Интервју

Митко Панов: Само нека ги прочитаат стенограмите од средбите на Крсте Црвенковски со Тодор Живков и ќе видат како се бранат националните интереси

Крајната цел на заедничките комисии со Грција и Бугарија е преку ревизијата на историјата да се легитимира тврдењето за непостоењето на македонскиот народ и нација, како продукт на фалсификуваната историја конструирана во време на Титова Југославија, вели во интервју за МКД.мк Митко Б. Панов, редовен професор на Институтот за национална историја.

Коментирајќи ги актуелните случувања во државата со преговорите со Бугарија и најавениот нов концепт во основното образование, тој вели дека ништо не е случајно и дека на крај сѐ се сведува на лишувањето на правото на Македонија на историското наследство поврзано со Македонија, што ја вклучува и сопствената територија пред 1944 година, а за најавеното укинување на предметот историја вели дека всушност е мотивирано од моќта на политичките убедувања и категорични блокади и условувања.

Кое е Вашето мислење за најавената реформа во основното образование со интегрирање на некои предмети, а особено на предлогот да се обединат историјата и географијата. Случајно совпаѓање со актуелните прашања околу негирањето од Бугарија или, пак, сепак се работи за некои подлабоки потези во правец на обезличување на македонската нација?

- Можеби најсоодветниот одговор би произлегол од зборовите на Черчил изречени пред Долниот дом на британскиот парламент пред 70 години, дека „само со проучување на минатото, можеме да ја предвидиме иднината… само со почитување на минатото можеме да бидеме достојни за иднината“. Исто како и Черчиловата порака дека „нацијата што го заборава сопственото минато, нема иднина!“ Зборови што се посебно релевантни за актуелните македонски состојби, а кои во крајна линија упатуваат дека нацијата што си го брише минатото, не заслужува да има држава!

Токму на тоа предупредувам, како и моите колеги – историчари низ целата земја, како реакција на најавените образовни реформи. Со промовирањето на новиот концепт за основно образование, предметот историја станува минато. Исто како и учебниците по историја, кои во моментот на официјализирањето на концептот, ќе станат историја сами по себе и артефакт за некогашната историја на македонскиот народ и нација. Тоа впрочем никој не го негира, вклучително и промоторите на концептот, кои со интегративноста/интердисциплинарноста/модуларноста, само го замаскираат чинот на укинување на предметот историја, што е без преседан. Националните курикулуми на балканските земји, како и на развиените земји на кои промоторите самите се повикуваат – Финска, Велика Британија, Словенија и многу други - не само што го изучуваат предметот историја како посебен, туку ja нагласуваат исклучителната важност на неговото изучување од аспект на градењето на идентитетот на учениците и идентитетот на нацијата.

Доколку предметот историја во европскиот образовен систем и во националните курикулуми има за цел да го гради идентитетот на ученикот, а со тоа и неговата свест за нацијата, се поставува прашањето кому и зошто му е потребно укинувањето на историјата како посебен предмет! Промоторите на концептот по критиките во јавноста се обидоа да дадат одговор зошто Финска, која беше посочена како модел, сепак го има предметот историја во наставните програми? Одговорот беше дека Финска имала повеќе часови настава!?

За да биде апсурдот поголем, беше соопштено дека предметот „општествени науки“, кој ќе ги замени предметите историја, географија и многу други, бил назив што всушност ќе претрпи измени за да биде „посоодветен“. Но новоконструираниот и засега погрешно именуван предмет нема да претрпи концептуална промена, од аспект на неговата клучна цел - интегрирање на „традиционалните содржини од историјата, општествената географија, граѓанското образование, религиите, етиката итн...“. Веројатно во брзањето, промоторите не стигнале да додадат уште некоја дисциплина, па оставиле со три точки за да ги додадат во иднина, што само по себе го илустрира минимизирачкиот однос кон историјата. Да не зборуваме дека интегрирањето на сите наведени дисциплини во еден предмет е непозната практика во европските образовни системи, од едноставна причина што тие се неспојливи.

Историјата како предмет сама по себе е интердисциплинарна и оттаму мора да се задржи како посебен предмет во образовниот систем. За овој став има општ консензус меѓу историчарите, независно дали станува збор за наставници во основно, професори во средно или професори на научните и високообразовните институции, академици. Реформи во образованието не се постигнуваат со исклучување на историчарите, географите итн. во суштинското концептуално осмислување, за подоцна да им биде понудено да се вклучат во подготовката на наставните програми, кои ќе се засноваат на веќе однапред дефинираниот концепт.

Тајмингот на подготовката, што кореспондира со последните политички блокади и условувања на Бугарија на евроинтеграциите на Р Македонија, проследени со изјавите на бугарските политичари и членови на историската комисија дека клучната политичка агенда на Софија е промената на учебниците, а со тоа и свеста и идентитетот на учениците во „Република Северна Македонија“, недвосмислено упатува на корелацијата помеѓу брзањето со имплементацијата на концепцијата веќе во учебната 2021/22 година, со политичките условувања однадвор. Впрочем, промената на учебниците по историја се наметнува и од Преспанскиот договор, што повторно води кон реалните сомневања дека укинувањето на предметот историја всушност е мотивирано од моќта на политичките убедувања и категорични блокади и условувања.

Черчил за ваквите состојби би кажал, „недостиг од далекувидост, неподготвеност да се делува кога акцијата би била едноставна и ефективна, недостиг од јасно размислување, конфузија на советниците сѐ додека не настапи вонредна состојба, сѐ додека самоодржувањето не удри во шокирачкиот гонг - тоа се карактеристиките што го сочинуваат бескрајното повторување на историјата“.

Решението е мошне едноставно. Предметот историја да се задржи и да се изучува како посебен во наставната програма, што ќе ги отстрани сомнежите за постоење на политичка заднина. На тој начин, всушност, доследно ќе се следат практиките на европските земји, кои реално учат од историјата, за да не ги повторуваат грешките бескрајно!

Потегот на Чешка и Словачка против заклучокот за „погрешното толкување на историјата“ се чини не е затоа што многу ја сакаат Македонија, дека е тоа многу повеќе мотивирано од последните одлуки на Бугарија за присвојување на делото на Кирил и Методиј. Зошто нема реакции од другите словенски држави по ваквиот потег на Бугарија, зошто нема соодветна реакција од Македонија?

- Блокадата од Чешка и Словачка на заклучоците усогласени по теркот на Бугарија, со кои Р Македонија се обвинува за „погрешно толкување на историјата“ има поширока политичка димензија. За да се разбере суштината, потребно е да се согледа историската генеза во контекст на култот кон светите Константин-Кирил и Методиј.

Традициите за светите Кирил и Методиј, како и за Климент и Наум Охридски се недвосмислено присутни на територијата на Македонија, преку нивните први визуелни претстави, изворни сведоштва што го потврдуваат почитувањето на култот на овие светци. Кон крајот на 17 век, историската улога на св. Кирил и Методиј се реактуализира во Русија, за потоа во 18 и 19 век нивниот култ како сесловенски просветители да стане директен и нераздвоен симбол на пан-словенството. Во Западна Европа, пак, култот се реактуализира во средината на 19 век, што наоѓа рефлексија во циркуларното писмо на папата Пиј IX, во кое Кирил и Методиј се наречени „апостоли на Словените“. Официјалното чествување на св. Кирил и Методиј од страна на католичката црква се воведува во 1880 година, при што се утврдува 5 јули како ден на светителите. Тоа имало силно влијание врз почитувањето на св. Кирил и Методиј меѓу католичките Словени. Чешкиот архиепископ на Оломоуц, Антонин Кирил Стојан, го организирал и првото пилгримство во Велеград, каде што се сметаше дека се наоѓа гробното место на Методиј. Во 1963 година, при одбележувањето на јубилејното празнување на 1.100-годишнината од мисијата на св. Кирил и Методиј во Моравија, папата Павле VI издава хомилија, а тогашна Чехословачка организира изложба во Европа за археологијата на Моравија. Во 1980 папата Јован Павле II ги прогласува св. Кирил и Методиј за патрони на Европа.

