Интервју

Наум Пановски: Во Македонија владее волјата на нејзините непријатели, волјата на фамилиите што наизменично доаѓаат на власт

Македонија мора радикално да се соочи со себе и да се пресмета со своите заблуди, од својот паразитизам, да се ослободи од сиот тој самодеструктивен баласт, да се ослободи од ова зло што ја разјадува државата однатре, и најважно, да се ослободи од примитивизмот и диктатурата и на македонскиот и на албанскиот етноцентризам и клерикализам. Македонија мора да се извлече од наметнатиот коњски ам, кој ја зароби и ја претвори во бинационална државна заедница, со октроирано име и октроиран устав, и да се врати, односно да ги обнови од корен вистинските хуманистички, етички и граѓански вредности, вели во интервјуто за МКД.мк д-р Наум Пановски, професор по хуманистички науки и уметности, режисер што откако ја напушти Македонија, веќе 30 години живее во САД.

Никогаш не ги прекинавте врските со Македонија и регионот. Активен сте и како режисер, сценарист, колумнист и активист во целиот регион. Што мислите за состојбите во Македонија?

- Не е едноставно ни од внатре, а ни од надвор да се следат состојбите и деструктивните процеси што придонесоа Македонија да ја нема веќе. За жал, Македонија не постои веќе. Да, токму така. Многумина и таму кај вас внатре тоа го гледаат и го знаат, а и на многумина надвор од Македонија, раселени низ целиот свет, тоа им е сосема видливо и јасно. Разликата е во тоа што поголем дел од луѓето што живеат во Македонија се збунети, замаени и шашардисани од сето тоа што се случува. Најголем дел од луѓето го гледаат сето тоа и го чувствуваат на своја кожа, скапо го плаќаат, но од опортуни и себични причини, лицемерно затворат очи пред тие процеси на сеопшто разградување на Македонија и се залажуваат дека утре некоја сила од надвор ќе дојде и ќе ги спаси. И сето тоа срамно затворање очи, тој ескапизам од реалноста, или пак повладување на состојбите, се случува само и само од немање интегритет и личен капацитет да се фатат во костец со злото околу нив, кукавички и неморално ги бранат своите наследени привилегии и ги оправдуваат своите бесрамни постапки криејќи се зад своите „храбри“ изјави: „Па види сега, имам деца и внуци за гледање“ или „па од нешто мора се живее“. Како многумина од нас што целиот свој живот сме се бореле за демократија и против авторитарните властодршци, и кои сме удриле на маса во нивните кабинети или сме им треснале врата во знак на несогласување и бунт против нивното непримерно однесување, како ние да не сме имале или да немаме деца. Но сме го презеле и ризикот, а и ги сносиме последиците од тие постапки и казните за нашиот бунт. Но мислам дека сме го сочувале својот интегритет пред сѐ како луѓе, а потоа и како творци. Би сакал да верувам, и покрај тоа што знам додека гледам од далеку дека тоа не е денес така во Македонија, но сепак би сакал да верувам, велам, дека со своите разборити и бодри постапки, сме оставиле некоја трага што нема да создава генерации на полтрони и кукавици, на луѓе што нема да бидат од оние што велат, како што Живко Чинго велеше честопати со иронија, „ај чувај си го лепчето“, туку луѓе што ќе бидат свесни за својата моќ, кои ќе ја земат својата судбина и судбината на својата земја во свои раце и кои ќе владеат со своите животи во слободна држава, а не да бидат владеани од неписмен и брутален полусвет.

Како тоа мислите не постои веќе? Па функционираме како држава – сѐ уште.

- Новата држава, која од страв ја нарекуваат „нашата држава“, ми личи на еден панаѓурски ѕид на смртта во кој една селска будалетинка изигрува храбар моторџија, вртејќи бесмислени кругови во место, додека клакерите го гледаат тоа бесмислено самоубиствено вртење во круг, тоа шлајфување во место, и како блентави му ракоплескаат на „храброста“. Е, само работата е во тоа што од многу „храбро верглање во место“ целата градба распукала, се срушила, и се претворила во еден заразно загаден градежен смет во кој, како во жив песок, луѓето раскарани меѓу себе се глодаат, се мразат и плукаат, се дават и се прпелкаат во рушевините и остатоците од градбата, но не прават ништо сериозно за да излезат од тој смет и смрдеа што ги проголтува. Од друга страна, државата сега така оставена без своите државни темели и без заштита од тие што треба да ја штитат, е доведена во состојба во која кој како стигне зема од неа и ја присвојува. А луѓето, граѓаните, особено Македонците, кои до сега беа мнозинство во државата, сега се обезличени и понижени, и се на пат кон ново административно исчезнување. Затоа така не постои.

Дали е тоа од страв?

- Да. Така шашардисани и уплашени, додека од внатре врие до точка на експлозија, тие чекаат некој друг да им ја заврши домашната работа, затоа што ако мрднат се плашат дека ќе потонат во калта и зовриениот жив песок што ги голта. Да бидам јасен за оние во врвот на неподносливата власта, кои не можат да разберат, заради тоа што имаат само по три часа и по еден голем и еден мал одмор од образование, и кои тврдоглаво и инаетчиски одбиваат да разберат дека треба да си одат и да ја ослободат Македонија од својата смртоносна прегратка. Кога велам дека се урнати државните темели, мислам на македонскиот Устав, кој е основата врз која почива, се гради и се чува државата. Тој е повеќекратно погазен и девастиран. Прво е начнат 2001 година, а потоа фрлен под нозе на 24 декември 2012, и конечно распартален и уништен 2017-19, за денес да е во употреба еден октроиран Устав, кој поради околностите под кои е донесен, се сомневам дека е правно валиден.

Но во Македонија одамна не владее правото.

- Точно така. Во Македонија владее волјата на непријателите на Македонија, односно владее волјата на фамилиите што наизменично се на власт, а Уставот се менува секојдневно по желба на соседите.

Тоа странците веќе го нарекоа хибриден режим.

- Да, токму затоа денес на темелите на поранешна Македонија имаме нова аморфна заедница, која е од една страна доминирана од албанското националистичко и насилно малцинство, а од друга управувана од инфилтрирани непријатели на Македонија од бугарско происходство, кои заедно сервилно и од петни жили се трудат да го бугаризираат и да ѝ го потчинат на Бугарија она што останало од државата.

Сето ова секако го гледам од дистанца, ослободен од политички притисоци, со мирна глава, јасно, без личен интерес од сето тоа, но не со помала страст и грижа за тоа што се случува таму. А тоа распаѓање на сѐ хумано во таа држава и уривањето на АСНОМ-ска Македонија, тој етнички инженеринг што здружено го спроведуваат и ВМРО-христијанска и СДСМ-демохристијанска, за жал трае и се случува систематски повеќе од 30 години. Од појавата на вмровските политички шарлатани и војводи во деведесеттите, па сѐ до денешната деидеологизација и до манипулациите, лагите и злоупотребите на сегашните квазисоцијалдемократи, на кои им е важен личниот профит, а не интересот на државата и нејзините граѓани.

Многу често Ве напаѓаат поради Вашите согледувања од страна и поради Вашиот критички став и велат „лесно му е нему од надвор да гледа и од далеку да ни дели ум и совети“.

-Тие груби коментари доаѓаат пред сѐ од луѓе што не трпат поинакво мислење, од лажни величини и потрошени политичари, кои мислат дека се најумни, кои ги забрануваат и ги блокираат оние што мислат поинаку од нив, а кои всушност се ксенофоби уплашени од сѐ што доаѓа однадвор и кои се грижат само за своите лукративни привилегии. Има во тоа и доста пакост и личен анимозитет, но одамна сум навикнал на таквите примитивни напади.

Јас сум професор што на своите студенти и им создава безбеден креативен простор во кој тие сами можат да го разберат светот во кој живеат. Јас не сум поп проповедник в црква што вели слушајте што зборувам, не гледајте што правам и кој со инка им налева догми в глава. Секако, секој според своите способности и ги гледа и разбира моите критички и аналитички опсервации.

Во општеството одамна нема искрен и отворен разговор, без лепење етикети и суети.

-На Македонија ѝ е потребен сериозен и отворен разговор без судир на ситните суети и големите ега. И најмалку се потребни лидери што го зацврстуваат својот култ на личноста со тоа што се единствени кандидати на својата квазидемократска партија.

Немаше таков дијалог и за пописот. Како го доживеавте тоа таму, преку барата?

-Ако шутата и рогата власт агресивно инсистира, повредувајќи ги сите човекови права на слободен избор, дека секој што има каква било врска со Македонија мора да се потпише на изнудениот попис, тогаш тоа ми говори дека гласот на тие надвор е подеднакво вреден како и на тие внатре. Меѓутоа, нешто ми говори дека тој попис во сегашново невреме подоцна брутално ќе се злоупотреби во себични политички цели за изборни манипулации и ново редефинирање на тој веќе целосно девастиран македонски простор. Па затоа и се прашувам зошто е потребно луѓето што живеат надвор од границите на она што беше Македонија да бидат стигматизирани ако имаат критичко мислење кон културно политичките и социјалните процеси во Македонија.

А толку многу ни е потребен тој дијалог во сите сфери на нашето живеење. Некаде кажавте нова парадигма?

-На Македонија не ѝ се потребни делби, раздори и судири по ниедна основа. Само непријателите на Македонија го сакаат тоа. Потребен ѝ е дијалог и слушање. Потребна ѝ е нова парадигма, нов државен концепт, нов општествен договор, во кој слободниот говор ќе биде продуктивен чин и ќе биде чуен. Чуму вие право на слободен говор ако аутистичната власт не слуша ништо, туку т‘по и упорито по б‘лгарски терк си тера по свој ќеф. Тоа е чиста бласфемија.

За каква нова парадигма зборувате?

-За да ви одговорам на ова прашање дозволете ми да кажам уште збор-два за тоа како гледам на Македонија од далеку. Вака како што сега стојат работите, Македонија е пропадната држава и на македонскиот хоризонт нема надеж. Ова не е само мој заклучок, туку и на повеќе дипломати и политичари, добри познавачи на состојбата таму.

Видете, ако во земјата во која авторитарната власт за да ги зачува своите позиции и привилегии дозволува странски мешања во внатрешните работи на државата, ако го брише сето она што носи македонски културолошки колективен идентитетски знак за да ги удоволи уцените и иредентистичките соништа на соседните балкански атавистички национализми, од грчкиот, преку бугарскиот до внатрешната петта колона персонифицирана во албанскиот национализам, тогаш патот кон целосно културно-идентитетско и административно исчезнување на Македонија не е само трасиран, туку е и јасно одреден.

Секоја држава во светот ги штити своите интереси, освен тој сурогат од држава со насилно наметнато ново име. Сѐ додека сите во Македонија, без разлика кои се и што се, а посебно алчните политичари, и оние на власт и оние во опозиција, и Македонци и Албанци и сите други, не разберат дека личните интереси не се над интересите на државата и над интересите на широката општествена заедница, нема иднина.

Идејата за нова македонска парадигма е токму сето тоа што е спротивно од овој саморазурнувачки систем. Тоа е еден можен сон што го содржи сето она што е важно за опстанок на една држава и една општествена заедница и она што води напред. Заедница кад што ќе владее знаењето, а не бесмислена храброст. Македонија мора радикално да се соочи со себе и да се пресмета со своите заблуди, од својот паразитизам, да се ослободи од сиот тој самодеструктивен баласт, да се ослободи од ова зло што ја разјадува државата однатре, и најважно да се ослободи од примитивизмот и диктатурата и на македонскиот и на албанскиот етноцентризам и клерикализам. Македонија мора да се извлече од наметнатиот коњски ам, кој ја зароби и ја претвори во бинационална државна задница, со октроирано име и октроиран устав, и да се врати, односно да ги возобнови од корен вистинските хуманистички, етички и граѓански вредности. За сето тоа да се случи Македонија мора да се заснова и да се развива на нови параметри, на нов општествен договор за вистински граѓанска Македонија со цврста морална вертикала. Македонците, кои во минато немале држава, и кои кон државата се однесуваат како таа да е туѓа, а не нивна, мора да сфатат дека државата е нивна и дека мора да сторат нешто за неа. Со тоа мора да сторат и нешто многу битно и возвишено и за себе. Ако ја нема државата, ги нема ни нив.

За каква граѓанска Македонија зборувате? Зошто велите бинационална Македонија?

-Видете, просто немам веќе желба јавно да зборувам за тоа што сѐ треба да се промени и да се направи, за Македонија да се претвори во едно пријатно, сериозно, продуктивно и пожелно место за живеење. Место каде што знаењето, личниот морал и интегритет се императив. Уморен сум од тоа говорење во глува соба. Не дека визии и идеи нема, дека нема луѓе, напротив има многу, за разлика од многумина што тврдат дека нема материјал, дека нема критична маса за промена, јас верувам дека има. Македонија е уморна од лажни херои и инфантилни политичари. Кај што има желба има и начин. Многупати во минатото сугерираните можни решенија и процеси што водат кон една похармонична заедница, продуктивните идеи, не само што биле дрско преземени без најава и должна почит, туку биле и извитоперени и злоупотребени за лични цели, за самопромоција, за градење култови на непогрешливост. Исто онака како што на чесните граѓани и на оние што навистина сонуваа и се бореа за поинаква Македонија им беше бескрупулозно украдена и погазена шарената револуција. Ужасно е сознанието колку многу профитери и насилници, дрски уличари, се натоварија на возот на измамниците, лажливците, непријателите и растурачите на Македонија, кои врескаа „ќе нѐ биде“. Истите тие дрски превртливци, тој маток од луѓе, денеска се најагресивни воини во преторијанската гарда на корумпираната антимакедонска власт инсталирана во сите сегменти на општеството.

И што сега? Пак години и години молк?

-Не го велам тоа. Мислам дека понекогаш поради тоа што никој не слуша и нема сила да разбере, дека и нема потреба да се говори повеќе. Но, од друга страна, сметам дека мора да се зборува. А тоа некоја граѓанска должност кон оние ретки поединци што сѐ уште не дигнале раце од сѐ и кои бараат продуктивни промени, и морам да кажам збор два објаснување за тоа што јас подразбирам под нова парадигма. Пред сѐ тоа е принцип на работа и организација на општеството – на полисот - во кои со државата раководат и која ја водат пред сѐ чесни поединци, со голем личен интегритет, со високи морални стандарди, со висока професионална етика, високо образование и со големо искуство во областа со која се занимаваат. Личности што не се подложни ни на корупција, а и кои не се со ништо компромитирани и за кои интересот на државата и општеството е пред нивниот личен интерес. Значи се работи за личности што до сега не биле активни чинители во македонската политика. Односно тоа не смее да бидат почетници и други неквалификувани креатури којзнае од каде доведени и како вработени, кои се учат на првото работно место. Посебно, во тоа општество не смее да има трошка место за влијание на корумпирани и компромитирани личности, лапрдала што со години претураат од шупливо во празно и се претставуваат како прогресивни сили што ја водат Македонија во ЕУ и во иднината. Доста е од лажни месии и фарисеи.

Но дали оваа целосна партизираност на државата едноставно остава простор за ова што го зборувате?

- Па ако не остава, луѓето мора да се изборат за свој простор. Затоа многу важна работа е целосна департизација на Македонија и нејзино градење на нови темели, со сосема поинакво политичко структурирање, кое ќе биде фундирано во поинакво комунално-стопанско организирање. За многумина што за жал се грижат пред сѐ само за своите лукративни места и придобивките што ги молзат од политичката „елита“ на власт, ова може да е утопија. Меѓутоа искрено мислам, а и искуството нѐ учи дека тоа е неопходен и можен чин. Секако сето тоа мора да се стори за да се елиминираат понатамошното разградување и целосно исчезнување на Македонија, која сега функционира под дикат и според каприците на агресивниот албански национализам.

Значи сметате дека Македонија денес е фактички, во секојдневната политичка пракса, претворена во бинационална држава по мерка на Албанците?

-Да. Во неа Македонците се административно безгласни букви, во државата во која се мнозинство. А за останатите етнички заедници што да се каже? Тие се целосно маргинализирани и како и да не постојат. На тој агресивен албански национализам мора му се застане на пат и да се воспостави држава врз вистински граѓански принципи на раководење и владеење каде што нема да биде битно кој владее, од која нација, од која религија или која етничка партија е, туку држава каде што навистина легитимитет на државноста ќе се црпи од поединецот кој ќе биде лојален граѓанин на државата во која живее. Легитимитет на државноста не смее да се црпи од колективниот македонски или албански ентитет, како што тоа сега се практикува во Македонија и каде што огромен дел политичари и „народни“ претставници во Собранието ѝ се лојални на својата партија, на својот џеб, или лојални на интересите на соседните држави и работат во нивен интерес. Живеете и работите со САД, каде што сите граѓани се Американци. Што мислите, зошто во Македонија не може сите граѓани да бидат Македонци?

- Ако тоа е држава на сите граѓани што живеат во Македонија, тоа и треба да е така. На пример и во Франција, во која има многу Алжирци, сепак сите се Французи. Исто е и со Австралија. Исто така, сметам дека е потребен и сосема нов економски концепт во развојот на државата. Не мислам дека на Македонија ѝ требаат дубиозни експерименти со треви и останати шарлатански будалаштини или некакви си транге-франге препукувања, наречени трговски центри за празноглави преку ноќ збогатени селски шупелки што газат деца по улици. На Македонија ѝ треба развој на сопствено производство, кое обезбедува самоодржливост, ѝ треба технолошки развој, осовременување на многу стопански гранки што ѝ се блиски на традицијата, кои се дел на екосистемот, на запоставените ресурси, на знаењето и искуството на македонските работници и производители, и секако нивно професионално описменување и оспособување да бидат продуктивни стопанственици. Сето тоа подразбира и екстензивен развој и поттик на современите ИТ-технологии и процеси, целосна компјутеризација и електронски технолошки модели на производство и комуникација, кои се блиски до младите образовани генерации.

Вие во САД работите и како универзитетски професор. Каде е разликата во образованието?

-Секако во тој процес потребно е и сериозно интегрирано образование, кое ќе хуманизира, облагородува и зближува, кое нема да редуцира, нема да одвојува и нема да дели. И да појаснам, бидејќи гледам дека многумина не разбираат дека интегрираното образование не е произволно спојување/интегрирање, редуцирање и/или елиминирање на образовни програми и фокусирање и промовирање на идеи на поедини целни групи, туку пред сѐ интегрирање на луѓе од различни етнички средини и култури, со разни потенцијали, кои по иста програма и во ист образовен простор и во исто време, ќе го осознаваат светот што е пред нив без предрасуди и ќе учат од исти високообразовани принципиелни педагози и професори. Така тие ќе растат и ќе созреваат во амбиент во кој ќе можат да бидат подобри луѓе што живеат заедно.

Во една колумна рековте дека на агресивниот албански екстремизам мора да му се застане на патот. Мислите дека е тоа можно со сервилноста на секоја владејачка партија кон нејзиниот албански партнер?

-Не, не мислам дека се работи за сервилност. Мислам дека од една страна се работи за незнаење, за немоќ да се соочат со проблемите, а од друга страна за свесно влегување во здружени активности за да се остваруваат лични лукративни цели, и за заштита на лични интереси. Меѓутоа, од друга страна, запрепастува бруталноста и дрскоста на водечките македонски политичари и нивните гавази меѓу корумпираните новинари, кога се работи за нивната пресметка со обичните македонските граѓани, кога со невидена леснотија лажат и манипулираат и кога лицемерно се колнат во својата македонска душа, само за да останат на власт.

А идејата за „Голема Албанија“? Во деведесеттите години од минатиот век, колку што се сеќавам, заминавте од Југославија поради Вашите залагања за образование на мајчин јазик, за универзитети на албански јазик... Во што е поинаква денес нивната борба?

-Летото 1992 година морав да заминам од Македонија поради смртни закани токму затоа што го бранев човековото право на сограѓаните Албанци на нивно образование на албански јазик и правото на основање на високошколски институции и универзитети на aлбански јазик. Тоа што многу од тие права подоцна се злоупотребија и се искористија свртувајќи ги процесите во друг етноцентричен правец против заедничките интереси во Македонија е нешто сосема друго.

Албанскиот агресивен егоизам и национализам, инаку упорно, дрско и со примена на својата позната калашников-демократија, го користи меѓумакедонското глодање, кавгите и отровните расправии, и чекор по чекор полека ја остварува својата стогодишна стратешка цел, а тоа е создавање на голема Албанија. Тоа е толку очевидно што и птиците на гранките го гледаат и го знаат. Само македонските властодршци се прават глуви и слепи и нѐ убедуваат дека тоа не е така.

Инаку, многу ми недостасува во овој момент, мојот драг прерано починат другар Владимир Шопов. Оној прeкрaсен поет со нежна душа и луцидна политичка мисла, кој умееше работите да ги види на време и умееше да ги именува со вистинско име. Тој уште во раните седумдесетти години од минатиот век јасно укажа на опасноста од албанскиот национализам. Меѓутоа, токму затоа, на лична кожа и ја почувствува подмолноста на албанскиот национализам од една страна, и штетноста на македонскиот опортунизам, конформизам и самодеструктивна наивност од друга страна. Таа чудна спрега на политичка лежерност и неодговорност всушност и придонесе во голема мера за развојот на албанскиот национализам и во некогашна Југославија, а и во тогашна Македонија, па така тоа однесување и остави простор за негово непречено ширење. Смртта на Јосип Броз, распаѓањето на некогашна Југославија и осамостојувањето на Македонија само додадоа силен ветер во крилата на албанскиот екстремен национализам и разгорувањето на сонот за Голема Албанија. И ова не е само мое мислење. Познатиот публицист Тим Јуда не залудно во еден свој напис во Њујорк тајмс тврди: „Западот создаде чудовиште. Да, ѝ ја исековме главата на Голема Србија само за да откриеме дека балканскиот национализам има повеќе глави како хидра. На негово место, сега се соочуваме со злобниот спектар на бесен, експанзионистички албански национализам, кој има цел да создаде или голема Албанија или барем големо Косово.“

Од тие причини и поголемиот број граѓани во Македонија веруваат дека предвидениот попис, кој е правен по диктат на албанските националисти во власта, е само театарска маска зад која вештачки ќе се легитимира голема бројност на Албанците во Македонија, со што широко ќе се отвори вратата првин за конфедерација, која веќе отворено се заговара и промовира, а потоа и простор за поделба на Македонија и остварување на идејата за Голема Албанија.

