Министерство за правда: Имаме европски закони, сега на потег се судиите и обвинителите

Во изминатиот период Министерството за правда интензивно работеше на отстранување на сите законски и системски пречки на патот на правдата преку усогласување на законите со европската регулатива. Денеска, можеме со сигурност да кажеме дека имаме закони со европски стандарди со чија доследна имплементација, правосудството може да си го врати угледот и довербата во јавноста, се вели во соопштението од Министерството за правда.

Остварувањето на заложбите за правда, велат оттаму, почнуваат со создавање на законска рамка, но за нивен успех неопходна е имплементација на тие закони и интегритет на оние кои ги имплементираат, а тоа се судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, како и сите вработени во правосудството.

Во градењето на законската рамка, Министерството за правда тргна од Стратегијата за реформи на правосудството донесена во 2017 година. Досега, донесени се десетина закони кои создаваат солидна правна основа, меѓу кои најзначајни се Законот за јавното обвинителство, Законот за Судскиот совет и Законот за управување со движењето на предметите во судовите, како и измените и дополнувањата на Законот за Советот на јавните обвинители и Законот за судови.

„Создадовме можност за независна, ефикасна, транспарентна и професионална работа на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, како и ефикасни постапки за одговорност на судии и јавни обвинители за нестручно и несовесно вршење на работата. Ги заостривме критериумите за избор на судии и јавни обвинители. Обезбедивме основи за квалитетот и ефикасноста на судиите да се мерат објективно, според бројот на решени предмети, бројот на обжалени пресуди, бројот на потврдени пресуди, причините за укинување на пресудите и времетраењето на судските постапки. Предвидовме и постапка за одговорност на член на Судскиот совет“, се потенцира во соопштението.

Со новодонесениот Закон за јавното обвинителство, сметаат од Министерството за правда,  се овозможува продолжување на сите започнати постапки, воведување гаранции за независноста на јавното обвинителство и зголемена ефикасност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

„Создадовме гаранција за спречување на манипулацијата со АКМИС системот кој во минатото се злоупотребуваше за избор на подобни судии кои ќе работат на конкретни предмети. Со новиот Закон за управување со движењето на предметите во судовите и Законот за судовите предвидовме основ за разрешување на судии и претседател на суд ако предметите не се доделуваат по случаен избор преку АКМИС. Создадовме правен основ и за сличен систем за распределба на предмети по случаен избор и во рамки на Јавното обвинителство. Тргнувајќи од сето ова, очекуваме сите институции во рамки на правосудството да ја имаат предвид својата улога во градењето на систем на владеење на правото, почитување на човековите права и напредувањето на патот на евроинтеграцијата. Судиите и обвинителите, членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се сега на потег“, се вели во соопштението од Министерството за правда.

Оттаму информираат дека ги поддржуваат граѓаните во нивните барања за враќање на довербата во правосудството, но заради почитување на принципите на немешање во судската власт, министерката за правда нема да учествува на денешниот марш за правдата.

 

Благодарејќи на коронавирусот, граѓаните го видоа вистинското лице на  оваа натприродна организација, наречена државна администрација. Алчна, себична, несолидарна, нечувствителна.

повеќе

Солидарноста е единствениот начин за надминување на оваа криза.

повеќе

Ама бидејќи капиталисти со ситни души ја владеат земјава јас и ти ќе плаќаме, коментираат бизнисмените.

повеќе