На средбата било истакнато дека македонскиот јазик има чиста формулација, односно во ЕУ ќе биде „македонски јазик без никакви дообјаснувања, а Бугарија ќе даде свое мислење, кое само еднаш ќе биде нотирано и нема да има влијание во ЕУ и во преговорите“. Премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот Бојан Маричиќ ветиле дека предлогот ќе биде доставен до Собранието на Македонија.
„Незамисливо е членка на ЕУ да негира јазик, бидејќи во основите на Унијата се вредностите на почитување на јазиците, националностите и сите вредности поврзани со човекот кои се нејзиното богатство“, вели Морачанин и нагласува дека за ДОМ е неприфатливо внесувањето на билатерални прашања во преговарачкиот процес.
Ставот на ДОМ на средбата со премиерот бил дека ако ваквите теми бидат вклучени во процесот дека е јасно оти преговорите никогаш нема да завршат и дека освен тоа, на историски прашања не им е местото во ЕУ за преговори.
ДОМ инсистира документите поврзани со отворањето на преговорите да се објават преведени на македонски јазик со цел секој граѓанин да може да ги прочита и анализира, бидејќи не е лесно конкретни и многу специфични правни формулации да може секој да ги разбере на англиски јазик.
„Наш предлог е Владата самата да не ја носи одлуката, туку тоа да му го препушти на Собранието на Македонија и пратениците да можат да дискутираат и да предложат заклучоци“, вели Морачанин.
П.Џ.