што и не е далеку од вистината. Многу големи светски настани со долга традиција годинава беа откажани поради кризата со ковид-19 и тоа никаде не е сфатено како некаква трагедија. Но сепак, никаде не се заборавило тоа навреме и да биде соопштено“, велат соговорниците.

Вака, може да се шпекулира и да се наоѓаат разни причини во сферата на внатрешната, па дури и на надворешната политика. Но гневот во дел од јавноста, додаваат, може да биде и поголем кога се знае дека е формиран само Одборот за доделување на наградата 22 Ноември, која е востановена по иницијатива на албанската заедница, а кој ја имал таа среќа да може да биде формиран навреме, кога Собранието уште било функционално.

Дел од нашите соговорници упатуваат и на друг проблем поврзан со националните награди, зашто, велат, тие заличуваат како да се зафатени од некаков инфлаторен бран. Укажуваат дека има голем број национални награди што опфаќаат профили на личности од најразличен калибар – од уметници, научници, стопанственици, спортисти... Во светот, според нив, генерално нема конкурси за престижните награди, зашто се води сметка добитниците да се избираат од редот на самопријавени личности или личности номинирани од некого или од некаква организација. Одлуките кому ќе му се оддаде посебно признание ги носат личности што значат нешто во општеството, според сопственото уверување базирано на длабоки анализи.

Покрај тоа, не сите поединци што со своите дела дале придонес и обележале еден период, сакаат преку конкурс да добијат награда.

Треба да се видат светските искуства, велат нашите соговорници, со цел да не се девалвира дејноста на луѓето. Секако, нагласуваат, треба да се анализира дали некои од македонските национални награди придонесуваат за сплотување или за делби во општеството, давајќи го примерот со нивната шареноликост - од наградата 23 Октомври (Ден на ВМРО), која по четврти пат не е доделена, преку 11 Октомври и Свети Климент, па сѐ до наградата 22 Ноември (Ден на албанската азбука).

Панта Џамбазоски

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец.

повеќе

Западен Балкан оди во насока на целосна контрола на државните институции во служба на политичките елити. Не е чудо што граѓаните имаат ниска доверба во овие институции.

повеќе

Граѓаните се преморени од бескрајните, приказни на предавници и патриоти, тирански платформи, договори со Грција, Бугарија, рекети, пописи, тендери,

повеќе