ИСКУСТВА

„Нашите деца не се предмети, сакаме вистинско учество во образованието!“

Дискриминирани при самото запишување уште од градинки, отфрлени и оставени на милост и немилост на личните политики на директори, наставници и училишта, соочени со тотално нестручен кадар и огромен недостиг од стручни лица и дефектолози во сите сегменти на образованието. Со ова едногласно се согласуваат родителите на децата со посебни потреби и е вистинската слика за вклученоста на нивните деца во образованието во Македонија.

Родителите велат дека според законот, има инклузија, ама во практиката работата е многу поинаква. Тие секојдневно се соочуваат со дискриминација, образованието за нивните деца не е ни приближно рамноправно, а најчесто е и непродуктивно.

„Децата со посебни потреби во редовните училишта најчесто се соочуваат со нестручни кадри, недостиг или незаинтересираност на дефектолозите. Нивниот напредок зависи од помошта што родителите им ја даваат приватно, секако доколку имаат пари за приватни дефектолози и придружници. Инклузијата во нашата Македонија иако треба, тоа не го овозможува“, објаснува училишниот психолог Татјана Иванова.

Според членот 6 од Законот за образование, во Македонија „за учениците со посебни образовни потреби се обезбедуваат соодветни услови за стекнување основно воспитание и образование во редовните и посебните основни училишта и имаат право и на индивидуална помош за стекнување на основното образование и воспитание“. Според македонските закони, децата-ученици со посебни потреби имаат и целосно законско и легитимно право да се запишат во редовно училиште, каде што исто така, според законот, имаат право на инклузија во образовниот систем.

Инклузијата во образованието подразбира вклученост на сите деца во наставните и воннаставните активности на училиштето. Инклузивното образование овозможува пристап со кој се задоволуваат потребите за учење на сите ученици во еден образовен систем, а неговите начела се базираат врз основните принципи на Конвенцијата на правата на детето.

Уставот на Република Македонија, меѓународните конвенции што веќе сме ги ратификувале, Законот за основно и Законот за средно образование... ова се само дел од документите според кои децата со аутизам, но и другите со посебни потреби, имаат право да бидат примени во редовната настава. Покрај ова, тие имаат право и на асистенти - дефектолози, кои ќе ја олеснат таквата инклузија. Она што навистина се случува е сосема спротивно, директорите или ги одбиваат ваквите деца, или тие седат на часовите без да им се посвети внимание, не можејќи да научат ништо. Без знаење не можат ни да се вработат, непостоењето вистинска инклузија може да остави последици во иднина“, изјави психологот за деца со пречки во развојот Лилјана Ѓорчева.

Во Република Македонија во Законот за основно и во Законот за средно образование се оперира со терминот ученици со посебни потреби што се вклучени во посебното образование, а тоа се деца и младинци со оштетен вид, оштетен слух, деца со телесен инвалидитет, пречки во психичкиот развој, проблеми во поведението, деца и младинци со аутизам, како и деца и младинци со комбинирани пречки (мултихендикеп). Сите наведени нарушувања создаваат „значителни“ и „долгорочни“ пречки за детето самостојно да врши дел од секојдневните дневни активности, без соодветни помагала, односно без создавање посебни услови.

Го префрлив моето дете во училиште за деца со посебни потреби, откако неуспешно помина две години во редовно училиште. Наставниците не беа обучени, некои не сакаа, а некои не знаеја како со него. Бевме обврзани да бидеме во училиштето затоа што го носевме од една училница во друга кога ќе завршеше часот, а имаше преместувања по кабинети, дефектолог немаше, немавме ни доволно пари да плаќаме придружба или стручна помош, детето немаше напредок. Нашите деца не се предмети и заслужуваат вистинска инклузија, ако веќе ја има“, го раскажува своето искуство од македонскиот образовен систем Јасна, мајка на дете со посебни потреби.

 „Нашата инклузија е конфузија!“

Инклузијата во образованието претставува процес на меѓусебно уважување на различноста на секој ученик и на неговите потреби, каде што ученикот е во центарот на вниманието, а образовниот систем треба да се справи со предизвиците исправени пред сите ученици. Ова подразбира материјална, финансиска и кадровска подготвеност на училиштата да одговорат на потребите на различните ученици во редовната настава, овозможување на наставни програми и помагала што ќе бидат адаптирани на индивидуалните капацитети и потреби и ќе одговараат на нивните афинитети. Но учениците со посебни потреби од македонското образование добиваат нешто сосема спротивно.

Нашата инклузија е конфузија. Уште во самиот почеток наидов на бариери, неприфаќање, стереотипи од страна на наставничката, па и од родители на децата. Наставничката не сакаше да работи, искрено ниту знаеше да работи со Моника, ми го кажа тоа, ми рече ние не сме обучени да работиме со деца со посебни потреби“, раскажува Ивана, мајка на Моника, која е осмоодделенка во училиште за редовна настава од Битола.

Ивана раскажува дека по две години претрпени дискриминации решиле Моника да ја префрлат во друго училиште. „Бевме приморани да смениме училиште, мојата ќерка, која инаку има комбинирани пречки во развојот, направи и една година пауза, па ја запишавме во друго училиште во Битола. Тука барем има дефектолог, кој е и единствен во целиот град.

„Кога го запишуваш детето во школо, гледаат како да те одбијат, а не да те прифатат“

Со слични проблеми на дискриминација и образовен кадар, кои се неспремни и исплашени да работат со деца со посебни потреби, се соочува и Елена, мајка на Иван, кој е дијагностициран со елементи на аутистичен спектар.

Според законот, мене не можеа да ме одбијат, но ја чувствуваш таа енергија, знаете, гледате кога сте непожелен. Најчесто во редовните училишта гледаат да те одбијат, а не да те прифатат. Кога одиш да го запишеш твоето дете, не велат донесете го, ќе се потрудиме, туку те убедуваат колку што можат да не го запишуваш“, вели Елена.

Таа вели дека во училиштето каде што учи нејзиниот син од Прилеп нема дефектолог, а дефектологот од општината никогаш не дошол да работи, ниту пак се појавил во училиштето.

Од една страна, децата со посебни потреби треба да бидат вклучени во редовниот образовен процес, а од друга страна не се кадровски подготвени со стручи работници кои ќе го помогнат образовниот процес зошто факт е дека самиот наставник се соочува со голем проблем кога работи со дете со посебни потреби затоа што не знае како да работи со тоа дете“, изјави Горица Поповска, регионален координатор во Ресурсен центар за деца со посебни потреби.

Таа објасни дека не постои посебна образовна програма и овие деца учат по редовната наставна програма со тоа што се прават ИОП - индивидуални образовни планови, така што тој план го подготвува наставникот во соработка со педагогот и психолог и родителот.

За секое дете наставникот треба да води посебен ИОП, а нема некоја посебна програма, не е ни можно затоа што различни деца со иста категоризација имаат различни интелектуални способности“, изјави Поповска.

Таа објасни дека голем проблем е, а често се случува, кога родителот не признава и не сака да каже дека детето има проблем. Не го носи на преглед и не носи документ од Институтот за ментално здравје.

Често пати се случува родителот да нема документ за детето со категоризација, родителот е свесен дека детето има проблем, но не го признава тоа. Училиштето го води како дете со потешкотии во образованието, но без документ поради тоа што тие мораат целосно да имаат во училиштето документација, на пример кога ќе дојде инспекција, и тука пак се вклучува стручната служба. Најдобра опција е да има дефектолог во училиштето“, вели таа.

Според наставниците, пак, спорно е оценувањето, бидејќи не е дефинирано никаде, па овие ученици ги оценува кој како сака.

Oбука на наставници

Ако детето ги остварило сите цели според таа програма, треба да добие петка. Но има наставници што нивните ги споредуваат со постигнувањата на другите деца, па им ставаат тројка. Значи сè се сведува на добрата волја и сензибилитетот на наставникот. Горлив проблем е екстерното оценување бидејќи тие полагаат тестови според основната наставна програма, а не индивидуалната“, изјави психологот Горчева.

Инаку учениците со посебни образовни потреби што учат во посебните училишта се ослободени од обврската за екстерна проверка на знаењето, а за учениците со посебни образовни потреби инклузирани во редовните училишта, се одредува помошник тестатор, кој им помага во текот на тестирањето. 

Родителите сами плаќаат дефектолози, придружба, стручни лица...

Дека во Македонија фалат стручни лица се согласуваат и ресурсните центри и родителите и наставниците. Од ресурсниот центар во Битола појаснија дека недостигот од дефектолози е еден од главните проблеми во спроведувањето на инклузијата.

„Во Битола конкретно само во едно училиште има дефектолог, вработен во „Климент Охридски“. Тој работи само во матичното училиште. Во Крушево нема ниту еден дефектолог, ниту логопед. Со што сѐ се соочуваат децата и родителите во помалите градови? Во поголем процент децата од овие фамилии се социјални случаи и немаат финансиски средства да плаќаат придружник или стручна помош “, изјавија од таму.

Дека во училиштата нема дефектолози се пожалија сите родители што ги интервјуиравме. Марија, мајка на дете со посебни потреби од Битола, вели дека сина си во училиште го праќа со придружба со психолог, во редовното училиште каде што оди нема дефектолог, а училишниот психолог ниту еднаш низ годините не прашал ни како е, ни која е дијагнозата на нејзиното дете.

„Училишниот психолог не работел ниту еднаш со него, ниту рекол добар ден, што му е на детето, дијагнозата не му ја знае. Нашето дете оди со придружба од психолог, кој сами си го плаќаме, има тука неколку деца со посебни потреби“, вели таа.

Дека во училиштата фалат дефектолози потврдуваат и наставниците.

Во првото училиште каде што работев немаше дефектолог, сега во новото училиште во Скопје во коешто работам доаѓа општински дефектолог само во петок по 40 минути, кој го праќа општината, и толку. Е сега колку може за 40 минути да се совлада материјал од 1 недела?! Генијалец да седнеш нема за 40 минути да поминете материјал од една недела, а не пак дете со посебни потреби. Дефектолог еднаш неделно по 40 минути за овие деца е премалку. Тоа мора веднаш да се промени“, вели Мимоза Стојановска, одделенска наставничка од училиште во Скопје.

Од МОН пак соопштуваат дека се посветени на зајакнување на стручната психолошко – педагошка служба во училиштата. Од таму велат дека училиштата и наставниците заедно со родителите на учениците со посебни образовни потреби изработуваат индивидуални планови и програми за работа со овие ученици.

Во изминатите 3 години ангажирани се вкупно 122 педагози, психолози и дефектолози низ општините во земјата. Соработуваме и со здруженија на граѓани за поддршка и промоција на пристапноста на нови технологии за лицата со хендикеп, имаме цел да се поттикне инклузијата и активно учество на учениците со посебни потреби во редовното образование преку промовирање на примената на асистивната технологија во наставата. За инклузираните ученици со посебни образовни потреби, во соработка со УСАИД и Универзитетот на Југоисточна Европа започнавме со изработка на учебници на Брајовото писмо“, соопштуваат од МОН.

Истражување за вклученоста на деца со посебни потреби во редовното образование минатата година направил народниот правобранител на Македонија. Според анкета на која одговориле 265 училишта, се заклучува дека не секое од училиштата е подготвено да му обезбеди соодветно образование на детето со посебни потреби. 

Училиштата не се кадровски, просторно, ниту материјално опремени со потребните наставни средства, а наставниот кадар не е доволен (во некои училишта воопшто не е обучен за работа со деца со аутистичен спектар на нарушување). Мал број училишта имаат дефектолог за работа. Во најголем дел од училиштата, дефектологот е мобилен и покрива неколку училишта во општината. Во дел од основните училишта, родителите на овие деца на сопствен трошок обезбедуваат дефектолог за работа со нивните деца“, пишува во извештајот на народниот правобранител. 

Според резултатите од анкетата, 28% од наставниците и родителите на децата од основните училишта велат дека не се согласуваат за заедничко учење на децата со посебни потреби со другите ученици, додека 4% рекле дека воопшто не се согласуваат. 

Постои истражување на дефектологот Емилија Георгиева, наставникот Пецо Стојановски и дефектологот Наташа Јованоска, од редовни училишта реализирано на примерок од 100 наставници и 50 родители во Скопје, со цел да се испитаат ставовите на наставниците и родителите чии деца учат во редовни основни училишта во однос на инклузивниот процес. Според добиените резултати, 50% од наставниците и 72% од родителите се изјасниле дека наставниците немаат доволно знаење за работа со деца со посебни образовни потреби. Од вкупниот број наставници, 55% се изјасниле дека делумно постојат кадровски услови за реализација на инклузивното образование, од родителите 44% се изјасниле делумно или дека не постојат потребните кадровски услови. Нивниот заклучок е дека процесот на инклузија не ги исполнува целосно очекувањата. Наставниците сметаат дека учениците со посебни образовни потреби треба да посетуваат настава во посебни основни училишта, наспроти родителите, кои сметаат дека местото на овие ученици е во редовните училишта.

Додека родителите имаат високи очекувања, наставниците немаат поим како да ја спроведат инклузијата

Редовното образование има многу недостатоци, прво законската регулатива во која не е регулирано кој и со каков степен на попреченост може да биде вклучен во редовната настава, значи законите не се добро формулирани. Второ, нема дефектолози, психолози педагози и стручни кадри, значи инклузијата е дозволена, меѓутоа нема дефектолог и нема напредок кај детето. Трето, нема доволна подготвеност на стручниот тим како да работи со овие деца. Јас дипломирав одделенска настава, магистрирав и докторирав на педагогија, меѓутоа во моето формално образование јас две страници немам учено како се работи со овие деца. Обуки и часови си земав приватно. Во образованието на наставниците не е вклучено како да работат со овие деца и тоа е голем проблем затоа што тие не знаат ништо, не знаат како да ја приспособат наставата. 2004 - 2008 дипломирав, не постоеше предмет како наставникот да работи со овие деца“, изјави Горица од ресурсен центар.

Мимоза Стојановска, одделенска наставничка од Скопје, признава дека наставниците воопшто не се обучени за образовање деца со посебни потреби.

Искрено, ние не сме обучени да работиме со деца со посебни потреби, ние на факултет учевме лекција-две, онака нафрлено дека има деца со посебни потреби, болести и слично. Меѓутоа, како ние треба да работиме со тие деца, ние не сме обучени. Стручни лица фалат, ние во државата имаме катастрофален недостиг на дефектолози, па да не зборуваме за други стручни лица, кои не постојат. Секоја придружба на детето, дополнителни часови и вистинска реална помош од психологот и дефектолог родителите си ги плаќаат од сопствен џеб“, вели Стојановска.

Според Стојановска, подготвувањето ИОП кога ученикот ќе почне со предметна настава е неизводливо и 12, 13 наставници не можат да му ги видат способностите и потребите на ова дете и тука најчесто се случува да се вратат во посебните училишта, вели таа.

Таа потенцираше дека во разговори со сите колешки-наставници, сите чувствуваат голема тешкотија поради што не се обучени, како и одговорност кога работат со деца со посебни потреби.

95% од родителите одат заедно со своите деца на школо

Од Ресурсен центар и здружението на родители на деца со посебни потреби, кое им дава поддршка на родителите во сите сфери, па и во образованието, велат дека има многу проблеми поврзани со наставата. Оттаму објаснуваат дека над 95 отсто од родителите што имаат дете со посебни потреби, а посетува редовна настава, одат со него на училиште. Велат дека тешко се доаѓа до бројката на деца со посебни потреби во земјава. Податоците од центрите за социјална заштита каде што доаѓаат барања за надоместоци за деца со посебни потреби, говорат дека бројката изнесува од 6 до 8 илјади деца, но и тоа се неофицијални информации.

Според Поповска од ресурсниот центар, на ниво на Македонија сѐ уште не постои бројка колку деца се со посебни потреби, а базата, вели, ја прават во моментов. Процената според светската статистика е дека над 10% од популацијата се со некаква попреченост, без разлика дали е телесна или интелектуална. Таа вели дека ни центрите за социјална работа го немаат тој податок.

„Во Битола има околу 1.000 корисници на посебен додаток за лица со посебни потреби, значи регистрирани, а што е со оние што не се регистрирани?“, додаде таа.

Кај нас се донесе Закон за инклузија за децата со посебни потреби, но никако не се создадоа услови за тоа да се реализира како што треба. Во одделението на мојот син имаа девојче што има одреден проблем и нејзината мајка цел ден седи со неа на настава. Жената не работи. Ова е срамота“, коментира Ирена Спировска, родител.

