Одложено судењето за „Монструм“

Мојот син плачеше мртов со отворени очи, плашете се од тие солзи сите кои сте вмешани, порача мајката на убиениот Александар

Отсуство поради болест на обвинетиот Фејзи Азири го одложи судењето за случајот „Монструм“ за 15 мај. Адвокатот Насер Рауфи во судот достави известување дека обвинетиот Азири од вчера бил хоспитализиран на клиниката за пулмологија. На ова реагираше обвинителката на СЈО Фатиме Фетаи, како и родителите на убиените момчиња и рибарот.

Потегот со само еден документ  да се оправда отсуство на обвинет на вака сериозен предмет, Фетаи го нарече несериозен.

Откако судијата Огнен Ставрев извести дека нема услови за одржување на денешното рочиште во случајот „Монструм“ и судењето ќе мора да биде одложено, збор во судницата побараа родителите на убиените момчиња.

„Го донесовме син ми дома мртов, но очите му беа отворени и од нив два дена додека да го погребаме течеа солзи. Плашете се од тие солзи“, им порача од судница Зорица Наќевска, мајката на убиениот Александар Наќевски на сите кои се вмешани во случајот со смртта на нејзиниот син.

Таа од судот и од обвинителите во судница побара да се утврди каква е улогата на обвинетите на кои во моментот им се суди за петкратното убиство, дали се тие навистина поврзани со настанот како директни извршители и како помагачи. Повикувајќи се на изјавите на премиерот Зоран Заев дека ќе им бидат дадени прислушуваните разговори, како и на содржината на тие разговори, мајката на убиен Александар побара да се утврди и улогата на петте функционери на ДУИ и на доказите за која им било кажано дека е со назнака државна тајна.

„Да се откријат двете НН лица посочени од заштитениот сведок кои не се опфатени со истрагата. Фејзи и НН лице разговараат ‘вечерва сонував лош сон, сонував како му ги врзуваат рацете на момчето и плачев па си велев да не не се израдувам, да не не го завршам тој никаквец. Гласот на НН лицето му е познат и бараме  да се утврди кој е тој“, рече мајката на убиениот Александар, цитирајќи транскрипт од прислушуван разговор.

Таа го побара и телефонскиот апарат на нејзиниот убиен син кој е одземен како доказ, а кој, како што кажа, за нив како родители  е многу вреден.

„ Нашите деца беа починати со отворени очи. Ги убија во четвртокот, а нивните тела ги донесовме дома наредниот ден. Беа починати со отворени очи и од очите им течеа солзи. Нека се плашат од тие солзи сите кои си поигруваат со нашите чувства и чувствата на мојот син“, рече мајката на убиениот Александар.

Кога таа тргна да седне на нејзиното место во судница се обрати до судската полиција од која доби опомена да се смири со зборовите: „Нека ви го закопаат детето, па ќе видите тогаш дали ќе бидете смирени“.

Претходно судијата Ставрев рече дека ќе побара целосна болничка документација за Азири. 

Во Кривичниот суд денеска требаше да се одржи првото рочиште против обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското езеро во Скопје на 12 април 2012 година, откако предметот го презеде СЈО.

Во судот денеска дојдоа обвинителите Фатиме Фетаи, Ленче Ристовска и Гаврил Бубевски, како и сите обвинети, освен хоспитализираниот Азири и Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се недостапни за судот. 

Кога СЈО го презеде случајот минатиот месец специјалната јавна обвинителка Катица Јанева рече дека очекува судскиот процес да продолжи во фаза во која бил прекинат и оти се подготвени да го презентираат предметот пред судот.

Масакрот кај Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

За петкратното убиство беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.

К.Д.

Планот за чист воздух од само 1,5 милиони евра издвоени од буџетот и за граѓаните и за еколошките активисти е несериозен.

повеќе

Во битката за фотелја во ФФМ секогаш решавачка била „техниката" на добивање гласови од делегатите со поткуп, ветувања, партиски и притисоци на локалните моќници... 

повеќе

Како може да се надминат исклучивите и националистички толкувања на минатото: што работат комисиите?

повеќе