Реакција

Милчин во одбрана на Охрид, „УНЕСКО зборува-канта тропа“

Професорот Владимир Милчин деновиве е активен на социјалните мрежи во одбрана на Охридското Езеро и самоволието на локалните власти во однос на заштитата на природното и културното наследство на Охрид.

„Како не ти е срам“ му порача Милчин на министерот Едмонд Адеми поради дивоградбите во Охрид. Тој во интервју за „Радио слободна Европа“ вели дека се појавила хистеријата во јавноста околу тоа дека Охрид може да стане дел од таа листа на загрозено културно и природно богатство на УНЕСКО.

„Ние сме хистеризирале? Не министерот ги извртува фактите! Се обидува да го одбрани неодбранливото. Пицеријата кај Чинарот се скали? Хотелот во Лагадин е гаража? Како не ти е срам?“, напиша Милчин на Фејсбук.

Адеми беше член на македонската делегација која учествуваше на 43. сесија на УНЕСКО што се одржа во Баку на која Охрид доби рок до февруари 2020 година да ги спроведе препораките на УНЕСКО за заштита на Охридскиот регион.

На тоа му одговори министерот Адеми, исто така преку статус објавен на социјалната мрежа. „Жалам што професорот Милчин ја испревртува мојата изјава. Јас никаде не го негирам постоењето на хотелска градба во Лагадин, или пицеријата кај Чинарот, ниту пак нив ги третирам како скали или гаражи. Напротив велам дека постојат хотелски објекти, куќи и ресторани кои се дивоградби, но постојат и такви дивоградби како гаражи, скали, огради, тераси…итн. Заштита на Охрид и охридскиот регион е комплексен процес. Дивоградбите се само еден сегмент од тој процес”, вели Адеми.

По повод отворањето на пицеријата пред неколку дена кај Чинарот во Охрид, дивоградба, а е во сопственост на Нефи Усеини, советник на ДУИ во општината и присуството на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на отворањето, Милчин напиша:

„УНЕСКО зборува – канта тропа. Наместо да се уриваат дивоградби, им се сечат црвени ленти. Дивоградбата на советникот од ДУИ во општина Охрид Нефи Усеини кај Чинарот од сношти е новоотворена пицерија „Луна“ со решение за уривање“, напиша поранешниот прв човек на фондацијата „Отворено општество“ Владимир Милчин кој смета дека со ова на граѓаните им е испратена дрска порака: „Ми се може, бре“.

„Оваа фотографија е прст во окото на сите кои се бореа и се борат за право и правда. Наакана и дрска порака: МИ СЕ МОЖЕ, БРЕ! Носете се вие заедно со УНЕСКО! Партискиот пазар гази без оглед на здравиот разум и триумфира во срцето на Охрид, карши Чинарот. Ако може да се лаже УНЕСКО, може и да се газат критичките гласови и здравиот разум“, коментира Милчин.

Милчин на својот фејсбук-профил објави реакција и за предлог законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион кој денеска е на дневен ред на собраниската Комисија за култура.

„Предлог-законот ќе овозможи натамошни узурпации и дивоградби. Локалните мафиози ќе го злоупотребат Бадентеровото мнозинство за блокада на работата на Советот. Овој Предлог закон не смее да помине таков каков што е!“, порачува Милчин.

 

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе

Ајде од понеделник да се посветиме сериозно на „носење на Европа" во нашата држава.

повеќе

Улогите на „добар и лош полицаец“ ќе ги играат кон нас уште долго, доколку не сфатиме дека со итроманска политика не се може подалеку од Табановце до Богородица.

повеќе