Кога ваквата историска генеза ќе се аплицира во современите констелации на ниво на ЕУ, станува јасна и блокадата од Чешка и Словачка. Тоа е директна рефлексија од последните политички редефинирања од страна на бугарскиот парламент во однос на историскиот контекст на празнувањето на 24 мај како ден на св. Кирил и Методиј. Имено, целта на Софија со ваквиот политички акт, кој нема никаква научна основа, беше Бугарија да се портретира како единствено заслужна за создавањето на словенската азбука – кирилицата и за описменувањето на половина Европа и Русија.

Ваквите политички интервенции, очекувано, наидоа на реакција од Прага и Братислава, кои со блокадата испратија јасна порака, и тоа на ниво на ЕУ, дека нема да дозволат политичкиот ревизионизам на Бугарија да биде третиран за „историска вистина“, а притоа друга нација да се обвинува за „погрешното толкување на историјата“. Со тоа Прага и Братислава директно ја посочија Софија дека таа всушност погрешно ја толкува и ја фалсификува историјата, не дозволувајќи притоа ЕУ да се претвори во обвинител и судија што ќе пресудува за „правилната“ историска вистина на која било нација. Впрочем, Чешка и Словачка демонстрираа пример, кој треба само да го следат словенските народи во солидаризирањето, вклучително и Р Македонија. Во таа смисла, предложив македонската дипломатија да иницира заедничка прослава на св. Кирил и Методиј, со Чешка и Словачка, како и со другите словенски земји што ги споделуваат традициите на светителите и ги сметаат за патрони на Европа. Бугарија со последните ревизии не остави апсолутно никаков простор за каква било заедничка прослава на сесловенските просветители со Р Македонија!

Како дојде до тоа Софија да го присвојува делото на Кирил и Методиј, кога се знае дека средновековна Бугарија нема ама баш никаква врска со светите браќа?

- Точно е дека Бугарија нема никаква релација со Кирил и Методиј, чијашто иницијална дејност во создавањето на азбуката и нејзиното ширење во Европа се поврзува со Македонија, а потоа и со Моравија и Панонија. Во тоа време, Бугарија нема никакви релации ниту со Кирил и Методиј, ниту со Македонија, особено што бугарските владетели биле пагани до 864 година, кога биле покрстени од Византија.

Притоа, треба да се нагласи фактот дека современите византиски извори не споменуваат ништо околу мисиите на светите браќа, поради што словенските житија се главниот извор преку кој се реконструира нивната дејност. Житијата, пак, составени од Климент и учениците на светите Кирил и Методиј, без исклучок ги користат термините „словенски“ или „наш“ народ и јазик. Многу подоцна охридските архиепископи Теофилакт (кон кр. на XI-поч. на XII век) и Димитрија Хоматијан (поч. на XIII век) составуваат житија за св. Климент Охридски и преку Климент посредно ги споменуваат Кирил и Методиј и значењето на нивната дејност. Треба да се има предвид дека наративот на овие охридски архиепископи бил подреден на византиската идеолошка програма, како и на административно-црковната терминологија што била конструирана од Василиј II по ликвидирањето на Самуиловата држава во 1018 г.

Тоа што тие недвосмислено го констатирале е дека Климент го придружувал Методиј уште од најрана возраст во Македонија, во Моравија и Панонија, и дека тој, како и Наум, подоцна истапил како непосреден и доследен продолжувач на традициите на светите Кирил и Методиј. Идеолошката концепција и терминолошка конструкција на Византија подоцна ја копирале владетелите на Второто бугарско царство, кои во функција на легитимирање на претензиите кон територијата на Охридската архиепископија, настојуваат да ги присвојат култовите поврзани со Македонија, меѓу кои св. Кирил и Методиј, св. Димитрија, со тенденција да ги „бугаризираат“.

По османлиските освојувања, Кирил и Методиј се подлежни на заборавот во Османлиска Бугарија, но нивните култови, вклучително и на св. Климент и Наум Охридски, несомнено продолжуваат да се почитуваат во Македонија. Реактуализирањето на Кирил и Методиј кај православните земји, настапува во 19 век во услови на судир помеѓу Грција и Бугарија за територијата и историското наследство на Македонија, во кој директно се инволвира Русија како предводник на пан-словенството и креатор на проектот за Голема Бугарија. Оттаму произлегува и национализирањето и „бугаризацијата“ на дотогаш заборавените во Османлиска Бугарија - св. Кирил и Методиј, св. Климент и Наум Охридски, па и цар Самуил - што било подредено од политичките мотиви за обезбедување историско оправдување на територијалните претензии кон Македонија. Нешто на што сме сведоци и денес!

Во современите констелации, судирот помеѓу Бугарија и Русија во контекст на традициите на св. Кирил и Методиј, во последно време беше повеќе од евидентен. Тој беше отворено демонстриран со бугарските реакции на изјавата на рускиот претседател Владимир Путин, кој на средбата со тогашниот македонски претседател, Ѓорѓе Иванов, посочи дека словенската азбука дошла во Русија од „македонските земји“. Судирот кулминираше годинава, со изложбата организирана од Русија по повод празнувањето на 24 мај во Софија, со што Москва ја демонстрираше својата директна врска со словенската азбука. Поради тоа, Бугарија побрза политички да го редефинира историскиот контекст за да демонстрира дека таа била исклучиво заслужна за создавањето на словенската азбука и писменост и за нивното ширење во Европа и Русија.

Разбирливи се „комплексите“ од Русија, што го констатираат и самите бугарски политичари, а кои датираат од 19 век и имаат врска со директното руско инволвирање во подарувањето на државноста на Бугарија, како и во конструирањето на бугарскиот национален наратив. Но во обид да ѝ парира на Русија, а воедно да ја обезбеди својата верзија на историското толкување, а која би ја наметнала при договорената и историски дефинирана (преку комисијата) заедничка прослава со Р Македонија, Бугарија ги заборави Чешка и Словачка! Бугарските политичари не согледаа дека со последните политички ревизии на историскиот контекст, тие всушност самите ја дистанцираа Бугарија од св. Кирил и Методиј, што ги вклучува и нивните традиции, а кои доследно ги продолжил св. Климент во рамките на Охридската книжевна школа. Независно од намерата политички да ги „бугаризираат“.

Историјата отсекогаш била еден вид алатка во рацете на политичарите. Ова што се случува со македонско-бугарскиот спор се чини дека е досега највалканиот политички третман на историјата. Дали соодветно реагираме на оваа политичка игра од Софија? Пред само неколку дена вицепремиерот на Бугарија рече дека е јасно дека нема македонски идентитет пред 1944 година.

- Бугарските политичари можат и да се разберат, бидејќи реализираат свои политички агенди и долгорочни стратегиски цели. Впрочем, ништо не е променето од 19 век, или од 60-те години од 20 век, кога Тодор Живков ја промовира политиката на демакедонизација на Пиринска Македонија, а веднаш потоа преминува и кон демакедонизација на СР Македонија. Оттаму, јас не можам да ја разберам крајната инфериорност на македонскитe политичари. Доволно е само да ги прочитаат стенограмите од средбите на Крсте Црвенковски со Тодор Живков за да согледаат како се бранат националните интереси.

