Јавни набавки во ќорсокак

MВР има сериозни проблеми во спроведувањето на тендерите, извештаи за тоа има, ама ништо не се презема

Според евиденција на Министерството за внатрешни работи во последните две години поднесени се 78 жалби на првостепеното решение по распишана јавна набавка, а 30 од нив се отфрлени или повлечени и не била предизвикана штета. Сите други се вратени на повторно постапување со што е предизвикана помала или поголема материјална штета.

Најголемата штета од очигледно проблематично спроведуваните тендери во МВР е тоа што полицајците подолг период остануваат без чизми, без чевли, без униформи, ремени, возилата се возат со излижани гуми, граѓаните чекаат за регистарски таблички, полициски станици се без ПВЦ прозорци и клима апарати, нема книжни мети...

Јоки системи, Наутикус, Аполо продукт, Т-Стефани, Армор-плус, Авицена, Фармас МН, Супертрејд, Биосистеми МК, Скај мото, Ланд-сервис, Серта, Фамафлекс, Мотоцентар, Дом дизајн, Југокомерц, Ли оил ДБ, Камекс, Лада-нива, Бапал, ИЦС консалтинг инженеринг... се само дел од компаниите кои не биле задоволни од решението на комисијата за јавни набавки на МВР, па поднеле жалби до Државната комисија за жалби по јавни набавки. Во образложенијата на оваа второстепена комисија најчесто пишува „договорниот орган (МВР-н.з.) погрешно го применил материјалното право и сторил битни пропусти кои се однесуваат на  евалуацијата на понудите“, „жалителот неправилно бил исклучен од фазата на евалуација“, „повторно биле сторени пропусти во процесот на евалуацијата на понудите“... па следува заклучокот „Државната комисија за жалби по јавни набавки постапувајќи согласно  член 141 од Законот за јавните набавки, а врз основа на сите докази од предметот за спроведената постапка за доделување договор за јавна набавка, утврди дека жалбата на жалителот е основана“ и на крај „договорниот орган (МВР) е должен на подносителот на жалбата да му ги надомести оправданите трошоци за постапката“.

Истражувањето на невладината организација Центар за граѓански комуникации во однос на непочитување на принципите на транспарентност, отчетност и интегритет на јавните набавки покажа дека најпроблематични се тендерите на Министерството за образование и наука и на Министерството за внатрешни работи, со исполнување на само 37 проценти од утврдените критериуми.

Центарот за граѓански комуникации исто така утврдил дека лани во првото полугодие најголем број договори за јавни набавки (11 договори со вредност од над 2 милиони евра) со преговарање имало токму МВР. Во истиот перид МВР е меѓу првите три државни институции со најголем број на поништени тендери (56), после АД Електрани и Министерството за одбрана. Лани МВР распишало 157 тендери во вредност од околу 27 милиони евра.

Од МВР не се согласуваат со овие констатации и сметаат дека бројот на жалби е резултат на промените во Законот за јавни набавки и намалувањето на давачките при поднесувањето на жалбите.

„Со стапување на сила на актуелниот закон за јавни набавки во април 2019 година, се променија тарифите за поднесување на жалба кои сега се прилагодени на вредноста на обжалениот износ за кој се поднесува понуда, што придонесе за поголема економичност и можност за понудувачите да поднесат жалба со помал издаток.

Ако некогаш се спроведуваа постапки со преобемни и високи критериуми кои не ни оставаа можност голем дел од понудувачите да поднесат понуда, сега во сите тендерски постапки се отстранети тие барања со што е зголемен и бројот на понудувачи.

По сите насоки на Државната комисија за жалби по јавни набавки во случај на усвоена жалба, МВР постапува веднаш. Ако во минатото голем број на постапки се воделе во постапка со преговарање без објавување на оглас или од причини од крајна итност, каде можноста повеќе економски оператори да дознаат дека воопшто имало таква постапка е минимална, а уште повеќе што им било ускратено правото на жалба, денес овие видови на постапки се сведени на минимум.

Во 2021 година се поднесени 46 жалби од кои 2 се повлечени и по нив не се постапувало. Од останатите жалби за 2 се чека решение од ДКЖЈН, 22 се усвоени или делумно усвоени и договорниот орган постапил по насоките, а 20 се отфрлени како неосновани и е утврдено дека договорниот орган постапил правилно. Дури 40% од поднесените жалби се само од 7 економски оператори. Еден економски оператор има поднесено дури 13% од целокупниот број на поднесени жалби во 2021 година“, велат од МВР.

Главна за јавни набавки во МВР е Андријана Савеска-Павловска, помошничка на министерот Оливер Спасовски и началничка на одделение за јавни набавки во одделот Општи и заеднички служби. Сите овие извештаи за проблемите со тендерите во МВР одамна се на маса пред министерот Спасовски.

А.Д.

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе