За Законот за легализација на дивоградбите

Морачанин: Собранието испрати лоша порака дека законите може и да не се почитуваат

Пратеничката и претседател на ДОМ Маја Морачанин вели дека Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти испраќа лоша порака дека и натаму може нелегално да се гради и дека кога тогаш изграденото ќе биде легализирано. Тогаш се поставува прашањето зошто нѝ се потребни генерални и детални урбанистички планови, зошто постојат закони кои прекршочно, но и кривично санкционираат нелегално градење, вели Морачанин и нагласува дека во нерамноправна положба се граѓаните кои ги почитувале законите и сите процедури.

Пратеничката и претседател на ДОМ Маја Морачанин вели дека е изненадена што стручната и невладина јавност не реагираше навремено за да предупреди на штетните последици што ќе произлезат со донесување на законот со кој се дава можност за легализација на дивоградбите.Таа потсетува дека како предлог, законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, е во Собрание повеќе месеци.

Уште на комисиска расправа Морачанин во својата дискусија предупреди дека не е во ред постојаното продолжување на роковите за легализација на дивоградбите во земјава. На пленарната седница на Собранието пак, за жал, освен пет пратеници, меѓу кои и нејзиниот сопартиец Мирослав Богдановски, како и Борислав Крмов од Левица, Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова, останатите 72 пратеника од сите партии гласале ЗА.

Морачанин за МКД.мк вели дека единствено се спаси заштитеното подрачје на Охридскиот регион, додека за останатите региони и местата кои се под заштита како природно или културно богатство, на тие што сакаат да легализираат објекти ќе им биде потребна согласност од надлежно министерство или друг орган. Дали ќе има злоупотреби, останува да се види и додава дека во секој случај работата на министерствата и институциите непотребно ќе се оптоварат кога веќе е јасно дека станува збор за заштитени подрачја.

„Со овој закон се испраќа лоша порака дека и натаму може нелегално да се гради и дека кога тогаш објектот ќе биде легализиран. Тогаш се поставува прашањето зошто нѝ се потребни генерални и детални урбанистички планови, зошто постојат закони кои прекршочно, но и кривично санкционираат нелегално градење. Од овој законодавен дом се испраќа пораката дека на 'диво' граѓаните можат да градат. Тоа ги стаа во нерамноправна положба граѓаните кои ги почитувале законите, кои не се осмелиле да ги заобиколат законите, туку ги испочитувале и сите процедури, потрошиле и време и пари за да градат легално", вели Морачанин.

Таа вели дека дел од граѓаните навистина барале вакви олеснувања, но дека политичарите сепак треба да проценат дека не може секогаш да им излезат во пресрет и дека треба да се води сметка за владеењето на правото и за одржување и создавање на урбанистички ред. Потсетува дека веќе имаше предолг период од десет години за легализација и дека секој можел тоа да го стори. Но, како што потенцира Морачанин, најновата „интервенција" на Собранието ги наведува граѓаните дека можат да продолжат со нелегални активности и дека пред законите сите не се еднакви.

Иако законот не дава можност за легализација на големи објекти и згради, сепак вели, не се ниту мали објектите со четири станови, кои наликуваат на помали згради.

Излезот од состојбата е претседателот на државата да не го потпише законот, да ги наведе своите забелешки и парламентот одново да расправа. Крајната инстанца е Уставниот суд, вели таа.

Партијата на Морачанин, заедно со ЛДП и Демократски сојуз денеска испратија писмо до претседателот на Македонија Стево Пендаровски со барање да не го потпише вчера донесениот закон.

„Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти е нешто што не смее ни да се размислува во една правна држава во која владеат демократските принципи. Ваквиот закон не е ништо друго освен закон за амнестија, бидејќи градењето надвор од законски предвидената постапка, без соодветно одобрение претставува кривично дело", велат пратениците во писмото испратено до претседателот на Македонија и нагласуваат дека е крајно време да се стави точка на урбанистичкото дивеење во земјава.

П.Џамбазоски

Алчноста за максимизирање на површината на градење ја помина „црвената линија“. Градот полека ја сече гранката на која седи.

повеќе

Пристигна барањето од етничкиот албански фактор во политиката за тоа да има промена во химната, знамето и грбот на државата.

повеќе

Доколку најмоќните луѓе во земјата (вклучително и претседателот Милановиќ) не престанат со вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми, се плашам дека Хрватска ќе појде по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на (не)слободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат.

повеќе