Според проектот на студио од Белград (1X2STUDIO) на чело со архитектот Зоран Абадиќ, во Прилеп се гради бизнис сервер центар (Business Continuity and Disaster Recovery Data Center), кој обезбедува континуитет во работењето на ИТ-системите во функција на работата на Министерството за внатрешни работи. Нарачател на проектот е Министерството за финансии.
Основната цел на проектот е да се обезбеди заштита на опкружувањето на објектот и на опремата (како и сите информации и софтвери) од кражби, вандализам, природни непогоди (вклучувајќи земјотреси), предизвикани катастрофи, тероризам и неочекувано оштетување од електрични напони, екстремни температури и слично.
Објектот се наоѓа североисточно од центарот на Прилеп. Основната функција на објектот е да обезбеди безбедно сместување на компјутери, складишта и мрежни уреди, енергија за нивно одржување, контрола на температурата за работа, како и поврзување со други уреди внатре и надвор од него.
Сервер-собата е дизајнирана како соба во соба и обезбедува највисоко ниво на физичка заштита, а со тоа и спречува ризици. Вградените системи обезбедуваат сеопфатна заштита и како такви, мултифункционална безбедност на бекап и сервер-системите, мрежните компјутери и комуникациските системи.