Би сакал некој албански интелектуалец или политичар да ме демантира дека тоа не е така и јасно и гласно јавно да го осуди албанскиот национализам, да го осуди дивеењето на албанските распојасани националисти во МНТ, кои се однесуваа како диви орди, а не како цивилизирани луѓе, или да се огради и да ги осуди балистичките испади на спортските стадиони. Би сакал некој од нив да ја осуди идеја за создавање на Голема Албанија и да ја искаже својата лојалност кон Македонија, кон државата во која живее. Не се сеќавам дека некој го сторил тоа до сега.

Затоа мислам дека на албанскиот национализам мора да му се каже „Не! Доста е!“ Не само вака индивидуално, туку институционално, со законско регулирање на тоа што се параметрите на една граѓанска држава и каде албанскиот национализам го загрозува развојот и опстанокот на таа држава. Македонија мора да престане да биде заложник на албанските националисти на својот пат кон Европа.

Затоа и ја заговаратe таа нова парадигма?

-Да, и верувам дека преку создавање на една нова парадигма на општествено уредување, каде што секој ќе си ги исполнува обврските кон државата, пред сѐ оние фискалните, и ќе ги почитува нејзините институции, албанскиот национализам може да биде оневозможен и повеќе да не претставува закана за мирот и развојот во тој дел на Балканот.

Што мислите до каде е прагот на попустливост на овие политичари кога ќе се погледнат сите последици од потпишаните договори со Грција и со Бугарија?

-Не сум сигурен дека се работи само едноставно за попустливост. Ми се чини дека пред сѐ се работи за попустливост што е резултат на малиот политички капацитет на наивни, неискусни, себични и лоши дипломати и политичари. На неверојатно сервилни лица, кои мислат дека со Итар Пејо-политика на мамење и измами се води дипломатија. Додека соседните држави работат со огромни тимови на стручни соработници од сите области за да ги остварат своите државни планови и агресивни цели кон Македонија, македонската дипломатија е оставена во рацете на аматери и манекени, кои мислат дека носењето букети цвеќе, додворувањето и флертувањето ќе ги решат комплексните проблеми што бараат вешт дипломатски јазик, одмереност и претпазливост, знаење и искуство. Треба да се има умешност да се види што има зад ридот, умешност да се препознае тројанскиот коњ, умешност да не се дозволат кукавички јајца во сопственото гнездо.

За Преспанскиот договор и сето во врска со него имам зборувано доста, исто како што имам во детали зборувано и за неговата штетност и проблематична легалност. Но морам да повторам дека е направена непростлива грешка што Македонија и нејзините себични, а многу од нив и елементарно неписмени политичари, ноншалантно се лишија од знаењето и огромното дипломатско-политичко искуство и меѓународните врски на Лазар Мојсов. Неговите ставови и анализи изнесени во неговата маестрална книга „Македонците во Егејска Македонија“ издадена 1953 година, сѐ уште се актуелни и релевантни за Македонија и нејзината иднина.

Договорот со Бугарија можеби е уште поштетен?

-Ако Преспанскиот договор е само е идеолошка матрица за растурањето на Македонија, договорот со Бугарија е фашистичка егзекуција на таа идеолошка матрица. Исто како што Грција цели два века не ја менува својата фашистичка политика кон Македонија, така и Бугарија го прави истото. Таа е закопана во калта на 19 век и опиена од митовите за голема еднонационална држави и од тие пусии пука со сите оружја.

Од 1878-та до денес работите не се ни за влакно променети таму. Бугарската разорна националшовинистичка матрица и нејзината патолошка желба да ја поседува Македонија не е променета. Затоа е и тој агресивен националистички инженеринг денес со кој се настојува на секој можен начин, што со убо што со стап, Македонија да се бугаризира и да се присвои. Ништо ново што не сме го знаеле до денес. Тоа се познати работи. Кога нашиот ценет историчар Растко Терзиоски би бил сега со нас, тој далеку подобро од мене би ја објаснил таа бетонирана свест и таа бугарска опсесивна опседнатост со Македонија.

