„Вековна традиција не смее да биде загрозена преку активности со кои се омаловажуваат или навредуваат народи, држави, особено нашите соседи. Го осудуваме палењето на знамето на Република Бугарија на Карневалот во Вевчани, чин кој не само што го нарушува реномето на Карневалот, туку и нанесува штета на угледот на Република Северна Македонија“, пишува на фејсбук-профилот на МНР.
Претходно бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева на својот Фејсбук профил објави дека нивниот амбасадор во земјава Ангел Ангелов упатил остра вербална нота до македонското МНР по информациите дека е запалено бугарско знаме на Вевчанскиот карневал.
„По повод информациите за запалено бугарско знаме во селото Вевчани во Република Северна Македонија му порачав на бугарскиот амбасадор во Скопје да го искаже пред Владата на Република Северна Македонија, нашето силно несогласување со овој вандалски чин. Амбасадорот Ангелов веќе упати остар вербален демарш во Министерството за надворешни работи на РСМ“, напиша Захариева.