Интервју

Мухамед Зекири: Ние, за жал, сега ја плаќаме цената од коалицирањето со ДУИ

Некои функционери од партијата, вклучувајќи директори, министри и градоначалници, летнаа во облаци и, за жал, заборавија дека таму се по заслуга на граѓаните, вели пратеникот и потпретседател на СДСМ, Мухамед Зекири. Во разговор за МКД.мк тој останува на критиките кон ДУИ и додава дека е свесен оти неговите ставови предизвикуваат проблеми во коалицијата, но „тоа е демократијата“. А во заднината на случувањата во ИВЗ смета дека е обидот да им се нанесе штета во изборниот процес и ништо друго.

По објавувањето на резултатите од првиот изборен круг рековте дека тоа е горчлива победа и дека е време за одговорност на дел од функционерите на СДСМ и на албанската елита. На кои функционери мислевте, во партијата или во Владата?

Мислев на сите оние што летнаа во облаци и за жал заборавија по чија заслуга се таму каде што се. Мислам секако на функционери од партијата - директори, министри и градоначалници. Граѓаните се причината што сите ние сме дел од извршната, законодавната и локалната власт. Некои, за жал, тоа го заборавија и се поставија над граѓаните, кои во првиот круг од претседателските избори ни пратија јасна порака да се отрезниме. Граѓаните се тие што секогаш знаат да наградат, а богами и да казнат. Власта легитимитетот го црпи од граѓаните и од никого друг.

Не мислите дека со ваквите изјави си создавате непријатели во партијата, или, пак, партијата е толку демократска што нема да Ви забележат за ова?

Поголем демократ од нашиот претседател Зоран Заев верувајте дека нема. Човек што почитува различно мислење и оние што гласно размислуваат. Но настрана од ова, јас и како новинар кога сум искажувал свој став и сега како политичар кога искажувам, никогаш не се водам од тоа дали ќе создадам непријатели поради моите ставови. Се водам по она што го чувствувам и го мислам и секако тоа што го мислат мнозинството граѓани, односно секогаш ја зборувам вистината и сум искрен. А вистината знае да боли, нели? Некои милуваат да ми кажат дека сум идеалист, но всушност сум само реален. Не ви е пријател некој што ве „тапка по рамо“ и не ви укажува на грешките, па се надевам искрено дека и моите сопартијци така ме имаат сфатено. 

Премиерот најави чистка и реконструкција, но по изборите. Што мислите за ова, што е она што треба да се менува, само лица или пак, пристапот е погрешен?

Тоа всушност го кажав како мој став уште вечерта по завршувањето на првиот круг од претседателските избори. Tокму тоа го бара и премиерот. Одговорност мора да има! Треба да се менуваат лица, а секако во еден дел и пристапот. 

Редовен и остар критичар сте на работата на ДУИ, а потпретседател сте на партијата СДСМ, коалициски партнер на ДУИ. Како ова го примаат Вашите сопратијци? Им правите ли проблем во коалицирањето?

Не знам и не сакам да сум лицемерен бидејќи моите ставови во однос на ДУИ ѝ се познати на пошироката јавност, вклучително и на моите сопартијци. Јас на ова прашање би Ви одговорил со контрапрашање Вам и на сите што нè читаат: што од тоа што сум го изнел како мој став кон ДУИ не е точно?!

Секако ваквите мои ставови предизвикуваат и проблеми во коалицијата, но тоа е демократијата. Ние за жал сега ја плаќаме и цената од коалицирањето со ДУИ.

Кога зборуваме за коалицирањето, се согласувате ли со оцените дека нема некоја голема разлика во однос на поставеноста на функционирањето на тоа „братство“ и меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и сега СДСМ и ДУИ?

Наша задача, и мое настојување, е да го смениме пристапот и да ѝ докажеме на јавноста дека не е така.

По завршувањето на првиот изборен круг имаше информации дека имало некаков тивок бојкот од ДУИ и затоа е таков резултатот за вашиот кандидат Стево Пендаровски. Има ли вистина во ваквите информации? Што е причината за нискиот одѕив кај гласачите Албанци?

Немаше бојкот. На виделина всушност излезе реалната слика за тоа колку во моментов тежи ДУИ. И нивните гласачи испратија јасна порака до нив. Малиот одѕив кај Албанците е поради нивната разочараност од нивните политичари. Тоа не е порака само до ДУИ, туку и до албанската опозиција. 80 илјади гласови за Блерим Река не се гласови на опозициските Алијанса за Албанците на Зијадин Села и Беса на Билал Касами. Добар дел од тие гласачи ја дале поддршката водејќи се од етничката припадност на кандидатот, или гласале за да пратат порака на партиите на Албанците што се дел од извршната власт, пред сè на ДУИ.

Какви Ви се процените за вториот круг, и во однос на излезноста и во однос на резултатите?

Изборите ќе бидат успешни и ќе победи нашиот кандидат Стево Пендаровски. Нашата земја заслужува да ја води човек што достоинствено ќе нè претставува во светот. А во изборот меѓу Гордана Сиљановска Давкова и Стево Пендаровски дилеми нема. Нема, затоа што Гордана е лицето зад кое се кријат ретроградните сили предводени од бегалецот во Будимпешта Никола Груевски, кој очигледно и од таму сè уште раководи со ВМРО-ДПМНЕ.

Деновиве е актуелно прашањето со ИВЗ. Што е заднината на ова?

Да ни се нанесе штета во изборниот процес и ништо друго. 

Со Вашите изјави влеговте директно во судир со ИВЗ, и нив и ДУИ ги нарековте криминалци. Но пред две недели ИВЗ Ви упати реакција со порака да ги држите рацете подалеку од ИВЗ и Ве обвини дека соработувате со „пучистите“ што ја нападнале ИВЗ. Каде е вистината? Кој со кого соработува?

Моите ставови и во однос на ИВЗ, односно поглаварот Реџепи, многу одамна ѝ се познати на јавноста. Од времето кога бев новинар, па до ден денешен не се сменети, ниту ќе ги сменам. Моја обврска и како народен избраник е да зборувам.

Се согласувате ли со оцената дека сепак, не е работа на судот да кажува кој ќе биде поглавар на една црква или верска заедница?

Се согласувам. Но тоа што верските заедници со право уживаат уставно загарантирана слобода не ги ослободува од обврската да имаат легитимитет од верниците што ги претставуваат. И исто така треба да сфатат дека не можат да се поставуваат над законите на земјата во која делуваат. Највисокото тело на ИВЗ, Ријасетот, треба да ги претставува верниците и нивните гледишта, а не слепо да го следи поглаварот што ги поставил таму. Ставовите во повеќе наврати изнесени од актуелниот поглавар не соодветствуваат со вредностите што ги проповеда која било религија, а најмалку исламот.

Ги „испеглавте“ ли односите со претседателот на Собранието Талат Џафери?

Толку се „изгужвани“ што не може да се „испеглаат“.

Ж.П.Б.

 

Граѓаните се преморени од бескрајните, приказни на предавници и патриоти, тирански платформи, договори со Грција, Бугарија, рекети, пописи, тендери,

повеќе

Критичкото малцинство, на 2020 година не гледа само како на година која ја донесе вирусната пандемија, туку и како на година која донесе и еден друг вид на пандемија, онаа на КОВИД-авторитаризмот.

повеќе

Во моментов, мал број проекти или иницијативи во Македонија се фокусираат на тоа како универзитетите ги подготвуваат студентите за општествена одговорност и за граѓанскиот статус.

повеќе