Непотизам, продолжение број 101

МВР и УБК: легло на ќерки, синови, сестри, снаи... на функционери

Нема крај на информациите што деновиве ги добиваат медиумите и политичките противници на власта за тоа кој функционер, кога и каде вработил свои роднини, пријатели и љубовници. Од сите информации што ги добивме, можеби најинтересен е списокот на функционери од Министерството за внатрешни работи за вработувања, не во МЕПСО или ЕЛЕМ, туку баш во МВР. Свои кај своите. Засега преовладуваат имињата на бившите министри, директори и началници од МВР.

За дел од овие информации редакцијата на МКД.мк доби и потврда од МВР, а за некои лица одговорот не беше ни негативен, ни позитивен.

За време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ Митко Чавков беше вработен во УБК, па стана директор на БЈБ, а потоа и министер на МВР. За тоа време тој во МВР успеал да си ги вработи снаата Д. Чавкова (сега Поповска), декември 2012; жена му Ј. Чавкова е унапредена во 2007 и 2012 во Бирото за јавна безбедност во МВР; Б. Глигорова (прва братучетка на Ј.Чавкова) вработена во БЈБ, МВР; Д. Трендафилов (прв братучед на Ј.Чавкова) вработен исто така во БЈБ…

Директорот на УБК, Љупчо Андоновски, за време на своето директорување кај себе си го вработил синот И. Андоновски.

Сиљан Аврамовски, искусен кадар од МВР, кој добро котира и кај ВМРО-ДПМНЕ (заменик-директор на УБК кога прв човек беше Сашо Мијалков) и кај СДСМ, за време на својот мандат како заменик-директор на УБК си ја вработил ќерка си Е. Аврамовска, во јуни 2012, а внуката И. Аврамовска истата година била вработена во еден од судовите.

Ариф Асани, како заменик директор на УБК во УБК си го вработил внукот А. Асани, во јуни 2015.

Љупчо Тодоровски како директор на БЈБ во МВР си ја вработил ќерката А. Тодоровска, во октомври 2008.

Горан Грујевски како началник на Петтата управа во УБК, актуелен бегалец во Грција обвинет за предметите на СЈО поврзани со прислушувањето, во УБК си ја вработил жената, Р. Грујевска, во октомври 2008 година.

Горан Николовски, актуелниот директор на УБК, тогаш како помошник директор во УБК за време на директорувањето на Сашо Мијалков, си ја вработил сопругата Т. Кумбераџи.

Илија Смилевски во мандатот кога бил помошник директор во УБК си ги вработил сопругата, синот и снаата.

Весна Доревска, како помошник-министер за правни работи во МВР во 2015 година си го вработила синот М. Доревски во УБК, во октомври 2015 година.

Она што е интересно е дека овие лица биле директно вклучени во постапката за вработување на своите најблиски, а на дел од нив им се и директно претпоставени.

Но ова не е сѐ.

Јордан Размоски, како еден од началниците во МВР, успеал без јавен оглас да си ја вработи ќерката Наташа во УБК.

Горан Радески, управник во одморалиште на МВР во Охридм издејствувал неговата сопруга да се вработи во Гранична полиција, а за само неколку месеци и ќерките во МВР и во УБК.

Драган Петрески од МВР си ја вработил сопругата Билјана во СВР со нецелосно средно образование, а во тој период братот Благоја добил работа во ХЕЦ Глобочица-ЕВН.

Љубен Арнаудов, како директор на ЈЗУ Општа болница во Охрид, преку Митко Чавков како министер на МВР, успеал да најде работно место во УБК за неговиот син Дарко.

Артан Далипи, роднина по сопруга на Али Ахмети, бил вработен без оглас во УБК.

Во 2012 година на ваквата кадровска политика реагирале дипломираните криминолози од битолскиот универзитет, кои одржаа протест пред Владата и побараа од МВР да престане да вработува партиски и нестручни луѓе без јавни огласи и да распише конкурс за вработување на околу 400 дипломирани криминолози.

Од МВР тогаш потврдија дека немаат распишано ниту еден јавен оглас за вработување, но признаваат дека имало поединечни вработувања по потреба.

Има уште најмалку триесетина лица вработени во УБК што имаат синови, ќерки, жени и мажи вработени без јавен оглас во УБК или во МВР.

Но тоа ќе им го оставиме на членовите на Државната комисија за борба против корупцијата, која како што тргнало, можеби и целиот свој мандат ќе го потрошат на откривање и санкционирање на непотизмот.

А. Д.

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе