Сè зависи од големите играчи

Миша Глени: Ако му речам на Макрон примете ја Македонија во ЕУ, ќе ме избрка од кабинетот

Миша Глени е политички аналитичар од Британија, одличен познавач на работите на Балканот, кој редовно е консултиран од владите на Балканот и на Источна Европа, особено за транснационалниот организиран криминал и сајбер-безбедноста. Во разговор за МКД.мк вели дека е песимист за проширувањето на ЕУ со Западен Балкан, иако договорот меѓу Македонија и Грција го смета за многу позитивен чекор.

Со оглед на она што се случува во ЕУ последните денови, а богами и години, што мислите дали Западен Балкан воопшто ќе стане дел од Унијата?

Јас секогаш сум велел дека е прилично лесно да се „апсорбира” Западен Балкан во ЕУ, бидејќи и не се работи за многу луѓе. Но политички гледано, во Западна Европа тоа стана невозможно.

Јас самиот живеам во земја што е предмет на огромен колективен потрес во моментов, кој сè уште не станал насилен, а доколку се случи тоа, би било распаѓање на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

Од друга страна, гледате подем на популистичката десница во Франција, Италија, Германија, па дури и во Шведска, Финска, Холандија, па и Италија. Шансите Западeн Балкан да биде вклучен во ЕУ во некое скоро време се прилично слаби. Не треба да се заборави дека сме на залезот на канцеларските денови на Ангела Меркел, а Меркел беше силен поддржувач на интеграцијата на Западен Балкан. Кога таа ќе замине, без оглед дали ќе дојде ЦДУ или коалиција, засега е непознаница дали ќе има симпатии кон Западен Балкан. Без Меркел на сцената, Емануел Макрон е прилично непријателски, негативно расположен кон проширување, па мислам дека без Меркел тоа ќе оди уште подолу на агендата.

Иако гледаме некои позитивни чекори.

За мене, на пример, договорот меѓу Македонија (требаше да речам Северна Македонија) и Грција е исклучително позитивна и навистина добра работа, но од друга страна има многу тензии во Босна, меѓу Србија и Босна, меѓу Србија и Косово… Сепак се надевам.

Кога зборувате за Македонија и Грција и договорот како позитивен чекор, колку тој ја приближува Македонија кон ЕУ бидејќи Македонија се надева на тоа?

За жал, времето на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ генерално ги влошија работите за Скопје и Македонија бидејќи по „малата војна“ во Македонија во 2001 ЕУ ја награди со кандидатски статус. Тоа беше исклучителна можност земјата да отскокне пред сите други, дури и пред Хрватска и да добие членство. Но Груевски, поради неговата лична опсесија и љубовта кон Путиновиот модел и слично, и разните скандали во кои беше вклучен, навистина ја оддалечи Македонија од ЕУ. Сега, како и другите земји на Западен Балкан, таа е на крајот на колоната.

Вие не сте оптимист за интеграција во ЕУ, но владата во Скопје вели „ние ги исполнивме нашите ветувања, сега чекаме ЕУ да ги исполни своите“.

Не сум оптимист, точно, во овој момент.

Знаете, тоа со ветувањата го велеа и други луѓе во минатото. Европа ги одржуваше своите ветувања. Проблемот околу европската политика, како што се покажува сега, е дека зависи од големите играчи во самата Европа. А тие минуваат низ политичка криза, Франција, Германија, а господ знае што ќе биде со Обединетото Кралство.

Ќе кажам нешто важно, Обединетото Кралство беше многу позитивно кон проширувањето на ЕУ со Западен Балкан, но повеќе никој не слуша што сака и што има да каже владата во мојата земја. Не е веќе играч. Затоа сум толку негативно настроен кон брегзитот, бидејќи немаме влијание. Сега работите околу Македонија зависат од Германците и Французите, како и од Холанѓаните.

Но неисполнувањето на ветувањата од страна на ЕУ ќе биде основа за пораст на национализмот, нешто што не ѝ одговара ни на самата Европа.

Да, знам. И целосно го разбирам тоа. Многу едноставно ќе ви го објаснам.

Проблемот е што ако сега, на пример, го посетам претседателот Макрон во Париз и му речам „Претседателе Макрон, ако сакате да решите проблем и да го тргнете од листата, дозволете ѝ на Македонија да се приклучи кон ЕУ“, тој би ми рекол „Надвор од мојот кабинет, се занимавам со Марин ле Пен“.

И можете да го разберете тоа од негова перспектива.

Што е вредноста од внесувањето на Северна Македонија во ЕУ? За него нема вредност. Дури ни ако имате проблем или социјални тензии во земјата.

Жана П. Божиновска

од Бон

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе