Милановиќ тоа го изјави како одговор на новинарско прашање и во поглед на Косово додаде дека не е признато дури и од некои земји членки на Европската Унија и НАТО.
Тој нагласи дека ситуацијата не е таква за сега „да се изживуваме врз Србија“ и додаде дека местото на Белград, но и на БиХ, е на Западот.
„Белград треба да реши каде припаѓа, дали во ЕУ или е со Русија од сентиментални причини кои можам да ги разберам, но тоа не е практично. Не е време да се изживуваме врз Србија, туку да им кажеме дека сега е време да се одлучат, сега гори. Не мора да ги осудувате Русите. Тешко е, но разбирам. Ајде да видиме дали припаѓате на Запад или на Исток, сега е време за некои далекусежни пораки. Во овој момент не е продуктивно да се плашат луѓето сo накакви нови судири на Косово и во БиХ. Република Српска не може да се извлече од БиХ, тоа е невозможно, нивното место е на Запад, местото на српскиот народ е на Запад, а не во Русија“, рече Милановиќ.
За БиХ оцени дека „Западот со години ја малтретира, земјата стои, не и се помага туку постојано и се одмагнува со неорганизирана и килава европска бирократија, со европски дипломати надвор од регионот кои не разбираат што се случува таму".
Според хрватскиот претседател, војната во Украина би можела да се избегне ако Европа имала посилна улога и поактивна улога.
Mилановиќ рече дека не се слушнал со претседателот на Украина Володомир Зеленски оценувајќи дека таков разговор никому не би бил од полза.
„Кога неволјите се големи, малите стојат по страна. Не се под масата, но и не танцуваат на масата“, рече Милановиќ.