Студија на „Фридрих Еберт“

Најпожелни дестинации за иселување на младите се Германија и Швајцарија

Повеќе од 70 проценти од младите сакаат да ја напуштат Македонија, половина од нив преземаат конкретни мерки, а другата половина засега само сака да се пресели во западните земји, покажуваат резултатите од последната студија на Фондацијата „Фридрих Еберт“.

Трите главни причини за иселувањето на младите од Македонија се подобро образование, подобри можности за вработување и подобар животен стандард.

Авторите на оваа студија препорачуваат реновирање на студентските домови, поттикнување младински активизам и волонтерство, воведување задолжителна пракса за секој студент и општо подобрување на стандардот на живот кај младите. Целта на ова истражување има за цел да ги идентификува, образложи и анализира ставовите на младите и нивните модели на однесување во современото општество.

Студијата има опфатено широк спектар на прашања од најразлични сфери како што се образование, миграција, политичко учество, вработување, слободно време и многу други. Ова е второто по ред вакво истражување, по првото во 2013 година, што овозможи и компаративен метод помеѓу различните резултати добиени по 5 години.

„Студијата е поделена во 5 поглавја: животен стил и слободно време, мобилност, индивидуа – релации со други, брак и семејство, образование и вработување и политика и демократија“, објасни Нита Старова од фондацијата „Фридрих Еберт“. „Тоа покажува дека е потребна понатамошна работа и подобрување во сите сегменти од младинскиот живот“.

Како што вели Старова, доколку се поработи на подобрување на условите и доколку се слушнат барањата на младите и вистински се земат предвид, тие би останале во земјава.

„Од друга страна, позитивно во резултатите од студијата е што младите имаат зголемен интерес за учење и за завршување на високо образование“, вели проф. Марија Топузовска Латковиќ, координаторка на истражувачкиот тим.

На настанот присуствуваше и пратеничката Ивана Туфегџиќ.

„Правиме сѐ што е во наша моќ да го ставиме реновирањето на студентските домови како приоритет, а понатака и сите други барања и препораки од младите кои се во оваа студија“, рече Туфегџиќ.

Податоците од студијата беа собрани во почетокот на 2018 година со учество на повеќе од 10.000 испитаници на возраст помеѓу 14 и 29 години. Таа беше спроведена во 10 држави од Југоисточна Европа и се здоби со генералните перцепции на младата генерација, нивните очекувања, ставови и пристап кон реалноста. Истовремено студијата ги спореди и измери евентуалните промени и состојби кај младите во изминативе 5 години.

Дел од статистиките кои ги покажала студијата велат дека младите реагираат на корупцијата, социјалната неправда, сиромаштијата, невработеноста. Иако сакаат да се образуваат, младите во Македонија, сметаат дека за вработување повеќе ќе им помогнат врските отколку знаењето. Германија е дефинитивно најпосакувана дестинација за иселување, а по неа следи Швајцарија, покажува студијата.

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе