Според Ромфеа, МПЦ-ОА од Вселенската патријаршија побарала ново име, кое нема да го содржи терминот Македонија и преименување во „Охридска и на Јустинијана Прима архиепископија“.
Вселенската патријаршија денеска соопшти дека слично писмо примила и од премиерот на Македонија, Зоран Заев. Тој од Синодот на Вселенската патријаршија побарал да се врати МПЦ-ОА во канонскиот поредок под името Охридска архиепископија.
„Светиот синод на Вселенската патријаршија го разгледа барањето на расколничката црква на Скопје, поткрепено со писмото на премиерот на ПЈРМ, Зоран Заев, кој побара Цариградската патријаршија да преземе иницијатива за враќање на шизматичката црква во канонскиот поредок под името Охридска архиепископија“, се вели во соопштението на Вселенската патријаршија.
Вечерва и грчкиот премиер Алексис Ципрас во својата реакција упатена кон грчката опозиција соопшти дека „Заев побарал да се отстрани терминот „Македонија" од името на црквата на нашите северни соседи“.
Владиката Тимотеј, во изјава за „Слободен печат“, призна дека било испратено такво писмо, но како што рече, преку писмото било побарано да се додели автокефален статус и ништо повеќе.
„Ние сме свесни дека Грците многу тешко ќе нè признаат под името МПЦ, но сепак Охридска архиепископија претставува една историја и за нас е достоинствено име. Јас не знам какво писмо испратил премиерот Заев, но ние сме возобновувачи на ОА во лице на МПЦ, па ако ни ја признаат ОА, тоа ќе значи дека имаме илјадугодишна историја. Секој што барем малку размислува треба да биде благодарен ако ни ја дадат ОА, отколку МПЦ, која е создадена во 1946 година“, објаснува Тимотеј.
Пред неколку дека владиката европски Пимен изјави дека МПЦ-ОА нема да прифати ново име доколку се промени името на државата.
„Името на МПЦ-ОА се врзува со нашиот идентитет, а не со мноштвото народи што ги имаме. Црквата треба да стои над политиката и нема да посегне по тој чекор да го промени своето име, бидејќи имаме национално име како МПЦ“, рече Пимен на прославата на 1000-годишнината од постоењето на Охридската архиепископија.