Да не зборувам и за инфериорноста на македонскиот дел од мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Исто како што не можам да најдам оправдување за бугарските колеги, вклучително и од Бугарската академија на науки, кои се ставаат во улога на легитимирачи на политиките на актуелната власт. Ја имам предвид посебно публикацијата на БАН за „Официјалниот јазик на Република Северна Македонија,“ промовирана на 7 мај годинава, која пред некој ден беше објавена и на англиски јазик. Со оваа публикација крајно ненаучно се претендира да се конструира претстава за „бугарскиот“ карактер не само на Словените во Македонија (и тоа уште од 7 век), туку и на современите Македонци.

Во публикацијата се конструираат податоци дека на денешната територија на историско-географската област Македонија, живее 4,9 милионско население, од кои над 40% се со бугарско потекло, додека останатите се Грци, Албанци, Власи и аромуни, Турци, Роми, Евреи, како и незначителен број Срби. Ги нема Македонците, кои се третираат како Бугари, исто како и македонскиот јазик, кој е третиран како непостоечки. Вакво етничко мапирање е крајно несвојствено за современата наука, забележано само во времињата на насилно асимилирање и негирање. Инволвирањето на историчарите во креирањето на ваквите памфлети само ја демаскира нивната употребна вредност и мисија за легитимирање на политичките агенди преку наметнувањето на историските конструкти од 19 век.

Како тоа може некој да мисли дека ќе биде арбитар и да кажува кој има правилна, а кој погрешна историја?

- Блокадата на Чешка и Словачка покажаа дека тоа е невозможно и дека ЕУ не смее да се доведува во ситуација да стане политички арбитар што ќе пресудува што е „погрешна“, а што „правилна“, или, уште помалку, во 21 век да ја презема улогата на догматизирање на историјата. Тоа треба да биде поука не само за Бугарија, туку и за сите земји членки на ЕУ, како и за македонската политичка елита, која треба да заземе многу покатегоричен став на политичко и дипломатско ниво во заштитата на националните интереси.

Се согласувате ли со тезата дека со Преспанскиот договор потпишавме дека македонскиот идентитет нема никаква врска со антиката, а сега со Договорот за пријателство и добрососедство на добар пат сме да се откажеме и од идентитетот пред 1944 година. Дека едноставно само одиме во амбисот на себебришење како нација?

- Мислам дека Преспанскиот договор не се однесува само на антиката, туку задира во многу посериозни и пошироки историско-идентитетски прашања, што во крајна линија има цел историски да ја делегитимира посебноста на македонската нација. Имено, Грција со договорот обезбеди монопол на историската „сопственост“ на терминот Македонија/Македонци, што, пак само треба да го легитимира заедничката грчко-македонска комисија за историски, образовни и археолошки прашања. Обелоденувањето на тајниот документ од членот на грчкиот дел од комисијата, Спиридон Сфетас, минатата година, со кој се открија дотогаш постигнатите договори во рамките на комисијата, покажа дека Грција обезбедила историски монопол на термините Македонија/Македонци, а кои историски ги интерпретира исклучиво како хеленска „сопственост“ и грчко историско наследство. И тоа не само во однос на антиката. Според договореното во грчко-македонската комисија (што не беше негирано од македонска страна), Р Македонија всушност се лишува од правото историски да го користи терминот Македонија/Македонци за поврзување со историските традиции и културното наследство не само за антиката, туку и за средновековието, 19 век, па и за другите периоди.

Имено, дознавме дека меѓу другото, комисијата ја договорила интерпретацијата дека Словените не го зеле името Македонци од античките Македонци, дека терминот Македонци и придавката македонски не можат да се аплицираат на Словените во средновековието, додека Грците го задржуваат терминот Македонци од аспект на историските традиции поврзани со хеленското културно наследство и „сопственост“ од Александар и античка Македонија. Со други зборови, комисијата утврдила дека во историска смисла не постоела никаква идентификациска поврзаност помеѓу Словените и имињата Македонија и Македонци во историјата. На тој начин, македонските колеги во комисијата всушност признале дека ваквата историска врска била измислена и конструирана од Тито. Оттаму, и самиот термин „Егејска Македонија“ бил избришан од комисијата.

Работата на комисиите се сведува на лишувањето на правото на Р Македонија на историското наследство поврзано со Македонија, што ја вклучува и сопствената територија пред 1944 г. Предмет на преговори всушност станува дефинирањето на историските традиции и наследство на „Република Северна Македонија“ третирана како нова нација. Од ваквите договори би произлегла обврската за маркирањето на сите споменици на плоштадот во Скопје, Охрид и низ цела Р Македонија, како хеленска, или како бугарска историска „сопственост“. Ревизијата на учебниците по историја ќе треба само да ги следи ваквите политички дефинирани патокази за историјата. Ако воопшто постојат од учебната 2021 година, бидејќи со официјализирањето на концептот за основно образование, учебниците по историја де-факто ќе бидат веќе минато.

Не случајно, поранешниот грчки премиер, Алексис Ципрас, во пораката непосредно пред парламентарните избори во Р Македонија, го употреби цитатот од поемата на Блаже Конески „уште рика истата мака во мене, дека сум роден во смачкано племе, сејач на глуво семе“, како и на Владимир Мартиновски, со кој всушност симболично ги повика македонските граѓани да го посеат новото „семе“, од кое ќе изникне „новата генерација на Северна Македонија,“ која „самоуверено“ ќе се бори за новата историја на „северномакедонската“ нација. Toa e целта и на Бугарија, која настојува веќе постигнатите договори во македонско-бугарската комисија за историското дефинирање на чествувањата на св. Кирил и Методиј, св. Климент и Наум Охридски, цар Самуил како дел од „заедничката историја“, неодложно да ги рефлектира во учебниците, за да може македонските ученици да станат свесни дека досега биле учени на „погрешна“ историја. Крајната цел е преку ревизијата на историјата да се легитимира тврдењето за непостоењето на македонскиот народ и нација, како продукт на фалсификуваната историја конструирана во време на Титова Југославија.

Во една моја колумна, како одговор на пораката на Ципрас, порачав дека секој македонски граѓанин мора да го направи внатрешниот дијалог со самиот себе, како што тоа го направил своевремено Конески во истоимената поема:

„Ти сакаш да ме увериш

дека сум јаден и лит

и дека ништо во мојот живот

не носи знак на величие.

Но јас сум тој што се слуша,

од мене зависи сѐ!

Ти сакаш да ме понижиш сосем,

да ми предочиш јасно

дека се лажам самиот

и дека секој мој подем

бил измислен.

Сети се – ми велиш –

како се витка црвец во кал.

Но сепак сѐ зависи од мене!

Јас сум, види, чувар на својата гордост,

и не очекувај да се помирам

со бесмислената ништожност“

Пример за тоа себебришење се и двете комисии формирани со двата договори. Дали би прифатиле Вие членство во некоја ваква комисија и да седите со Вашите колеги од Грција или од Бугарија, а тие да Ви велат дека не може да зборувате за македонска историја, за македонска култура, за Македонци во Грција, за Македонци во Бугарија...

- Комисиите со Грција и Бугарија директно произлегуваат од политичките договори и се формирани од министерствата за надворешни работи. Досегашната работа само потврди дека тие се претворени во политички инструмент на задоволување на барањата на Атина и Софија. Доволно беше да се следи прес-конференцијата на копретседателите на македонско-бугарската комисија по последната средба, за да се увиди дека комисијата повеќе нема ништо заедничко со научната димензија на историјата. Македонските колеги во комисијата самите признаа дека предмет на оспорување станува не само придавката македонски, туку и историското дефинирање на термините Македонија/Македонци од средновековието до 1944 г.

Друго е прашањето дека македонско-бугарската комисија нема мандат согласно со Договорот за пријателство, да селектира и историски да дефинира и карактеризира личности што би биле чествувани како дел од „заедничката историја“ – а што беше применето за личностите од средновековието. Немаат ниту мандат да ревидираат учебници по историја, бидејќи такво нешто не предвидува самиот Договор. Не може група од шест историчари, политиколози, етнолози, да преговараат во името на македонската историска наука и да пресудуваат што е „заедничка историја“ со Бугарија и што ќе се изучува како национална историја. Исто како што немаат мандат ниту неколкуте експерти психолози и педагози да промовираат образовен концепт со кој се укинува предметот историја и учебниците по историја, без претходна консултација и согласност со македонската научна и професорска фела историчари!

Историското лишување од националните митови и херои и нивно сведување на „заеднички“ или „споделени“, автоматски води кон идентитетско обезличување на македонскиот народ и нација. Грција и Бугарија претендираат преку комисиите историски да го легитимираат своето тврдење дека Македонците се непостоечка историска категорија, вештачки идеолошки продукт на Југославија. Јас би прифатил да учествувам во комисии, но доколку тие имаат јасно дефиниран мандат, заснован на меѓусебно респектирање помеѓу државите и нациите. Мандат што не би се свел на ревизија на националната историја под политички диктат, и тоа само на македонската - нешто што е суверено право на секоја нација. Треба да се следи позитивниот пример со комисиите од типот на германско-полската или француско-германската, кои сѐ уште дебатираат и не се осудуваат да пресудуваат што треба да се ревидира или отстрани од националната историја на една од страните. Комисии чиј што мандат ќе биде заснован на европските принципи и вредности, кои реално научно ќе дебатираат, а нема да создаваат привид на дебатирање под политички диктат.

Има ли во историјата пример на вакво откажување од историјата и од националното достоинство, вакво понижување во име на членството во ЕУ?

- Нема! Никој нема право да се откажува од историјата на сопствената нација. Треба само достоинствено и суверено да се истапи пред соседите и пред земјите членки на ЕУ и да се демонстрира дека гордите нации немаат намера да дозволат да бидат однапред осудувани, само затоа што некој тврди дека нивната национална историја била „погрешна“. Или да ги укинуваат учебниците по историја, само затоа што некој сосед ја злоупотребува позицијата на земја членка на ЕУ. Тоа е генерациски аманет на македонскиот народ, на сите Македонци што ја создавале и ја граделе државата! Крсте Петков Мисирков во краткиот историски преглед содржан во „За македонцките работи“ јасно и недвосмислено констатирал „ние Македонците си имаме своја историја и сме народ чии судбини се развивале во врска со судбините на другите соседни нам народи, но има во нашата историја многу самобитно и своеобразно, како што е, да речеме, самостојната Охридска архиепископија со нејзиното работење на полето на народното просветување. Исто така, овој историски поглед покажува дека речиси во сите времиња се забележува силно работење на народниот дух врз културно-историска основа, резултат на која се јавува образувањето на силна македонска држава од царот Самуил и богата народна литература“!

Дали треба да се откажеме од Мисирков, кој во почетокот на 20 век јасно упатил на неотуѓивото право на секој народ и на сопствен национален наратив, на културните и историски традиции негувани на македонските простори, а кои неспорно ги вклучуваат и светите Кирил и Методиј, светите Климент и Наум Охридски, цар Самуил, Гоце...?! Секако не!

Александар Дамовски

Објавено

Сабота, Декември 26, 2020 - 08:37

 Еврообврзница во услови на најголемата светска економска криза за репрограмирање на долгот и буџетска поддршка.

повеќе

Повикот на Заев за „Влада за национален спас“ само три дена откако неговиот кабинет ја доби собраниската доверба, покажува дека таа тешко би се качила над сегашните 62 пратеници.

повеќе

Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против ковид-19 на загрозените држави. 

повеќе