Радев по состанокот изјави дека Македонија не направила ништо за спроведување на Договорот за добрососедство, како и дека ескалира дискриминацијата на Бугарите во Македонија.
„Четири години од потпишувањето на договорот од 2017 година, Република Северна Македонија не го направи неопходното за негово исполнување. Нема ни гаранција за исполнување на преземените обврски. Децениската политика на дискриминација на македонските Бугари, од кои 120.000 се бугарски граѓани и граѓани на ЕУ во последно време ескалира со отворени јавни напади против нив", изјави Радев.
Бугарскиот претседател истакна и дека правата на македонските Бугари се клучна точка во копенхашките критериуми за членство во ЕУ за кои не може да се преговара. Радев смета дека од особена важност се проектите за обезбедување транспортна и дигитална инфраструктура, со акцент на Коридорот 8.
Тој кажа дека учесниците на Советот за безбедност се обединиле околу мислењето дека се потребни сеопфатни, целисходни и осигурени дејства за враќање на довербата и активирање на двострана соработка меѓу Бугарија и Македонија во сите области од заемен интерес.
Советот за безбедност ѝ даде на бугарската влада неколку препораки за политиката кон Македонија, вклучувајќи стриктно држење до декларацијата на бугарскиот парламент од октомври 2019 година, како и необврзување на рокови за давање согласност за почеток на пристапните преговори.
Претседателот Радев наведе седум препораки до извршната и законодавната власт во однос на натамошните чекори за решавање на спорот со С Македонија и тоа:
При водењето на надворешната политика на земјата Владата да ја запази националната позиција на Бугарија, почитувајќи ги барањата од Договорот во 2017 година, Рамковната позиција од 2019 година и Декларацијата на 44-то Народно собрание;
Давањето согласност за почеток на преговорите за пристапување на РСМ во ЕУ не треба да биде врзано со рокови туку со реални резултати, особено во однос на македонските Бугари;
Извршната власт да продолжи да работи на известување за спроведувањето на Договорот од 2017 година во преговарачкиот процес за членство во РСМ во ЕУ;
Извршна власт да подготви и обезбеди акциски план со мерки за постигнување опиплив напредок во сите области на билатералните односи;
Извршната власт да им предложи на партнерите на PCM формирање на заеднички работни групи во области во согласност со Договорот од 2017 година;
Извршните власти да преземат мерки за забрзување на изградбата на Коридорот 8 заедно со РСМ и Албанија, како единствен проект – автопат, железница, енергетско и дигитално поврзување;
Националното собрание треба да му предложи на законодавното тело на РСМ воспоставување структуриран дијалог меѓу групите за пријателство и парламентарните комисии, со што би се зајакнала довербата и би се поддржал севкупниот процес.
Претходно бугарскиот премиер Кирил Петков, во неколку изјави, споменуваше рок од шест месеци во кој очекува резултати во дијалогот со С Македонија, преку работни групи кои во тој временски период ќе работат на интензивирање на билатералните односи во повеќе области.