„Дали гледате дека некоја бугарска телевизија и медиум треба да дојде за да сфатиме сите што Зоран Заев преговара зошто македонските медиуми не може да дознаат. Гледаме дека целата влада е скриена , скриени се и не коментираат за овие прашања зошто е оставено се на Зоран Заев да распродава“, рече Мисајловски во своето обраќање.
Иван Јорданов, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање на протестот пред МНР побара оставка од Зоран Заев и масовно блокирање на улиците и институциите низ земјава.
„Порачуваме оставка за оваа ненародна власт, оставка за оваа патлиџан надворешна политика, оставка за сите предавства коишто се правеа и коишто се на ум да ги направат“, нагласи Јорданов.
Протестот продолжи пред Владата, од каде пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија" Гордана Силјановска Давкова порача дека граѓаните денес излегле на протест бидејќи на земјава, како што рече, и се заканува смртоносен вирус.
„Граѓаните денес излегоа на протест бидејќи сега во моментов се заканува смртоносен вирус на Република Македонија. Вирус кој се заканува дека ќе го загрози идентитетот, јазикот и историјата на Република Македонија. Тој вирус се нарекува Зоран Заев“, рече Силјановска Давкова, додавајќи дека е срамота тоа што го говори владата и Заев.