Македонија членка на НАТО до 2020

На 13 февруари можно е Шекеринска да учествува на министерскиот состанок за одбрана

Ратификацијата на пристапниот протокол варираше во неколкуте кругови на прием на нови членки што ги имаме зад нас, но се надевам дека до пролетта 2020 година ќе бидеме во можност да ве дочекаме како полноправна членка на нашиот сојуз, вели во интервјуто дадено за 360 степени Тања Хартман, претставничка на НАТО – Сектор за политички прашања и безбедносна политика, задолжена за водење на досието за Македонија.

„Ние во следните денови ќе го идентификуваме датумот за потпишување на пристапниот протокол. Прво, има неколку административни процедури што мора да ги завршиме и штом тоа е готово, ќе можеме да одредиме датум за состанок на Северноатлантскиот совет на кој ќе се случи потпишување на пристапниот протокол.

Секој од 29-те сојузници има своја посебна домашна процедура за добивање дозвола за потпишување на пристапниот протокол. Но, не би ја нарекла таа процедура комплицирана или комплексна. Таа е, едноставно, вообичаен дел од демократскиот процес. Јас очекувам дека за неколку недели ќе бидеме подготвени за потпишување на пристапниот протокол, но не гледам некакви екстремни одложувања во врска со тоа.

Штом го потпишеме пристапниот протокол идната Северна Македонија ќе ни се придружи на масата, заедно со другите земји-членки, на сите состаноци на НАТО. Ако пристапниот протокол се потпише пред состанокот на министрите за одбрана, ако тоа е случај, тогаш апсолутно министерот за одбрана ќе биде присутен на состанокот на министрите за одбрана во средината на февруари. Би сакала да ја искористам оваа прилика да го повторам она што во петокот веќе го изјави генералниот секретар кога ја поздрави ратификацијата на договорот од Преспа во Атина, кога кажа дека се радува што ќе ја пречека идната Северна Македонија во нашето семејство“, рече Хартман.

Македонија чека сите земји членки на НАТО да добијат зелено светло од домашните власти за потпишување на протоколот за членство.

Откако Грција го ратификуваше Преспанскиот договор минатата недела, Македонија е во исчекување во наредните денови да се одржи амбасадорски состанок во седиштето на НАТО, на кој треба да се потпише протоколот за нејзиното членство. Прашањето е строго процедурално, уверуваат дипломатите во Брисел.

Конкретно, протоколот треба прво да биде потпишан од сите 29 земји членки, се очекува ова да се случи на амбасадорско ниво во седиштето на НАТО, за време на состанок на Северноатлантскиот совет (познат во жаргонот како НАК) кој ќе биде свикан штом секој амбасадор добие авторизација од дома. Секоја земја членка, меѓутоа, познава различни домашни процедури.

Во некои земји членки доволно е министерот за надворешни или владата  да дадат авторизација, како што е случај со Словенија. Јелко Кацин, словенечкиот амбасадор во НАТО веднаш по ратификацијата на Преспанскиот договор во Атина изјави дека веќе добил дозвола од неговата влада да го потпише протоколот за Македонија.

Во други земји, пак, одобрувањето поминува преку парламентот, што може да ја забави малку процедурата, но, дипломатите тврдат дека во ниеден случај „нема политички пречки“ од ниту една земја членка.

 Штом сите 29 земји членки го дадат зеленото светло, НАТО ќе ја информира Македонија и ќе ја покани на потпишувањето, се очекува земјата да ја претставува министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Во секој случај сите се уверени дека станува збор за денови, максимум недела до две, што би и овозможило на министерката за одбрана Радмила Шекеринска, да допатува во Брисел и да учествува на следниот министерски состанок за одбрана на 13 февруари како идна полноправна членка на Алијансата.

Полноправното членство, пак, ќе се случи откако сите парламенти на земјите членки ќе го ратификуваат овој протокол, процедура која може да трае и повеќе од една година. Иако повеќето дипломати се оптимисти дека до почетокот на 2020 година Македонија ќе си го заземе столчето како де јуре членка на Алијансата.

Таква проценка има и Јелко Кацин, кој во петокот рече дека „македонското знаме би можело да се вее пред седиштето на НАТО до крајот на оваа година, најдоцна на почетокот на 2020 година“.

 Словенија од први јануари е „контакт точка“ за македонската амбасада во НАТО, што значи дека преку словенечката амбасада се одвива важен дел од дипломатската активност и комуникација.

Грција мора да биде прва земја која ќе го ратификува пристапниот протокол.

Периодот до полноправното членство не е за потценување, сметаат дипломатите, бидејќи во тој период Македонија се „дообучува“ и се подготвува преку своите набљудувачки активности и учество на клучните состаноци на Алијансата.

Оваа појава почнува да претставува сериозна закана за учениците, но и грижа за родителите и наставниците.

повеќе

Пробацијата претставува клучна новина во реформата на нашиот пенитенцијарен и казненоправен систем и приоритетна цел на владината политика.

повеќе

Анализа на проф. д-р Гордан Калајџиев на Решението У.бр.96/2016 од Уставниот суд.

повеќе