Пред изборите во Босна и Херцеговина

Мирсад Хаџикадиќ: Русија преку Белград и Бања Лука настојува да го дестабилизира регионот

На Босна и Херцеговина ѝ е потребна димензијата на лидерство и државничка визија и тоа настојувам да им го понудам на граѓаните, вели во разговор за МКД.мк, Мирсад Хаџикадиќ, кандидат за член на Претседателството на БиХ на изборите закажани за 2 октомври. Хаџикадиќ е претседател на Платформата за прогрес и кандидат на коалицијата Држава кој се залага за граѓански концепт како единствено можен и одржлив.

Што е она што ѝ недостасува на Босна и Херцеговина, бидејќи се чини дека државата е во континуирана, вклучително и политичка криза?

Босна и Херцеговина како свој политички заложник ја држат три етно-политички групи. Станува збор за политички криминалци кои не избираат средства за да се одржат на власт. Притоа жртвувајќи ја и државата и народот. Дефинитивно се работи за структури на кои затворот им е алтернатива за учество во власта и кои поради тоа настапуваат макевијалистички.

На Босна и Херцеговина ѝ недостига фер и чесен изборен процес во кој народот ќе има можност да го искаже она што навистина го чувствува и сака, а тоа е промена.

Неодамна изјавивте малкумина се политичарите во Босна и Херцеговина кои се грижат за државата и за граѓаните. Како тогаш да се гради држава?

Одделни структури, пред сѐ оние од Бања Лука и од Мостар увидоа дека политички не се исплати да се сака Босна и Херцеговина. А и сараевските структури ја сакаат декларативно, а во суштина повеќе го сакаат сопствениот џеб и интереси. Босна и Херцеговина ја сакаат Босанците и Херцеговците. Сметам дека нѐ има доволно за да направиме пресврт на овој натпревар во корист на државата. На изборите ќе имаме прилика за тоа.

Што мислите има ли Босна и Херцеговина политички лидери, а не само политичари?

Колку лидерство и визија има во босанско-херцеговската политика најдобро покажува вкупната состојба во државата. Станува збор за истрошени политики кои се занимаваат сами со себе, на чело со политиканти чија единствена мисија е опстанок на власт. На Босна и Херцеговина ѝ е потребна димензијата на лидерство и државничка визија. Тоа е она што со својата кандидатура настојувам да им го понудам на граѓаните на претстојните избори.

Вие сте претседател на Платформата за прогрес и кандидат на коалицијата Држава за член на Претседателството на Босна и Херцеговина. Како Вие гледате на иднината на Босна и Херцеговина, етничка, мултиетничка, граѓанска... држава?

Босна и Херцеговина заслужува нов устав по примерот на западните, развиени демократии во кои секој глас подеднакво вреди и каде што сите можат да избираат и да бидат избирани. Тоа е модерен, граѓански концепт кој што е единствено можен и одржлив. Кога ќе ги заштитиме индивидуалните граѓански права, тогаш во рамките на таквиот концепт има гаранција за остварување на колективните уважувања и остварување на сите други права.

Што би направиле Вие за да ја направите Босна и Херцеговина поубаво место за живеење со подобар стандард?

Босна и Херцеговина веќе е најубавото место за живот. Потребно е политиката тежиштето да го префрли на економските процеси, и подигање на социјалните, образовните и здравствените стандарди. Имаме потенцијал и ги имаме сите претпоставки. До нас е. Точно знам и чувствувам што ѝ треба на Босна и Херцеговина. Верувам дека ќе имам прилика тоа и да го правам на задоволство на сите оние кои ја сакаат оваа држава.

Мислите ли дека приближувањето кон Европската Унија е решение или можеби нешто друго?

Европската Унија не е совршена. Напротив. Низ корона кризата, а сега и низ украинската криза, на површина испливаа бројни недостатоци. Меѓутоа, Европската Унија нема алтернатива. Нашата иднина е во интеграција со западот. Тоа е нашето друштво и ние тука припаѓаме и географски и цивилизациски.

Како гледате на односите со Хрватска и со Србија? Се мешаат ли двете држави во Босна и Херцеговина?

- Колку што е нашата позиција послаба и поранлива однатре, политиките на соседите се поагресивни и поопасни. Сепак, решението е во наши раце. Ние мораме да бидеме силни и да го заштитиме својот интегритет и суверенитет. Да ја сакаме својата земја и да ја штитиме државата. Тогаш ни тие нема да имаат избор освен да нѐ уважуваат и почитуваат како такви.

Какво е влијанието на големите сили во регионот, дали тие ја подгреваат кризата или работат на решавање на кризата, бидејќи се чини дека целиот регион е во криза?

- Меѓународната заедница е длабоко поделена меѓу себе, а таа биполарност се вжари до крај со украинското сценарио. Влијанијата на големите сили се различни исто како и интересите. Факт е дека Русија преку Белград и Бања Лука настојува да го дестабилизира регионот. Тоа е дополнителна причина зошто БиХ има потреба од интеграција во друштвото на Европа и НАТО кои ќе ни овозможат трајна стабилност и мир, што на Босна и Херцеговина ѝ е повеќе од потребно.

Мирсад Хаџикадиќ е основач и поранешен претседател на Советодавниот совет за БиХ во Вашингтон и на Босанскохерцеговско-американската академија на науки и уметности. Во моментов ја извршува функцијата извршен директор за аналитички програми од областа Аналитика на сите колеџи на Универзитетот Северна Каролина во Шарлот. Добитник е наградата за животно дело на здружението на информатички технологии на ниво на сојузната држава Северна Каролина и градот Шарлот.

Ж.П.Б.

 

 

Објавено

Сабота, Август 13, 2022 - 10:14

Постои нужна потреба од прилагодување на студиските програми, соодветните силабуси и наставниот курикулум на реалната потреба на пазарот на труд во државата.

повеќе

Во текот на оваа и претходната година, инфлацијата ја задуши македонската економија. 

повеќе

Одлучната изборна победа на италијанската десница овозможува нејзиниот лидер да биде првата жена премиер во Италија и прва која тврди дека недвосмислено има постфашистичко потекло.

повеќе