Реакции

МВР ќе го испитува случајот со новинарката Делевска, за ЗНМ и за Хелсиншкиот комитет овој случај е напад на слободата на говорот

Министерството за внатрешни работи информира дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди го испитува постапувањето на полициските службеници во врска со поплаката од едно лице против новинарката Соња Делевска од медиумот СДК.мк. Случајот веќе го осудија и побараа негово расветлување од Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

„Потенцираме дека нема никаков поднесок против новинарката од страна на МВР ниту пак таков поднесок ќе има. МВР во изминативе години гради партнерски однос и со новинарите и со новинарските здруженија и комплетно сме посветени на постојано унапредување на соработката, што е постојано потенцирано и од новинарите и од релевантните организации. Комплетно ја поддржуваме слободата на говорот и таквата пракса продолжува и во иднина", соопшти МВР по вчерашното објавување на скандалот со повикот до новинарката Соња Делевска на разговор во полициската станица Бит пазар во Скопје. Таа била повикана „службен разговор во врска со поплака" за објавен текст. Поплаката била од државна службеничка, раководителка на едно од местата во Министерството за правда, која според пријавата против Делевска, почувствувала вознемиреност по нејзиното здравје и по угледот, по објавен текст на СДК.мк.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја осудува постапката на службеници од Министерството за внатрешни работи кон новинарката и предупреди дека повикувањето на новинари и медиумски работници на службен разговор во полиција поради објавен текст води кон цензура и самоцензура кај новинарите. „Овој случај со колешката Делевска може негативно да се одрази на слободата на јавното информирање и говор. Предупредуваме дека доколку ова стане пракса може сериозно да ги ограничи новинарите слободно да известуваат за прашања од јавен интерес и истовремено да ги обесхрабри тие да работат на теми кои се поврзани со корупција и злоупотреба на власт. Затоа бараме од МВР да спроведе итна внатрешна истрага за овој случај“, соопшти ЗНМ.

Хелсиншкиот комитет за човекови права остро го осудува притисокот врз новинарката Соња К. Делевска со повикување на „службен разговор во врска со поплака" во полициска станица во Скопје, заради објавен текст на порталот СДК.МК. „Во текстот, каде е пренесена изјава на адвокатка, која обвинува за побаран поткуп во Министерството за правда, се препознала државна службеничка од министерството. Иако службеничката не била експлицитно именувана во текстот, таа поднела пријава против Делевска, поради тоа што почувствувала вознемиреност по нејзиното здравје и по угледот. 

Повикувањето новинар на разговор во полициска станица од страна на вооружени полицајци, а за прашање кое не е кривично дело, туку се процесира во граѓанска постапка за евентуално утврдување на граѓанска одговорност за навреда и клевета, се коси со уставните начела што го гарантираат слободниот пристап до информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Комитетот, исто така, смета дека е проблематично тоа што полицијата потклекнала пред барањето на пријавителката, која инсистирала новинарката Делевска да биде повикана во полициска станица. 

Со оглед дека пријавителката е државен службеник, а случајот за кој известува Делевска е во насока на разоткривање коруптивни активности во министерството, постапувањето на полицијата кон новинарката Делевска, покрај тоа што ги загрозува новинарските слободи и уставно загарантирани права, може да се смета и за директен притисок врз нејзината работа од страна на институциите“, се вели во реакцијата на Хелсиншкиот комитет. 

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе