Преговори за нова извршна власт

Многу шпекулации за преговорите меѓу партиите, роковите течат, но договор за нова влада сѐ уште нема

Рокот за доделување на мандатот за состав на новата влада тече веќе трети ден. Политичките партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во изминатите денови потврдија дека работат на создавање мнозинство од 61 пратеник, но конкретна вест кога ќе ја создадат идната влада уште нема.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, вчера изјави дека неговата партија работи на формирање на парламентарно мнозинство, додавајќи дека „ниту ги потврдува, ниту ги демантира информациите од непотврдени и неидентификувани извори“ за тоа дека партијата ги приближила ставовите со ДУИ за формирање влада.

Порталот „Лајм“, повикувајќи се на партиски извори, завчера објави дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се пред договор за формирање влада со премиер Албанец. Според истиот извор, лидерите на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети и Христијан Мицкоски се согласиле дека прв премиер ќе биде Лазар Еленовски, кој ќе се декларира и за Албанец и за Македонец. На овој начин ДУИ ќе има образложение дека го реализирала барањето за премиер Албанец, а и во членството на ВМРО-ДПМНЕ нема да има револт, затоа што за Еленовски ќе биде јасно дека „изјавата дека е Албанец е само за потребите на дневната политика“, наведува „Лајм“.

Во врска со ваквите информации, Арсовски посочи дека и СДСМ вика оти има мнозинство, што, според него, не го потврдуваат другите политички партии.

„Би упатил јавно да ги прашате СДСМ да објават со кои партии имаат формирано парламентарно мнозинство, кои се коалициските партнери на СДСМ, да изнесат детали, бидејќи зборовите кои што можевме вчера да ги видиме од нивна страна во медиумите, односно од нивни извори „СДСМ има мнозинство“ не се доволни за формирање на влада“, туку треба 61 пратеник да се согласат на тоа, нагласи Арсовски.

Вчера прва средба на тема нова влада имале лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ ги повика социјалдемократите да одговорат со кого формирале парламентарното мнозинство и да соопштат детали околу договореното.  

Бујар Османи, вицепремиер и портпарол од ДУИ вели дека за формирање влада ќе разговараат со сите партии. Најпрво, вели разговараме со нашите сегашни коалициски партнери СДСМ, но не ја исклучуваме можноста за разговори и со другите.

„Деновиве има толку многу непроверени информации од сите страни што не можеме да постигнеме да одговориме на сите. Бараме јавноста да почека сите информации да ги добие од партиите кои се учеснички во формирањето на мнозинството, а тие информации ќе бидат навремени и службени. ДУИ прави сериозни напори овие денови што е можно побрзо да се формираат институциите. Граѓаните имаат што побрзо потреба да се формираат владата и институциите за да се справат со сите предизвици. Оптимист сум дека брзо ќе дојдеме до решение“, рече Османи.

Првично, вели тој, разговаравме со нашите сегашни партнери со кои бевме три години во коалиција, но не ја исклучуваме ниту опцијата на разговори со сите политички партии.

„Сметаме дека е здраво да се разговара со сите со цел да се разгледаат ставовите на сите политички партии за да се дојде до едно одржливо решение со цел побрзо формирање на институциите. Претседателот Ахмети го води овој процес и не ги исклучува сите политички партии во разговорите“, рече Османи. Според него, апсолутно не е точна информацијата дека Лазар Еленовски ќе биде премиер.

„Ние си имавме кандидат за премиер на изборите и таквите шпекулации се со намера да наштетат на ДУИ да наштетат на процесот. Во моментот кога ќе има нешто конкретно граѓаните ќе бидат информирани. Мислам дека постои едно оптимално решение кое ќе биде во интерес на граѓаните и во интерес на државата“, изјави Бујар Османи.

Тој средбата меѓу лидерот на партијата Али Ахмети и лидерот на СДСМ Зоран Заев ја оцени како конструктивна.

Од СДСМ и натаму се убедени дека тие ќе бидат носители на новото парламентарно мнозинство и дека водат сериозни преговори за формирање на влада со полн четиригодишен мандат на која еден од главните приоритети ќе ѝ биде борбата со криминалот и корупцијата на сите нивоа.

Време е за коренити промени на економскиот систем во Хрватска.

повеќе

Јавното здравје и економијата одат заедно и во време на пандемија, па затоа најдобриот начин да ѝ се помогне на економијата во оваа криза е ако се воведат адекватни рестрикции за пандемијата да се стави под контрола.

повеќе

Стопанската комора на Македонија со донесувањето на 4-тиот сет на мерки гледа остварување на ветеното дека Владата на РСМ и во услови на здравствено- економска криза ќе стои зад компаниите.

повеќе