И од Ресурсниот центар и родителите велат дека во училиштата недостигаат многу работи. 
„Овие деца имаат најразлични потреби, на некои им требаат пристапни рампи, дефектолози, логопеди, асистент или медицинско лице што ќе ги придружува, лифтови, асистирана технологија, простории каде што ќе треба да им се даде медицинска помош и сл. На наставниците им недостига обука за работа со ученици со посебни потреби“, велат од таму. 

Ивана, мајка на дете со посебни потреби од Скопје, објаснува дека во Македонија финансиски е невозможно стручните лица што ги придржуваат децата со посебни потреби да се на трошок на родителите, затоа што, вели, е прескапо за наши стандарди.

Движењето низ училиштето е тешко, ние го носиме на училиште и го земаме, исто така ние си го носиме од кабинет во кабинет, иако е седмо одделение, тој не може да оди сам. Знаеме кога завршува еден час и го носиме во другата училница. Би било убаво овие дечиња да имаат еднакви можности, но реалноста е дека образовен и личен напредок имаат само децата чии родители имаат финансии тоа приватно да си го дозволат, а тие деца што се оставени на образовниот систем на државата, остануваат со неискористени капацитети најчесто неписмени, без можност да се развиваат“, вели Ивана.

Мислењата се поделени. Според едни, наставничкиот и стручниот кадар по училиштата немаат знаење и треба да се обучат за да работат со деца со посебни потреби. Според други, пак, решение на проблемот е само плус стручни лица со кои би се подобрил квалитетот на образовниот систем.

„Би било од голема помош за родителите да не мора да избираат помеѓу тоа да бидат на настава со своите деца, без работа, или да плаќаат огромни суми за придружници“ потенцира Ивана.

Марија Хаџи Стојанова


Подобра легислатива и обука на наставен кадар

Недозволива е дискриминацијата на децата со пречки во развојот во образованието, велат од Здружението за развој и креирање политики.

„Таквата дискриминација е противзаконска, бидејќи правото за соодветно образование за децата со посебни потреби е загарантирано со Законите за основно и средно образование. Дополнително, дискриминацијата е и против меѓународните правни норми, со оглед на тоа што Република Македонија како земја-членка на сите релевантни меѓународни конвенции за човекови права, особено на Конвенцијата за правата на лицата со пречки во развојот и дополнителниот протокол кон истата, се обврзала да ги почитува и да им ги овозможи на лицата со пречки во развојот сите човекови права и слободи.

За да се подобри состојбата, надлежните институции, особено МОН, треба да преземат итни мерки за:

Подобрување на легислативата во делот што се однесува за образованието на децата со пречки во развојот и нивна соодветна инклузија во образовниот систем. Но, важно е ова да се постигне во тесна соработка со релевантните невладини организации што работат на оваа тематика, на пример, да се формира посебна работна група составена од претставници од сите релевантни институции, невладини организации и родителите, која ќе работи на создавање долгорочна сеопфатна стратегија за надминување на оваа состојба.

Неопходно е да се создаде соодветен наставен кадар, во квалитативна и квантитативна смисла, кои ќе бидат вработени во образовните институции во државата. Во првата фаза, можно е организирање на соодветни обуки за дел од наставниот кадар, со цел во сите основни и средни училишта да има минимум кадар оспособен за настава со деца со пречки во развојот.

Неопходно е да се подобри инфраструктурата за пристап и непречено движење на децата со посебни потреби во училишните објекти.

Поради фактот што досега на ова прашање не е обрнато многу внимание од страна на надлежните органи во државата, потребно е преземање на итни мерки за овозможување барем на минималните стандарди во што поскоро време, додека постепено проблемот не се разреши целосно“, сметаат од Здружението за развој и креирање политики.






Подготовката на oваа публикација беше овозможена со поддршка од Британска амбасада Скопје, во рамките на проектот „Информирај се и дејствувај - за подобро образование". Мислењата и ставовите наведени во оваа публикација не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада.

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе

Нема простор за двоумење и губење време, затоа Македонија и Бугарија треба да соработуваат што е можно поскоро за да најдат јасен јазик за разбирање, во процес кој би бил следен од ЕУ, Вашингтон и ОН.

повеќе