Аргументите на бугарскиот шовинизам со кој се инсистира на бугарски карактер и бугарски корени на Македонија и на македонскиот јазик се толку апсурдни и бесмислени што само интелектуално ограничени, индивидуи сиромашно еднодимензионално образовани и сериозно ментално недозреани луѓе може да го говорат и да го прават. Ме чуди само што во таа бугарска замка се уловени и некои поранешни самобендисани македонски политичари и дипломати, па и новинари за кои се мислеше дека имаат професионален интегритет, а богами и професори што имаат високо мислење за своето мислење.

Немам овде намера да објаснувам што е тоа методологија и пракса на научно истражување, што е тоа длабинско читање на текст, што е контекст на време и настани, што е факт, а што е фикција, што е говор, а што мета-говор, што може да се исчита меѓу два реда, што е поттекст, што се гест и гестус, што е компарација, што значи исказ под принуда, меѓутоа би сакал на бугарските научници да им дадам еден пријателски совет: Седнете дома и завршете си ја домашната задача. Почнете сериозно да учите и да се надградувате, ослободете ги своите заробени умови и фрлете ги старите сталинистичко-фашистички шинели, кои не ви дозволуваат да му се придружите на слободниот демократски и цивилизиран свет. Бидете достојни сограѓани на Цветан Тодоров, Јулија Кристева и Георги Димитров. И читајте ги песните на Бертолд Брехт. Посебно неговата „Германијо, моја бледа мајко“.

Инаку, би сакал да знам што би се случило и што би одговориле бугарски академици од софиски БАН кога човек би ги прашал што е Абдула Очалан, прославениот водач и херој на Курдите? Живеел во Истанбул, образован е во Турција на турски јазик, бил офицер во турската војска, а мајчиниот курдски јазик го научил дури на свои 30 години? Дали е тој Курд или Турчин?

Слично може да се праша и за носителот на златниот венец на Струшките вечери на поезијата Сенегалецот Леополд Седер Сенгор. Образован на Сорбона, скоро целото творештво му е напишано на француски јазик и поголем дел од животот провел во Франција. Дали е тој Француз или Сенегалец?

Секако би било поучно да чуеме што велат за ова и оние во Бугарија и оние апологети на власта во Македонија што тврдат дека даскалот е Бугарин. А ако не е, тогаш сигурно е од б‘лгарско происходство.

Во таа заедничка македонско-бугарска комисија историчарите се обидуваат да дефинираат некаква заедничка историја. Постои ли такво нешто? Треба ли воопшто да продолжат тие разговори?

-Да не се лажеме. Не! Ние немаме заедничка историја со Бугарија. Настаните се исти, но фактите за тоа што се случило и како се случило, погледнати од две сосема спротивни страни се сосема други. Тие секогаш биле агресори и угнетувачи, а ние сме се бореле за гол живот и слобода. Во таа „заедничка историја“ секако дека спаѓа и денот кога летото 1941 година, целото семејство на мајка ми, некои 50 луѓе во тоа време, било изведено на гумното во селскиот двор пред нивната куќа и построено за стрелање. Само достоинствената саможртва на тетка ми, која прифатила да се омажи под присила за човек што ѝ го намениле бугарските фашистички џандари, го спасила семејството. И драго ми е што тој човек подоцна се покажа дека е една прекрасна хумана душа. Тоа е таа заедничка историја, вистината за неа. Такви заеднички истории има како свежи белези во сеќавањето на многу македонски семејства.

Нема заедничка историја со Бугарија. А уште помалку историска вистина по нивен терк. Вистината на џелатот секогаш е поинаква од висината на оној што стои под бесилката.

Затоа сметам дека секој понатамошен разговор со соседите Бугари е беспредметен и треба да се стави во мирување на подолг период.

Како во случајот со Македонија, од таа „американска“ перспектива, Ви изгледаат сите овие непочитувања на принципите врз кои е поставена оваа цивилизација?

-Македонија е дел од светот и таа не живее во вакуум, во некој пластичен балон. Сето она што се случува во Европа, во Америка и воопшто секаде во светот има свој одраз и во Македонија. Светот денес живее во едно големо село, и луѓето, особено со сѐ поголемото присуство и со своите активности на социјалните мрежи, гледаат и учат едни од други. Меѓутоа, по принципот на папагалско имитирање на меѓусебните однесувања и навики, тие некритички прифаќаат сѐ и сешто, а најмногу она што е општествен шунд. Тој шунд овде се нарекува deplorable, односно запрепастувачки лош човечки квалитет. Примитивци, насилници и расисти, кои заслужуваат секаква осуда. Или просто нашински речено култура во која доминираат примитивноста, вулгарноста и омразата, кои се целосно спротивни на принципите и вредностите врз кои почива едно хумано, цивилно и цивилизирано општество.

