Отворено писмо до шефот на дипломатијата

МНР шири лаги, ниеден дипломат не учествувал во насилни протести, реагира МДС

Македнскиот дипломатски синдикат (МДС) реагира на завчерашното соопштение на Министерството за надворешни работи издадено откако демонстранти фрлаа јајца, боја, петарди и други предмети врз зградата на министерството и остро демантира дека кој било дипломат учествувал во тие настани. МДС во соопштението го осудува сите форми на насилство, особено напади и оштетување на зградата на МНР. „Дипломатијата во својата суштина е насочена токму кон надминување на насилството и решавање на недоразбирањата по мирен пат“, велат од синдикатот.

„Соопштение на МНР, со кое што се алудира на вклученост на дипломати во „ширење на говор на омраза, извикување на навредувачки пароли и поттикнување тензии, како и насилство и насилничко однесување врз објектот на министерството", го сметаме за невистинито и крајно навредливо за секој еден дипломат во Република Македонија“, се вели во отвореното писмо до министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Македонскиот дипломатски синдикат посочува:
1. Ниту еден дипломат нема учествувано во насилството пред МНР, ниту со какво било дело го нарушил угледот на дипломатијата. Доколку имате било каков доказ за вашите обвинувања, за било која колешка или колега, дека учествувале во сквернавењето на зградата на МНР, бараме веднаш да покренете дисциплинска постапка, а ние како синдикат на дипломатите апсолутно ќе ве поддржиме во истото.

2. Основно уставно право и дел од вредностите на ЕУ се слободата и правото на јавно изразено мислење. Немојте да манипулирате со одредени спорни формулации од Етичкиот кодекс на МНР, кои оставаат простор за многу широко толкување и се оспорени пред Уставниот суд. Но, кога веќе се повикувате на Етичкиот кодекс, ќе ви укажеме да обрнете внимание на чл. 2. ст.2 според кој „Целта на примена" на кодексот е пред се почитувањето на човековите права, еднаков третман и недискриминација на вработените". Токму тоа, за што МДС најостро реагира до раководството и укажува во сите свои Соопштенија.

3. Крајно е време да престане користење на Етичкиот кодекс за вршење селективен притисок. За потсетување, пред само неколку години, повеќе наши колеги дипломати јавно учествуваа во насилни дејствија, целосно уништувајќи ја фасадата, ширејќи говор на омраза, извикувајќи навреди, поттикнувајќи тензии и прибегнувајќи кон насилничко однесување кон објектот на МНР, за што сѐ уште постојат видео записи. Истите овие лица, не само што не се санкционирани до ден денес, туку напротив, најголемиот број од нив се наградени со високи дипломатски позиции во странство и во куќата, вклучувајќи и амбасадорски и директорски места.

4. За крај, министрите се политички субјекти, а дипломатија е професија и дел од животот. Министрите доаѓаат и си одат, а дипломатите остануваат `рбет на македонската дипломатија. Нема да дозволиме злоупотреба на нашиот углед и ќе одолееме на сите притисоци спротивни на нашиот Устав и уставно загарантираните права за мирен протест и јавно искажана мисла.

Инаку, во соопштението на Министерството за надворешни работи, на кое реагира синдикатот, се осудуваат насилните и несоодветни постапки на, како што е наведено, дел од учесниците во синоќешните протести.

„Почитувајќи го правото на сите граѓани самостојно и слободно да го изразат своето негодување или револт преку протест, сметаме дека нема оправдување за ширење говор на омраза, извикување на навредувачки пароли и поттикнувањето тензии, како и прибегнување кон насилство и насилничко однесување врз објектот на Министерството.
Во истиот контекст, сакаме да посочиме дека е крајно несоодветно учеството на поединци вработени во Министерството за надворешни работи, на истите протести на кои се каменува куќата на дипломатијата, држејќи притоа дневно – политички говор, што преставува и директно прекршување на етичкиот кодекс, но и целосно омаловажување на дипломатската професија. За овие бројни прекршувања, согласно внатрешните процедури, Министерството ќе преземе соодветни мерки за заштита на вработените во куќата и дипломатската професија“.

На протестот пред Собранието на Македонија прексиноќа се обрати Зоран Дабиќ, претседател на Македонскиот дипломатски синдикат изнесувајќи критики за работата на министерот Бујар Османи и од него побара оставка.

На 6 октомври 1946 година почна носењето на моштите на Гоце Делчев од Софија во Скопје, столицата на слободна Македонија.

повеќе

Постои нужна потреба од прилагодување на студиските програми, соодветните силабуси и наставниот курикулум на реалната потреба на пазарот на труд во државата.

повеќе

Во текот на оваа и претходната година, инфлацијата ја задуши македонската економија. 

повеќе