Пратенички прашања во Собранието на Македонија

Напад и контранапад меѓу Лефков и Ковачевски за случајот на Мухамед Зекири

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков на седницата на Собранието посветена на пратенички прашања го праша премиерот Димитар Ковачевски дали чувствува одговорност за случајот со обвинетиот генерален секретар Мухамед Зекири кој е именуван токму од него и, како што рече, во кој се инволвирани и други лица и функционери, односно дали знаел претходно за случајот или можеби бил и соработник. Премиерот во одговорот го упати на надлежните органи, но посочи дека токму од ВМРО-ДПМНЕ има признанија за сторен криминал и дека има и судски пресуди.

Лефков во прашањето нагласи дека ги доведува во врска релациите на премиерот Ковачевски со криминалот во Владата и нагласи дека генералниот  секретар Мухамедм Зекири, поставен на функцијата токму од Ковачевски, е фатен, како што рече во тежок криминал.

„Поточно, двајца генерални секретари фатени се во тежок криминал во рок од пет години. Сега гледаме дека генералниот секретар на Владата, Мухамед Зекири е под истрага заедно со двајца хрватски државјани за изигрување на тендерска документација. Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција ги сомничи дека незаконски присвоиле државни пари. За Зекири се бара притвор, за хрватските државјани се сознанијата дека се надвор од земјата. Случајот за злоупотреби на генералниот секретар беше обелоденет на 8 април годинава и, како што е познато, тие изготвувале физибилити студија која што чинела еден милион евра", потсети Лефков.

Пратеникот го поставаи прашањето: „На 11-та седница на Владата сте донеле заклучок со кој што Владата ги задолжи заменикот на претседател на Владата задолжен за економски прашања, министерот за економија и директорот на Национални пошти да иницираат подготовка на физибилити студија. Како Битиќи, Крешник Бектеши и Јани Макрадули кои биле задолжени за постапката се поврзани со криминалот на Мухамед Зекири, односно со криминалот на генералниот секретар? Колку прекршоци се направени? Дали сметате дека има и дополнителни прекршоци на етичкиот кодекс со кој што се фалевте дека ќе се борите против корупција? Дали размислувате и дали чувствувате одговорност од ова што се случувало во Владата, во која Вие ја водите, што практично ви се случувало пред нос, а Вие или не сте знаеле, или сте биле соработник".

Премиерот Ковачевски во одговорот на прашањето од Лефков „премина во контранапад“.

„Вие сте претставник на политичка партија која што е корумпирана партија и која што има пресуди за злосторничко здружување и која што е синоним за криминал и корупција. Тоа го потврдуваат судски пресуди во кои се осудени и обвинети функционери на ВМРО - ДПМНЕ но и нивни признанија пред македонските судови“.

Ковачевски додаде дека со судските одлуки за Титаник, Плацеви на Водно, Тенк и многу други е потврдено дека постоело здружување, перење на пари, незаконско богатење преку оф шор фирми, изборни измами, криминализација на изборниот процес.

„Законски пресуди има веќе за предметот Тврдина, за насилно прислушување и кршење на човекови права. Тројца секретари на ВМРО - ДПМНЕ имаат признаено вина и потврдија дека ова е правено во партијата. 11 години ВМРО ја фалсификуваше војлата на граѓаните и тоа токму преку вакви активности“, нагласи Ковачевски.

Во врска со истрагата што се води против поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зекири, Ковачевски рече дека на барање на Бирото за јавна безбедност, оддел за сузбивање на организриран и сериозен криминал, секторот за криминалистички истраги, единицата за финансиски истраги Владата ја предаде целата документација.

„Јас не толерирам никого без разлика на политичката припадност и се придржувам на тоа. Во истиот момент кога беше објавено дека постои истрага од јавното обвинителство, генералниот секретар на Владата поднесе оставка, таа беше во истиот момент прифатена и на наредна седница е именуван нов генерален секретар на Владата“, рече премиерот.

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, го упати Лефков, за сите понатамошни прашања, со оглед на тоа дека јавното обвинителство е независно и судството е независно, одговори за ова да побара во обвинителството или во судството доколку се води судска постапка.

Ние сме земја што први во Европа имаме стратегија за интеркултурализам.

повеќе

Францускиот предлог претставува директно рушење на основните темели на ЕУ.

повеќе

Од мали нозе ги заобиколуваме правилата на игра, па не е ни чудо што потоа се сопнуваме кога ќе истрчаме на терен.

повеќе