Мешовитиот парламентарен комитет (МПК) за првпат се одржува откако Македонија ги отпочна преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ). Претставниците на европските институции, европратениците и македонските пратеници инсистираа на фактот дека започна нова фаза во односите меѓу ЕУ и Македонија, а земјата мора да остане посветена на реформите и потребен е консензус за евроатлантските процеси, јави дописникот на МИА од Стразбур.
Во препораките, МПК ги зема предвид претходните Заклучоци на Советот, Европската комисија и Европскиот парламент, особено одобрувањето од страна на Советот на Преговарачката рамка за Северна Македонија на 18 јули 2022 година и одржувањето на првата Меѓувладина конференција на 19 јули 2022 година. МПК ги пофали Заклучоците усвоени од македонското Собрание на 16 јули годинава, со кои се отвори патот за почеток на пристапните преговори со ЕУ.
МПК нагласува дека почетокот на скринингот, што е првиот чекор во процесот на пристапни преговори не е само техничка вежба бидејќи се однесува на прашања и грижи кои се блиски до секојдневниот живот на граѓаните и ја охрабрува ЕУ да продолжи да го забрзува темпото на процесот на пристапни преговори за Македонија, врз основа на фер и ригорозни условувања и принципот заснован на заслуги и еднаков третман во процесот на пристапување. На состанокот биле поздравени стабилните меѓуетнички односи и вниманието посветено на заштитата на правата на помалите етнички заедници како и постигнатиот одреден напредок во имплементацијата на стратегијата за реформи во правосудството.
Основна цел на МПК е разгледување на сите аспекти на односите меѓу Македонија и ЕУ, особено имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.