На огласот за избор на Народен правобранител, што беше распишан на крајот на ноември, пристигнале четири кандидатури.
Пратеничката од ДУИ Теута Биљали Зендели на седницата предложи Насер Зибери да биде утврден како кандидат на Комисијата за Народен правобранител.
Пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива реагираше дека оваа функција треба да ја добие опозицијата.
Сурија Рушити од Алијанса на Албанците побара на седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата да биде прекината постапката за избор на народен правобранител и да се разговара за друг кандидат, кој би бил предложен од партиите во опозиција на Албанците.
Од Алијанса и од Алтернатива велат дека на Зибери ваква функција му била ветена уште пред изборите, кога тој се нафатил да биде кандидат на ДУИ за премиер.
На седницата беше кажано дека е завршен огласот за членови на ДИК и дека до Комисијата се пристигнати пријави од 14 кандидати меѓу кои има и поранешни и актуелни членови, но и вработени во службите во Комисијата и правници. Мандатот на актуелниот состав на ДИК завршува на 15 јануари.
ВМРО-ДПМНЕ за претседател на ДИК го предложи Александар Даштевски.
Според процедурата, откако денеска Комисијата за прашања на избори и именувања ќе ја утврди листата на кандидати, ја испраќа до претседателот на Собранието Талат Џафери, кој пак во рок од три дена ја препраќа до партиите кои треба да се изјаснат кои кандидати ги поддржуваат за членови на највисокото изборно тело во државата. Листата со поддржани кандидати се доставува назад до Комисијата за прашања на избори и именувања, која ја утврдува.