За жал, живееме во време на бесчесност, во време на подлеци, измамници и тирани.

Четиригодишното катастрофално владеењето на Трамп овде во Америка не само што ѝ даде глас и тело на ова агресивна примитивна, вулгарна и пред сѐ расистичка култура, туку и ја распојаса на начин на кој таа ја загрози и демократијата, пристојноста, цивилизираноста и воспитаното однесување. И тоа не само во Америка, туку и во светот. И уште повеќе. Неговиот криминален однос кон опасностите од пандемијата на ковид-19, неговиот расизам, само го забрза разголувањето на тој секаде присутен примитивизам, себичност и алчност, тоа отсуство на емпатија со тие што страдаат, а кои нѐ влечат кон дното и нѐ задушуваат сите заедно.

Што е таму поинакво од она што се случува во Европа?

- Во текот на изминатата година, ова зло семе најде многу добра и плодна почва во поделената, разединета и себична Европа. Она што со години тлееше скриeно под европските евтини теписи, европскиот нацизам и фашизам, тоа цивилизациско зло и дно, за кое корумпираната европска бирократија до бесвест себично и лицемерно тврдеше дека го нема веќе и дека го немало, па дури некои тврдеа и дека холокаустот не постоел, наеднаш исплива на површина со сета своја свирепост и жестина. Оние што беа поразени во Втората светска војна, во името на голиот профит, каде што хуманистичката идеологија се претвори во пракса наречена парите не мирисаат, испливаа на површина и почнаа безмилосно да ја ревидираат историјата. Охрабрени дека никој не ги запира, тие го прифатија дрскиот и вулгарен глас на омраза што го овозможи Трамп и почнаа да косат и жнеат низ Европа. Погледнете само што се случува во соседна Бугарија, во Полска. Да не одиме и понатаму. Сета таа контаминација и деструкција за која можам да говорам со часови, без некои пречки и потешкотии се прелеваше со години и во Македонија. Погледнете само за што сѐ зборувавме до сега. Кои се нелуѓето што ја водат државата? Во тој контекст Македонија е само тажна метафора на урнатите принципи, на предадените идеали и изневерените надежи.

И така, пеисмистички, ќе го завршиме разговорот?

- Па, и покрај сѐ, јас сум непоправлив оптимист. Со доаѓањето на претседателот Бајден во Белата куќа, многу работи за кратко време се променија на подобро. А и со секавична брзина се менуваат. Пристојноста и цивилизираноста се враќаат дома, а и вербата дека некој одговорно раководи и ги решава горливите проблеми во општество во корист на граѓаните и за нивно добро, дека се грижи за нивното здравје, почитта кон луѓето, се повторно тука меѓу нас. Бајден не е само искусен политичар, туку и обичен човек кого можете да го видиме на седиште до вас, во воз од Вашингтон до Вилмингтон. Тој ја знае, ја разбира болката и сочувствува со болката на другиот. Има почит кон обичните Американци. Фактот какво сериозно внимание ѝ посветува на епидемијата, кога во период од само педесетина дена на чело на државата неговата администрација обезбеди вакцинирање на стотина милиони луѓе, ми се чини дека добар знак за оптимизам. Не сакам ова да излезе некоја еуфорична апологија, но од она што го гледам секојдневно верувам дека пред нас се појавува еден хоризонт на надеж, и дека за две три години тркалото на историјата ќе се сврти во спротивен правец. А тие посакувани промени во кои пристојноста и цивилноста пак ќе го имаат своето место во животот, белким ќе имаат влијание и своја улога во расчистувањето на Авгиевите штали и во Европа и во Македонија и во нејзината фашизоидна околина.

А јас секако и понатаму ќе следам од далеку со внимание, но без личен интерес, дали децата во Македонија пораснале, созреале и дали се избориле за правото и честа да имаат своја држава.

Александар Дамовски

(Интервјуто го изработи информативниот портал www.mkd.mk во соработка со онлајн платформата www.respublica.edu.mk на Институтот за комуникациски студии, како дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје)

Објавено

Четврток, Март 25, 2021 - 08:00

Кусокот во глобалното производство на вакцини против КОВИД-19 може да се надомести доколку на производителите ширум светот им се даде пристап до потребната технологија и знаење. 

повеќе

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе