Прес-конференција во Загреб на претседателите на Македонија и Хрватска

Милановиќ: ЕУ безобразно ја држи Македонија пред своите врати

„Македонија и Албанија на безобразен начин се држат пред вратите на Европската Унија, додека земјите членки се занимаваат со своите внатрешни прашања, но ЕУ треба да одлучи дали ѝ требаат двете држави. Тоа и во Албанија го реков, ЕУ треба да каже дали во нејзините рамки ѝ треба држава со мнозинско муслиманско население, а Албанија и Македонија се поврзани теми“, изјави претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ на заедничката прес-конференција со неговиот гостин, македонскиот претседател Стево Пендаровски кој е во официјална посета на Загреб.

Милановиќ одговорот го даде на новинарското прашање, што очекуваат тој и Пендаровски од словенечкото претседателство со ЕУ. Во одговорот уште нагласи дека Словенија ќе има тешка задача бидејќи во многу од државите членки во шестмесечниот период ќе се случуваат важни настани кои ќе го одвлекуваат вниманието од Западен Балкан.

Претседателот на Македонија е убеден дека Словенија на вистински начин ќе се заложи за деблокада на евроинтеграцискиот процес.

„Немојте да имате дилеми. Словенија не е Португалија, таа е најдобар адвокат на земјите од Западен Балкан. Словенечките политичари најдобро го познаваат нашиот регион. Не постои друга држава која имала поблиски односи со земјите од Западен Балкан. Имав средби со словенечкиот претседател Борут Пахор, ги знаеме нашите ставови. Но, јасно е дека лавовскиот дел од работата ќе треба да го завршат Скопје и Софија“, рече Пендаровски.

На прашањето за коментар на изјавата на поргугалската државна секратарка за евроспки прашања Ана Паула Захаријаш кога рече дека македонскиот јазик некогаш бил дел од бугарскиот јазик, односно дали уште Пендаровски е на ставот дека е добар предлогот на португалското Претседателство со ЕУ за тргање на бугарското вето, шефот на македонската држава рече дека жали заради таквата изјава на Захаријаш.

„:Од историчари кои се бават со политика, полоши се политичарите кои ја толкуваат историјата. Жалам за изјава на министерка која ги поткопа сите напори на португалскиот шеф на дипломатијата Аугосто Сантош Силва. Добрата вест е дека португалско претседателство заврши, а верувам дека словенчкото Претседателство ќе продолжи со уважување на витални интереси на двете земји“, одговори Пендаровски.

На истото прашање Милановиќ даде поширок коментар:

„Во врска со внатрешни прашања на земјите, можам да одговорам и со поставување на аналогија на проблемот во кој се најде Македонија. Што ќе се случи ако Хрватска го доведе во прашање црногорскиот или бошњачкиот јазик, кои се блиски јазици и на кои се разбираме, а како посебни јазици ги прифативме пред некоја деценија. Па се разбира, не може да се одрекне правото на еден народ на свој јазик. Неморално е да оспорувате нечиј јазик, нечиј идентитет. Јазикот е идентитетот на еден народ. Погрешно е да се влегува во идентитетски прашања за еден народ, држава. Европската Унија  е заедница на народи, на посебни идентитети. Таа изјава на португалската министерка би можел да кажам дека е резултат на незнаење и невнимателност, но мора да се биде внимателен. Тоа пак, прашање, е неважно за Португалија. Еве, јас не би коментирал прашања кои се поврзани со некои односи меѓу Шпанија и Португалија. Македонците се нација, па не стана нација сега! Што побрзо ги сфатиме тие работи, ќе бидеме поблиску до европските вредности“, рече Милановиќ.

Хрвастскиот претседател уште еднаш се осврна на словенечкото Претседателство со ЕУ: 

„Можеби нема да се симнат планини, но верувам дека некој рид ќе се симне“.

На прашањето дали треба да се раздвојат од евроинтеграцискиот процес Албанија и Македонија, Пендаровски рече дека би било себично од нашата држава да се кочи патот на Албанија заради проблемот што го има Македонија со Бугарија.

„Немаме морално право да кажеме, немојте да ја примате Албанија затоа што треба заедно да одиме. Ако Албанија ги исполнува услови, и ако наша блокада оди долго, немаме право да инсистираме на заеднички пристап. Нема да имаме примедба доколку бидеме раздвоени. Но сепак, се надевам дека ќе има пробив на процесот по бугарските избори“, нагласи Пендаровски.

Двајцата претседатели за односите меѓу Македонија и Хрватска рекоа дека се пријателски и без отворени прашања, беше истакната блискоста и поврзаноста низ историјата на народите на секаков план. Најавено беше отворање на Македонски културен центар во Загреб, како и разгледување на можноста за што побврзо вакцинирање против ковид-19 на македонски граѓани кои сезонски работат во Хрватска. 

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе