Анализа

МВР рекордер по нововработени, најголемо намалување на вработените во одбраната

Во периодот од 2017 до 2020 година, бројот на вработени во министерствата во земјава се зголемил за три, а во општините за два проценти. Најголем скок на бројот на нововработени има во полицијата, а најголем пад во одбраната, покажуваат резултатите од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК)

Во министерствата и во Владата има 540 повеќе вработени или ангажирани луѓе, а во општините 154. Бројот на привремено вработени во министерствата скокнал за повеќе од 300 проценти. Кај општините, пак, бројот на ангажираните на договор на дело се намалил за 31 процент. 

Најголем скок на бројот на нововработени има во полицијата (за 570 луѓе), а најголем пад во одбраната (168 помалку). Кај општините, пак, најголемо зголемување на вработените има во Бутел (за 122 луѓе), а најголемо намалување во Карпош (за 124 луѓе). 

Што се однесува до министерствата и Владата, има зголемување на вработувањата по сите основи. Во редовен работен однос се примени 154, на договор на дело се ангажирани 177, а привремено се вработени 209 луѓе. Додека бројот на нововработени е зголемен за 0,9 проценти, бројот на ангажирани на договор на дело скокнал за 125 проценти, а привремено се вработени дури 337 проценти повеќе луѓе. 

По институции, во истиот период најмногу нововработени или ангажирани луѓе во апсолутен број имало во МВР, 570 што е зголемување од скоро 5 % (вкупно се 12.263 вработени). Но, во проценти, најмногу нововработени или ангажирани имало во Министерството за култура, дури 23,7 %.

Најголемо намалување на вработените или ангажираните луѓе во апсолутен износ имало во Министерството за одбрана, 168 луѓе или 18,6 % помалку. Процентуално, пак, најголемо намалување на вработените или ангажираните луѓе од 20,2 % имало во Министерството за труд и социјална политика. 

Најмалку вработени, односно 60 луѓе, има Министерството за локална самоуправа, а следно со 163 луѓе е Министерството за здравство. 

Кај општините, пак, има зголемување на редовните и привремените вработувања, но намалување на бројот на ангажирани луѓе на договор на дело за 31 процент, односно од 620 на 428 луѓе. 

Од општините најмногу луѓе работат во Град Скопје, 747. 

По одделни општини, рекордер и според апсолутниот и според процентуалниот износ на зголемување на бројот на нововработени или ангажирани луѓе е Општина Бутел, која во 2020 во споредба со 2017 имала 122 повеќе луѓе, односно 207 % зголемување на кадарот. Втора, исто така и апсолутно и процентуално е Општина Кавадарци со 87 луѓе или 77 % повеќе вработени или ангажирани луѓе. 

Спротивно, најголемо намалување има кај вработените или ангажираните во Општина Карпош, која има намалување од 124 луѓе. Процентуално, пак, најголемо намалување има кај Општина Чашка, односно 64,6 % помалку вработени или ангажирани луѓе.

Најголемо намалување на вработените во редовен работен однос од дури 49 луѓе има Општина Тетово. 

Истражувањето, како што велат од ЦГК, е реализирано во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, чија цел е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.

 

И Софија ќе треба да не го запре македонското евро-интегрирање на самиот почеток – и Скопје ќе треба да ја декомунистицира и дејугословенизира својата елита, економија, политика, наратива и медиуми.

повеќе

На светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери.

повеќе

Во Законот кој е предложен воопшто не се цели на попишување на реалната состојба на терен, туку се цели на попишување на сите возможни граѓани заради задоволување на политички цели.

повеќе